ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/1 стр. 18-21
  • Науката беше моја религија

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Науката беше моја религија
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Мало дете импресионирано од вселената
  • Промена на насоката — а потоа и други промени
  • Правам карти на Марс и се поставуваат прашања
  • Тргнувам во нова насока
  • Постојано трагање по вистината
  • Вера наспроти лековерност
  • Да се помират науката и религијата
    Разбудете се! 2002
  • Како настанале универзумот и животот?
    Разбудете се! 2002
  • Зошто веруваме во Творец
    Разбудете се! 2006
  • Науката — постојана потрага на човештвото по вистината
    Разбудете се! 1993
Повеќе
Разбудете се! 2004
g04 8/1 стр. 18-21

Науката беше моја религија

РАСКАЖАЛ КЕНЕТ ТАНАКА

„ВИСТИНАТА ќе ве ослободи.“ Овие зборови, кои се наоѓаат на еден од печатите на калифорнискиот Институт за технологија, ме поттикнаа да стекнам највисок степен на научно спознание. На овој институт се запишав во 1974 година и со тоа ми се отвори пат да се занимавам со научно⁠-​истражувачка дејност. Откако дипломирав и магистрирав на отсекот за геологија, продолжив со студиите на Универзитетот Калифорнија во Санта Барбара.

Додека напредував како научник, и моите духовни гледишта и вредности минаа низ длабоки промени. Иако тоа што бев поучуван за теоријата на еволуцијата го потисна верувањето во Бог, подоцна бев присилен да ги преиспитам моите гледишта. Како дојде до тоа јас, геолог и истражувач, да станам и оддаден обожавател на Бог? Дозволете ми да Ви објаснам.

Мало дете импресионирано од вселената

Науката почна да ме фасцинира уште на рана возраст. Додека растев во Сиетл (Вашингтон, САД), родителите ми даваа силен поттик да стекнам највисоко академско образование. Уживав да читам за вселената — за составните елементи на материјата и животот, за фундаменталните сили, за просторот, за времето и за теоријата на релативитетот. Кога имав отприлика осум години, другите забележаа дека науката многу ме фасцинира и училиштето ми одреди наставник што секоја седмица ми држеше приватни часови по наука.

Го посетував неделното училиште на една баптистичка црква, но главно со цел да можам да одам на планинарење и на кампување. Никој друг од семејството не се интересираше ниту за религија ниту за Бог. Кога научив повеќе за историјата и за ѕверствата што ги извршила религијата, совеста ме натера да престанам со црковните активности. Почнав да се сомневам и во постоењето на Бог, бидејќи изгледаше дека науката може да објасни скоро сѐ.

Промена на насоката — а потоа и други промени

Се запишав на факултет со намера да студирам физика, но последната година од средно училиште земав предмет геологија. Во склоп на тој предмет имавме екскурзии до познати места во државата Вашингтон, каде што од под површината на земјата избиваа карпести формации. Си мислев: ,Колку само би било убаво да ја комбинирам мојата љубов кон природата со мојата љубов кон науката!‘

Затоа, штом тргнав на факултет, веднаш ја променив насоката и се префрлив на отсекот за геологија. Некои од предметите што ги слушав вклучуваа изучување на геолошките етапи и историјата на планетата Земја врз основа на фосилните записи. Во врска со фосилните записи, учевме дека разните видови живи суштества еволуирале. Колку што разбрав, еволуцијата не беше сосема докажана. Сепак сметав дека, како теорија, еволуцијата нуди разумно објаснување на достапните геолошки докази, особено во споредба со популарниот креационизам. Кога чув дека ќе се води дебата на факултетот помеѓу креационистите и еволуционистите, одлучив да не одам. Беше очигледно дека Земјата не е создадена за помалку од една недела — како што тврдат некои креационисти!

И покрај тоа што имав цврсти антирелигиозни уверувања, моите патувања за да ја изучувам геологијата на југозападниот дел на Соединетите Држави ме натераа да го преиспитам своето размислување во врска со постоењето на Бог. Додека во ноќите ја набљудував величествената панорама што можеше да се види на ведрото пустинско небо, не можев а да не дојдам до заклучок дека вселената мора да ја создал Бог. Астрономите веќе потврдија дека универзумот имал почеток, но сфаќав дека никогаш нема да има потполно научно објаснување за тоа зошто настанала вселената. Изгледаше разумно да се верува дека некој интелигентен, моќен Творец ја осмислил и ја создал вселената во која постоиме.

Правам карти на Марс и се поставуваат прашања

Пред да докторирам на отсекот за геологија во 1983, кога имав 27 години, правев геолошки карти на Марс за U.S. Geological Survey (американска владина организација која изработува детални карти). Оттогаш имам објавено десетици статии и карти од областа на планетарната геологија, како за научници така и за пошироката публика. Служејќи како член на советодавните одбори за Американската национална управа за аеронаутика и вселенски истражувања (НАСА), обезбедував стручна помош во мисиите на вселенските бродови на Марс. Преку моето истражување и професионални одговорности, запознав ценети планетолози од многу земји, универзитети и истражувачки институти.

Сето тоа образование и искуство во истражувањето постепено го исправи идеалистичкото гледиште за науката што го имав во детството. Сфатив дека науката ги нема и никогаш нема да ги има одговорите на сите прашања. Посебно увидов дека науката не дава никаква трајна смисла ниту цел во животот. Според моменталните научни гледишта се предвидува дека универзумот или ќе се собере или ќе се распадне во некаква безлична маса. Ако крајната судбина е непостоење, каква би била смислата на постоењето?

Тргнувам во нова насока

Во септември 1981, кога живеев во Флагстаф (Аризона), дојдов во контакт со Јеховините сведоци. Се согласив на библиска студија со цел да им докажам дека тие и Библијата не се во право. Исто така, тоа ми беше прилика конечно да видам што навистина содржи Библијата.

По неколку часа седмично внимателно ги испитував библиските учења. На мое изненадување, на страниците на Библијата најдов богато спознание и длабок увид. Бев воодушевен кога ја истражував научната точност на Библијата и исполнувањето на стотици детални пророштва што се однесуваа на настаните кои се случувале во текот на илјадниците години од човечката историја. Особено бев импресиониран од тоа како поврзаноста на повеќе библиски пророштва — во книгите Даниел и Откровение — дава цврста основа да се заклучи дека живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1).

Не бев свесен дека со тоа што ја проучувам Библијата одам по трагите на еден истакнат човек. Подоцна дознав дека сер Исак Њутн, кој се смета за еден од најголемите научни гении на сите времиња, ја ценел и интензивно ја истражувал Библијата. Исто како Њутн, се сосредоточив на пророштвата од книгите Даниел и Откровение, кои претскажале значајни историски настани што веќе се случиле.a Меѓутоа, јас ја имав посебната предност да живеам за време на и по исполнувањето на многуте пророштва што се оствариле по смртта на Њутн. Открив дека овие пророштва се неверојатно разнообразни и сеопфатни, како и непогрешни и непобитни. Како да ми се отворија очите кога сфатив дека целата Библија, која ја запишале повеќе од 40 луѓе во период од 1.600 години, содржи внатрешно доследна, складна и силна порака за важните спорни прашања со кои се соочува човештвото, како и за неговата иднина.

Меѓутоа, не ми беше баш лесно да се откажам од моето верување во еволуцијата. Ја почитував тежина на авторитетот на научниците што ја застапуваа оваа теорија. Сепак, открив дека сите библиски изјави во врска со физичкиот свет се сосема во склад со познатите факти и дека не можат да се побијат.

Со текот на времето сфатив дека, за човек да постигне потполно, складно разбирање на опсежната и меѓусебно поврзана содржина на Библијата, не може да отфрли ниту едно учење, вклучувајќи го и извештајот за создавањето од книгата Битие. Така увидов дека единствен логичен заклучок е дека целокупната Библија треба да се прифати како вистинита.

Постојано трагање по вистината

Во меѓувреме, додека имав удел во научните истражувања, увидов дека многу често разни теории биле општо прифатени извесно време, а подоцна се докажало дека не биле точни. Меѓу другото, за научниците е предизвик тоа што нашите предмети на истражување се комплицирани, а податоците и средствата што се користат во истражувањето се ограничени. Затоа научив да бидам претпазлив кога треба да се прифатат како факти недокажани теории, без оглед на тоа колку внимателно биле формулирани.

Реално гледано, науката не може да објасни многу основни аспекти на светот што нѐ опкружува. На пример, зошто составните елементи на животот и физичките закони што управуваат со нив се совршено усогласени за да ги поддржуваат сложените животни процеси и екосистеми? Науката не може да ни го открие Бог, но Божјата инспирирана Реч дава реални докази за неговото постоење и активности како Творец (2. Тимотеј 3:16). Со тоа духовно спознание можеме да го запознаеме Оној од кого потекнуваат моќта, мудроста и убавината што се гледаат во нашиот физички свет.

Тоа што грижливо проучував различни публикации на Јеховините сведоци, вклучувајќи ги и книгите Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање? и Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, уште повеќе ја зајакна мојата увереност дека Библијата е научно точна. Во овие публикации се анализирани длабоки научни теми што даваат длабок увид во тековните истражувања и заклучоци на водечки експерти. Освен тоа, во нив се дискутира за складноста помеѓу познатите научни факти и исправното разбирање на Библијата.

На пример, покажано е дека фосилните записи се во согласност со општиот редослед на појавување на живите облици, кој е изнесен во книгата Битие. Освен тоа, еден ден на создавање, како што го разбирале луѓето од старо време, може да означува епоха со подолго траење, исто како што во науката се користат термините „период“ и „ера“ за да се опише историјата на Земјата. Значи, Библијата воопшто не е во судир со научните откритија. Таа покажува дека деновите на создавање траеле со еони. Не го поддржува заклучокот на креационистите, кои веруваат дека секој од тие денови бил долг 24 часа.

Вера наспроти лековерност

Бидејќи сум научник, не ми се допаѓа лековерноста. Но, длабоко ја почитувам верата што има цврсти темели. За таквата сигурна вера е дадена дефиниција во Евреите 11:1: „Верата е осигуреното очекување на она на кое човек се надева, јасното докажување на стварности иако не се гледаат“. Довербата во Божјите ветувања се темели на утврдени докази дека Библијата е инспирирана од Бог. Сфатив дека треба да ги отфрлам вообичаените но неосновани религиозни доктрини што се спротивни на Писмото. Во нив спаѓаат учењата за бесмртна душа, пеколен оган, тројство и други. Многу од тие погрешни доктрини водат потекло од древната филозофија и митологија или произлегуваат од слабото познавање на Библијата. Прифаќањето на лажни учења довело до ,слепа вера‘ што ја практикуваат повеќето верници денес, поради што многу научници немаат големо ценење за религијата.

Една од моите првенствени одговорности како научник беше да ги дефинирам, да ги одбранам и нашироко да ги обзнанам моите истражувачки откритија. На сличен начин, чувствував обврска да ги поучувам другите за библиската вистина, бидејќи ниедно друго спознание не може да биде поважно од тоа. Пред 20-ина години започнав со оваа наградувачка активност и потоа се крстив како Јеховин сведок. Потоа, во септември 2000, успеав да го зголемам моето учество во проповедничката активност на просечно 70 часа месечно. Оттогаш имав предност секој месец да водам библиски студии со десет заинтересирани лица и дочекав да видам како неколку од нив и самите стануваат ревносни учители на Библијата.

Сѐ уште уживам во истражувањето на Марс и на другите делови на вселената преку „очите“ на едно модерно вселенско летало што е испратено да го истражува нашето соседство на небото. Многу мистерии и понатаму претставуваат предизвик за науката. Со душа го чекам времето во иднина кога човековата потрага по духовно и научно спознание ќе ја задоволи нашата љубопитност и ќе даде одговор на нашите најдлабоки прашања. Сфатив дека вистинската смисла на животот доаѓа од точното спознание за Бог и за неговите намери со човештвото што, всушност, е вистинското значење на Исусовите зборови врежани на еден од печатите на калифорнискиот Институт за технологија: „Вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).

[Фуснота]

a Во својата книга Observations Upon the Prophecies of Daniel, and the Apocalypse of St. John, објавена во 1733, сер Исак Њутн ги разработил пророштвата од библиските книги Даниел и Откровение.

[Истакната мисла на страница 19]

„Изгледаше дека науката може да објасни скоро сѐ“

[Истакната мисла на страница 20]

„Науката ги нема и никогаш нема да ги има одговорите на сите прашања“

[Истакната мисла на страница 21]

„На страниците на Библијата најдов богато спознание и длабок увид“

[Карти на страница 18]

Карта на Марс

[Слики на страница 20]

Исто како Њутн, бев импресиониран од библиските книги Даниел и Откровение

[Извор на слика]

Универзитетот Флорида

[Слика на страница 21]

Им го пренесувам на другите она што го научив од Библијата

[Извори на слики на страница 18]

Горе лево: Со љубезна дозвола на USGS Astrogeology Research Program, http://astrogeology.usgs.gov; карта на Марс: National Geographic Society, MOLA Science Team, MSS, JPL, NASA; површина на Марс: NASA/JPL/Caltech

[Извор на слика на страница 21]

Фотографија на вселената: J. Hester and P. Scowen (AZ State Univ.), NASA

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели