ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 2/09 стр. 14-16
  • Марс одблизу

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Марс одблизу
  • Разбудете се! 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Истражувања на црвената планета
  • Роверите Спирит и Опортунити
  • „Геолози“ на Марс
  • Еден робот го истражува Марс
    Разбудете се! 1998
  • Науката беше моја религија
    Разбудете се! 2004
  • Дали Бог престојува на едно место?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Содржина
    Разбудете се! 2009
Разбудете се! 2009
g 2/09 стр. 14-16

Марс одблизу

ВО АВГУСТ 2003 год., Марс се најде на 56 милиони километри од Земјата — најкраткото растојание помеѓу овие две планети во последниве 60-ина илјади години. Приближувањето на црвената планета им даде прекрасна можност на астрономите да ја набљудуваат.

До почетокот на 2004 год., на Марс пристигнаа голем број вселенски летала. Некои од нив ја проучуваа планетата на самата површина, а други од нејзината орбита. До какви сознанија дојдоа научниците преку овие мисии?

Истражувања на црвената планета

Во 1997 год., во орбитата на Марс влезе орбитерот MGS (во превод: Глобален набљудувач на Марс), кој откри дека оваа планета некогаш имала силно магнетно поле. Ова вселенско летало прецизно ја документира топографијата на Марс, при што, меѓу другото, се откри дека висинската разлика помеѓу најниската и највисоката точка на површината на оваа планета изнесува нешто повеќе од 29 километри, во споредба со Земјата, каде што оваа разлика изнесува 19 километри.a

Најниско место на Марс е огромниот басен Хелас, кој, по сѐ изгледа, настанал при судир со некој гигантски астероид, а највисока точка е врвот на вулканот Олимпус Монс (околу 21 километар). Камерата со која е опремен MGS регистрира карпи кои, по груба проценка, се широки повеќе од 18 метри, како и огромни подвижни песочни дини и свежо избраздени каналчиња. Со помош на друг инструмент, беше утврдено дека повеќето карпи на површината имаат вулканско потекло.

Во ноември 2006 год., врската со MGS беше прекината, но црвената планета продолжија да ја набљудуваат три орбитери — Марс Одисеј 2001, Марс Експрес и Марс Реконесенс Орбитер.b Користејќи поусовршени камери и детектори, овие летала ја испитуваа атмосферата на Марс и неговата околина. Тие открија огромна количина мраз на северниот пол од планетата, а податоците ги внесоа на картата од Марс.

Овој мраз е главна цел на мисијата на леталото Феникс, кое, на 25 мај 2008 год., успешно се спушти на црвената планета. Тоа е опремено со високотехнолошки инструменти за анализа на атмосферата и на трајно смрзнатата поларна област. Научниците се надеваат дека ќе дознаат дали во ова тло некогаш живееле микроби. Меѓутоа, потрагата по жив свет — или барем по услови поволни за живот — започна порано.

Роверите Спирит и Опортунити

Сондите Спирит и Опортунити се спуштија на Марс во јануари 2004 год. Местата на кои требаше да слетаат беа избрани врз основа на податоците собрани од претходните мисии. Секој од овие ровери има должина од околу 1,5 метар и тежина од околу 175 килограми. Нивното спуштање низ атмосферата на Марс беше забавено со помош на топлотни штитови, падобрани и ракети. При слетувањето, неколкупати се одбија од површината, заштитени со воздушни перничиња, слично како и нивниот помал претходник Марс Патфајндер во 1997 год.c

Вкупната површина на Марс е приближно иста со површината на сите континенти на Земјата заедно, што значи дека подрачјето за истражување е големо. Местото избрано за роверот Опортунити беше Меридијани Планум, висорамнина на која има стари седиментни карпи што содржат хематит — минерал богат со железо. Спирит слета на другата страна од Марс за да ги истражува длабочините на џиновскиот кратер Гусев, за кој многу истражувачи сметаат дека некогаш бил езерско дно. Како што потврдува и еден документ што го изготви НАСА, целта на оваа двојна мисија беше „да се процени какви услови владееле во минатото на местата кои можеби биле влажни и поволни за живот“.

„Геолози“ на Марс

На 4 јануари 2004 год., Спирит пристигна на својата дестинација — пуста карпеста област со плитки кружни депресии. Роверот, како да е жив геолог, го проучуваше местото, испитувајќи разни примероци од почвата, карпите и од други делови од површината. Научниците што управуваа со Спирит утврдија дека местото каде што слета ова возило е прекриено со вулкански карпи и изрешетано од метеори. На околу 2,5 километри од него, имаше неколку мали ритчиња, каде што роверот откри карпи со необична форма и испакнатини од седиментни карпи кои можеби имаат вулканско потекло.

Во меѓувреме, на 25 јануари 2004 год., откако пропатува 456 милиони километри, Опортунити се спушти на само 25 километри од планираната дестинација. Заштитен со воздушни перничиња, повеќепати отскокна од површината на Меридијани и се стркала директно во еден мал кратер. Да сакавме да се спушти таму немаше да успееме!

Опортунити испитуваше неколку кратери во кои имаше седиментни карпи кои содржат топчиња богати со хематит, наречени боровинки. Иако не се сини, нивната сива боја е во силен контраст со црвеникавата боја на почвата и карпите. Шарите на некои слоеви од карпите многу наликуваат на песочни наноси во река. Според некои научници, овие шари, како и присуството на хлор и бром во некои карпи, покажуваат дека тука некогаш имало солена вода.

Во текот на мисијата на лендерот Феникс 2008, беа собрани додатни информации за површината на Марс, особено за областа прекриена со мраз. Со својата „рака“, овој робот зеде примероци од мразот и од земјата, кои потоа ги анализираше во двете свои „лаборатории“. Меѓутоа, како што беше и планирано, мисијата ќе трае кратко време бидејќи, како што објаснува списанието Science, само неколку месеци откако ќе ја заврши својата задача, марсовската зима ќе го завее, и Феникс ќе се најде „под густ нанос од смрзнат јаглерод диоксид“.

Тоа што научниците можат да истражуваат други планети на оддалеченост од неколку стотици милиони километри покажува што сѐ е можно кога луѓето се спремни да соработуваат и имаат заедничка цел. Ваквите достигнувања се резултат и на човековата досетливост. Се разбира, вселенските истражувања, како и науката воопшто, се возможни само поради непроменливите физички закони во вселената. Овие закони не настанале случајно. Нив ги поставил Величествениот Архитект на вселената, Јехова Бог.

[Фусноти]

a Станува збор за висинската разлика помеѓу дното на Маријанскиот Ров во Тихиот Океан и врвот на Монт Еверест.

b Марс Одисеј 2001 и Марс Реконесенс Орбитер ги лансира НАСА, а Марс Експрес го лансира Европската вселенска агенција (ESA).

c Види ја статијата „Еден робот го истражува Марс“ во Разбудете се! од 8 октомври 1998.

[Рамка/слика на страница 16]

ПОСТОИ ЛИ ЖИВ СВЕТ НА МАРС?

Сер Вилијам Хершел и Персивал Ловел, астрономи од 18 и 19 век, тврделе дека црвената планета врие од интелигентни суштества — идеја што се раширила уште повеќе со појавата на Дарвиновата теорија на еволуција. Меѓутоа, се покажува дека ваквите тврдења се сосема неосновани. Сателитските снимки открија дека Марс е пуста планета чија тенка атмосфера содржи претежно јаглерод диоксид. Експериментите што, во 1976 год., ги изврши лендерот Викинг 1, не открија никакви траги од жив свет на површината на Марс.d

Сепак, научниците и понатаму трагаат по знаци за живот. Потврда за тоа е испраќањето на лендерот Феникс. Бидејќи некои микроби можат да преживеат во екстремни услови на Земјата, научниците мислат дека можеби слични микроорганизми постојат и на некои места на Марс. Лендерот Бигл 2, кој претходно беше прикачен на орбитерот Марс Експрес, имаше опрема за испитување на органски супстанции во почвата на Марс, но неговото приземјување при крајот на 2003 год. беше неуспешно. Следната година научниците открија присуство на метан во атмосферата на Марс, што даде повод за разни шпекулации околу потеклото на овој гас, имено дали е биолошко или вулканско.

Дали животот може да настане случајно на кое и да било место во вселената? Одговорот што го дава Библијата гласи: „Во [Бог] е изворот на животот“ (Псалм 36:9). Неоспорно е дека живот може да настане само од живот, а оној што прв го создал животот е нашиот Творец, Јехова Бог (Дела 17:25).

[Фуснота]

d Види во српското издание на Разбудете се! од 22 ноември 1999, на страници 14-17.

[Извор на слика]

NASA/JPL/Cornell

[Слика на страница 15]

Роботската „рака“ на лендерот Феникс, опремена со лопатка, сонда и камера

[Слика на страница 15]

Фотографија од „боровинките“ на која се засилени боите

[Слика на страница 15]

Згаснатиот вулкан Олимпус Монс, висок околу 21 километар

[Слика на страница 15]

Роверот Спирит ја дупчеше и ја стружеше површината на оваа карпа

[Извори на слики на страница 15]

Горе лево: NASA/JPL-Caltech/University of Arizona/Texas A&M University; горе десно: NASA/JPL/Malin Space Science Systems; долу лево и десно: NASA/JPL/Cornell

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели