Ловење на луѓе во светските води
„Ако пак ја објавувам добрата вест, тоа не е причина да се фалам, зашто ми е наметната нужност. Навистина, тешко мене ако не би ја проповедал добрата вест!“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 9:16, NW)
1, 2. а) Кој вистински се соочил со предизвикот изразен во 1. Коринтјаните 9:16, и зошто одговараш така? б) Каква одговорност прифатиле Јеховините сведоци?
КОЈ ВО ОВОЈ 20. век вистински се соочил со предизвикот прикажан во горенаведените Павлови зборови? Кој отишол на милиони во светот за да лови мажи и жени кои се „свесни за своите духовни потреби“? (Матеј 5:3, NW). Кој се наоѓал во опасност од затвор и смрт, и кој претрпел такво нешто во многу земји за да ја исполни Христовата заповед во Матеј 24:14?
2 Одговорот гласи: Јеховините сведоци. Само минатата година преку четири милиони Сведоци оделе од куќа до куќа ‚да ја објават добрата вест‘ во 211 земји и подрачја, на преку 200 јазици. Тоа не било само избрана група оспособени мисионери. Не, сите Јеховини сведоци чувствуваат одговорност да проповедаат и да поучуваат од куќа до куќа и во секоја згодна прилика. Зошто ја чувствуваат таа потреба да ги споделуваат своите уверувања со другите? Затоа што признаваат дека спознанието носи одговорност (Језекиел 33:8, 9; Римјаните 10:14, 15; 1. Коринтјаните 9:16, 17).
Ловењето луѓе – светски предизвик
3. Колку распространето треба да биде делото на ловење?
3 Ова огромно дело на ловење не е ограничено, така да се каже, на некоја река или езеро или на само еден океан. Не, како што Исус заповедал, треба да се спроведе „кај сите народи“ (Марко 13:10). Пред да се вознесе кај својот Татко, Исус им рекол на своите ученици: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот (Матеј 28:19, 20).
4. а) Што сигурно ги изненадило првите Исусови еврејски следбеници? б) Како Јеховините сведоци гледаат на распространетоста на своето проповедничко дело?
4 За Исусовите еврејски следбеници, тоа сигурно бил зачудувачки налог. Тој им кажувал на своите еврејски ученици дека сега ќе мора да одат кај ‚нечистите‘ Пагани од сите нации и да ги поучуваат. Требало донекаде да се прилагодат за да ги обземе влијанието на таа задача и да постапат според неа (Дела на св. апостоли 10:9-35). Но немало друг избор; Исус им кажал во една парабола дека „нивата е овој свет“. Според тоа, Јеховините сведоци денес гледаат на целиот свет како сцена за своите права на риболов. Не постојат „територијални води“ кои го ограничуваат нивниот налог од Бог. Понекогаш, таму кадешто нема верска слобода, е потребна дискреција. Сепак, тие ловат со чувство на итност. А зошто? Затоа што светските настани и исполнувањето на библиските пророштва покажуваат дека се наоѓаме во завршниот дел од светското дело на рибарење (Матеј 13:38; Лука 21:28-33).
Напредок во светското дело на рибарење
5. Каков вид луѓе се одѕиваат на светското дело на рибарење?
5 Повеќето од помазаните наследници на Царството биле „уловени“ меѓу нациите пред 1935, така што нивниот вкупен број во основа е исполнет. Затоа, особено од 1935, Јеховините сведоци бараат понизни луѓе кои би можеле да се опишат како „кротки“ кои „ќе ја наследат земјата“ (Псалми 36:11, 29). Тоа се луѓе кои „жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат“. Тие прават потег во корист на владата на Божјето Царство пред ‚големата неволја‘ да удри врз Сатановиот изопачен и расипан систем на ствари и пред неговите обожаватели да бидат одредени за ‚вжарената печка‘ на конечното уништување (Језекиел 9:4; Матеј 13:47-50; 24:21, ДК).
6, 7. а) Какви чекори биле преземени во 1943 во поглед на делото на проповедање? б) Какви биле резултатите?
6 Дали светското дело на рибарење досега било успешно? Нека зборуваат фактите сами за себе. Во 1943, II Светска војна сѐ уште беснеела, сепак верните помазани браќа во светската централа на Јеховини сведоци во Бруклин, Њујорк предвиделе дека ќе мора да се спроведе огромно светско рибарско дело. И какви чекори биле преземени?a (Откровение 12:16, 17).
7 Во 1943, Друштвото Стражарска кула воспостави мисионерска школа наречена Гилеад (хебрејски: „куп сведоштво“; 1. Мојсеева 31:47, 48) која почна да обучува сто мисионери секои шест месеци за да можат да бидат испратени како симболични рибари ширум светот. Во тоа време имаше само 126.329 Сведоци кои активно ловеа луѓе во 54 земји. За десет години, тие бројки практично скокнаа на 519.982 Сведоци во 143 земји! Секако, школата Гилеад создаваше бестрашни рибари мажи и жени, кои беа спремни да одат во странски култури и да се прилагодат на нови риболовни води. Како резултат на тоа, се одзвале илјадници луѓе со искрено срце. Тие мисионери и месните Сведоци со кои работеа, го положија темелот за прекрасниот пораст кој сега се одвива.
8, 9. а) Кои примери на извонредна мисионерска работа можат да се наведат? б) Како мисионерите виделе извонреден пораст на своите ниви? (Види и Годишник на Јеховините сведоци за 1992.)
8 Многу верни ветерани од тие први класови на Гилеад сѐ уште служат на своите странски задачи, иако сега се преку 70 или 80 години. Еден пример кој типизира многумина од нив се 82-годишниот Ерик Бритен и неговата сопруга, Кристина, кои дипломираа во 15-тиот клас на Гилеад во 1950 и сѐ уште служат во Бразил. Кога отидоа да служат во Бразил, во таа земја имаше помалку од 3.000 Сведоци. Сега има преку 300.000! Секако, ‚малиот постанал силен народ‘ во Бразил, и делото на рибарење било продуктивно (Исаија 60:22, ДК).
9 А што може да се каже за мисионерите во Африка? Повеќето од нив се привикнале на многу поинаква култура и ги засакале африканските народи. Типични се браќата Џон и Ерик Кук и нивните сопруги, Кетлин и Мертл, кои сега служат во Јужна Африка. Џон и Ерик дипломираа во осмиот клас во 1947. Земјите во кои служеа едниот или другиот се Ангола, Зимбабве, Мозамбик и Јужна Африка. Некои мисионери умреа во Африка поради болест, а други поради војна и прогонство, како Алан Бати и Артур Лосон, кои умреа во текот на неодамнешната граѓанска војна во Либерија. Сепак, африканските води се покажаа многу плодни. Сега има преку 400.000 Сведоци низ тој огромен континент.
Сите имаат удел
10. Зошто и на кој начин пионерите вршат пофално дело?
10 Сепак, треба да се признае дека иако бројот на странските мисионери достигна неколку илјади, месните објавители и пионериb бројат на милиони. Тие го вршат главниот дел од делото на проповедање ширум светот. Во 1991 во просек имаше преку 550.000 пионери и патувачки слуги. Каква впечатлива бројка е кога ќе помислиме на сите тие верни Сведоци кои прават посебни напори да учествуваат во големото риболовно дело, а просекот изнесува некаде од 60 до 140 часови проповедање секој месец. Многумина го прават тоа по цена на голема лична жртва и трошок. Но зошто? Затоа што го љубат Јехова својот Бог со сето свое срце, ум, душа и сила, и ги љубат своите ближни како самите себе (Матеј 22:37-39).
11. Кој сигурен доказ за делувањето на Јеховиниот дух постои меѓу неговиот народ?
11 Што можеме да кажеме за преку три и полте милиони други Сведоци кои не се во полновремената служба, но сепак се темелни во Јеховината служба според своите околности? Некои се сопруги, дури и мајки кои се грижат за мали деца, кои сепак посветуваат дел од своето скапоцено време на светското риболовно дело. Многу од нив се сопрузи или татковци со осумчасовна световна работа; сепак, одвојуваат време во викендите и навечер за да ја проучуваат за вистината со непознати. А тука е и големото мноштво на самци мажи и жени и млади кои учествуваат во проповедањето и кои ја препорачуваат вистината со своето однесување. Која друга религиозна група има преку четири милиони неплатени доброволци кои секој месец ја проповедаат добрата вест за владата на Божјето Царство? Секако тоа е доказ за делувањето на Јеховиниот дух! (Псалми 68:11, NW; Дела на св. апостоли 2:16-18; спореди Захарија 4:6).
Фактори кои придонесуваат за порастот
12. Зошто, и во кој број луѓето се одѕиваат на виситината?
12 Тоа огромно дело на проповедање секоја година донесува извонредни резултати. Во 1991 се крстија преку 300.000 нови Сведоци со потполно подронување под вода. Тоа е еднакво на преку 3.000 собранија од по 100 Сведоци! Како е постигато сето тоа? Да се потсетиме на она што го рекол Исус: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот . . Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога [Јехова] научени‘. Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа при Мене“. Според тоа, никој не се одзива на светското рибарење само поради човечки труд. Јехова ја забележува состојбата на срцето и кон себе ги привлекува оние кои се достојни (Јован 6:44, 45; Матеј 10:11-13; Дела на св. апостоли 13:48).
13, 14. Кои добри ставови покажале многу Сведоци?
13 Меѓутоа, човечките рибари се застапници кои Јехова ги користи за да ги привлече луѓето кон себе. Затоа, важен е нивниот став спрема луѓето и подрачјето кадешто ловат. Колку е охрабрувачки да се види дека огромното мнозинство ги зело при срце Павловите зборови до Галатјаните: „Затоа да не попуштиме да го правиме она што е примерно, зашто во свое време ќе жнееме ако не се умориме“ (Галатјаните 6:9, NW).
14 Мнозина верни Сведоци сведочеле со децении додека внимателно го набљудувале развојот на светските настани. Тие го виделе подемот и падот на нацизмот, фашизмот и други тоталитарни системи. Некои биле сведоци на многуте војни кои се случиле од 1914. Виделе како светските водачи ги ставиле своите надежи во Лигата на народите, а потоа во Обединетите Нации. Виделе како Јеховиното дело било забранувано, а потоа легализирано во многу земји. Низ сето тоа, Јеховините сведоци не престанале да го прават она што е добро, вклучувајќи го и тоа да служат како рибари на луѓе. Какво извонредно досие на беспрекорност! (Матеј 24:13).
15. а) Која помош ја имаме за прилагодување на потребите на нашето подрачје ширум светот? б) Како овие помошни средства ти помогнале во твојата задача?
15 Постојат и други фактори кои придонеле за овој пораст ширум светот. Еден е прилагодливиот став на човечките рибари спрема потребите на подрачјето. Со мигрирање на народи од различни култури, религии и јазици, Јеховините сведоци го прошириле своето сфаќање за овие различни гледишта. А собранието ширум светот многу помогнало во подготвувањето на Библии и библиска литература на преку 200 јазици. Преводот Нов свет превод на светите Писма (New World Translation of the Holy Scriptures), во целост или делумно, сега е достапен на 13 јазици, вклучувајќи го на чешки и словачки. Брошурата Радувај се засекогаш на животот на Земјата! сега е достапна на 195 јазици, од албански до тахиќански со тираж од 62 милиони примероци. Книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел е веќе преведена на 59 јазици. Книгата Потрагата на човештвото по Бог (Mankind’s Search for God), преведена на 30 јазици, дава увид во потеклото и верувањата на главните религиозни системи на светот и се покажува како единствено средство во светскиот риболов.
16. Како некои се одѕвале на потребите во други земји?
16 Што друго го унапредило светското дело на рибарење? Илјадници биле спремни да се оѕвијат на ‚македонскиот повик‘. Како што Павле бил спремен на Божјиот повик од Мала Азија да се пресели во Македонија, во Европа, така многу Сведоци се преселиле во земји и подрачја кадешто има поголема потреба од проповедници на Царството, како и од старешини и слуги помошници. Тие биле како дословни рибари кои откриваат дека нивните месни води се добро изрибарени, па се преселуваат во води кадешто има помалку кораби, а риби има во изобилство (Дела на св. апостоли 16:9-12; Лука 5:4-10).
17. Какви примери имаме за оние кои се одѕвале на ‚македонскиот повик‘?
17 Последните класови на мисионерската школа Гилеад вклучуваа и студенти од различни европски земји кои научиле англиски, а потоа се понудиле за служба во други земји и култури. На сличен начин, преку Школата за оспособување на слуги, на многу неоженети браќа им се дава два месеци интензивна обука, а потоа се испраќаат во други нации да ги зајакнат собранијата и покраините. Други посебни подрачја на риболов се подрачјата кои сега се отвораат во Источна Европа и поранешните советски републики. (Спореди Римјаните 15:20, 21.)
18. а) Зошто пионерите обично се делотворни слуги? б) Како можат на другите да им помогнат во собранието?
18 Додатно помошно средство во рибарското дело ширум светот е Школата за пионерска служба која ја посетуваат општите пионери. Со двонеделното обработување на публикацијата Светлете како светилки во светот (Shining as Illuminators in the World), подготвена исклучиво за пионери, тие ја подобруваат својата способност за службата додека обработуваат теми како што се: „Следење на патот на љубовта“, „Следи го Исус како пример“ и „Развивање на уметноста на поучување“. Колку се благодарни сите собранија што ги имаат тие екипи на оспособени риболовци од куќа до куќа кои можат да поучат мнозина во ова големо дело на рибарење (Матеј 5:14-16; Филипјаните 2:15; 2. Тимотеј 2:1, 2).
Можеме ли да се подобриме?
19. Како можеме ние, како апостолот Павле, да се подобриме во нашата служба?
19 Како Павле, сакаме да имаме позитивен и далековиден став (Филипјаните 3:13, 14). Тој се прилагодувал на секакви видови луѓе и околности. Знаел како да најде заеднички јазик и како да расудува на темел на месните ставови и култури. Можеме да започнеме библиски студии ако внимаваме како некој реагира на пораката за Царството и потоа нашиот настап го прилагодиме на потребите на станарот. Со широката разновидност на помошни средства за библиски студии што ги имаме, можеме да го понудиме она што одговара на сфаќањето на поединецот. Нашата флексибилност и внимателност се исто така важни фактори за плодното ловење (Дела на св. апостоли 17:1-4, 22-28, 34; 1. Коринтјаните 9:19-23).
20. а) Зошто нашето рибарско дело сега е толку важно? б) Која е нашата одговорност како поединци сега?
20 Зошто ова единствено светско дело на рибарење е толку важно сега? Затоа што од библиските пророштва што се одразени во настаните кои се случиле и кои се одвиваат, јасно е дека Сатановиот светски систем се движи кон катастрофална кулминација. Тогаш, што треба ние, Јеховините сведоци, да правиме? Трите студиски статии во ова списание ја истакнаа нашата одговорност да бидеме работливи и ревносни во нашата активност на рибарење во нашиот дел од светските води. Ја имаме цврстата гаранција од Библијата дека Јехова нема да ја заборави нашата марлива рибарска активност. Павле изјавил: „Бог не е неправеден да би го заборавил вашето дело и љубовта што ја покажавте спрема неговото име, со тоа што им служевте на светите и уште им служите. Но сакаме секој од вас да ја покажете истата работливост за да ја имате потполната сигурност на надежта до крајот“ (Евреите 6:10-12, NW).
[Фусноти]
a Види и Откривење — близу је величанствени врхунац!, стр. 185 и 186, издадена од Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци.
b „Пионерски објавител . . . полновремен работник на Јеховините сведоци“ (Webster’s Third New International Dictionary).
Се сеќаваш ли?
◻ Зошто Јеховините сведоци гледаат на целиот свет како на сцена за своите рибарски активности?
◻ Каков благослов била мисионерската школа Гилеад за делото на рибарење?
◻ Кои се некои од факторите кои придонеле за успехот на Јеховините сведоци?
◻ Како можеме лично да се подобриме во нашата христијанска служба?
[Табела на страница 24]
РЕЗУЛТАТИ ОД МЕЃУНАРОДНИОТ РИБОЛОВ
Година Земји Сведоци
1939 61 71.509
1943 54 126.329
1953 143 519.982
1973 208 1.758.429
1983 205 2.652.323
1991 211 4.278.820
[Слика на страница 25]
Делото на сведочење сѐ уште се врши меѓу галилејските рибари