Прашања од читателите
Како треба еден христијанин да гледа на ловот и риболовот?
Библијата не ги осудува ловот и риболовот (5. Мојсеева 14:4, 5, 9, 20; Матеј 17:27; Јован 21:6). Сепак, христијаните што одат на лов треба да размислат за неколку библиски начела.
Бог им дозволил на Ное и на неговите потомци да ги убиваат и да ги јадат животните, под услов прво да ги остават добро да искрвават (1. Мојсеева 9:3, 4). Од оваа заповед се гледа дека животот на животното требало да се почитува бидејќи потекнува од Бог. Затоа, за христијаните ловот не е ниту спорт ниту обична забава, без никакво ценење за животот (Изреки 12:10).
Треба да се размисли за уште една работа поврзана со ставот. Апостолите кои биле рибари веројатно се радувале на голем улов. Сепак, Библијата со ништо не покажува дека се фалеле со својот успех или дека оделе на лов и риболов за да се натпреваруваат со другите, за да ја докажат својата машкост или за да ја доживеат возбудата што се чувствува кога се гони, фаќа или убива некое животно (Псалм 11:5; Галатите 5:26).
Затоа, да се запрашаме: ‚Дали го почитувам Јеховиното гледиште за животот? Дали размислувам и зборувам само за ловот и риболовот? Дали со мојот живот покажувам дека многу уживам да ловам риби и животни, или, пак, покажувам дека му служам на Бог? Дали додека сум на лов или на риболов се дружам со лица што не се Јеховини сведоци или, пак, поради нив го запоставувам моето семејство?‘ (Лука 6:45).
Некои од оние што ловат риби или животни за да се прехранат можеби си мислат дека е оправдано да ги запостават христијанските активности кога е сезона на лов и риболов. Меѓутоа, покажуваме вера и доверба во Бог кога не дозволуваме ништо да ни застане пред духовните работи (Матеј 6:33). Освен тоа, христијаните се послушни на сите закони „на цезарот“ во врска со ловот и риболовот, независно од тоа дали властите ги спроведуваат или не (Матеј 22:21; Римјаните 13:1).
За да се подложат на Јеховиното гледиште за ловот и риболовот, некои можеби ќе треба да го усогласат своето размислување со Јеховините мерила (Ефешаните 4:22-24). Од друга страна, пак, ние треба да ги почитуваме совесните одлуки на другите. Во врска со ова, апостол Павле дал еден многу добар совет: „Повеќе да не се осудуваме еден со друг, туку подобро решете да не ставате пред братот нешто поради кое би можел да се спрепне или да се сопне“ (Римјаните 14:13). Таквата несебична љубов и почит придонесуваат за мир во собранието и го радуваат нашиот Творец, кој е Извор на животот (1. Коринќаните 8:13).a
[Фуснота]
a Види и „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 1 септември 1990 год.