Што вели Библијата
Кремирање — треба ли да биде спорна тема?
Некои сметаат дека кремирањето, т.е. претворањето на еден леш во пепел со спалување, го обесчестува и покојникот и неговото тело. Тие веруваат дека ова е пагански обичај и дека затоа не е соодветен за некој што тврди дека е Божји слуга. Други, пак, мислат дека кремирањето е сосема прифатлив и достоинствен начин да се отстранат посмртните останки. Што мислиш ти?
ВО БИБЛИСКИ времиња било вообичаено мртвите да се погребуваат. На пример, Авраам ја погребал својата жена Сара во пештера. Телото на Исус било положено во гроб издлабен во карпа (1. Мојсеева 23:9; Матеј 27:60). Дали Библијата вели дека закопот е единствен начин на кој треба да се отстрануваат посмртните останки? Дали Божјите древни слуги биле против кремирањето?
Дали Бог го одобрува кремирањето?
Има многу библиски стихови кои навидум укажуваат на тоа дека кремирањето било казна од Бог. На пример, според Мојсеевиот закон, ако ќерката на еден Јеховин свештеник станела блудница, требало да биде погубена, а потоа „изгорена во оган“ (3. Мојсеева 20:10; 21:9). Или, кога претрпеле пораз кај Гај поради непослушноста на Ахан и на неговото семејство, Израелците ги каменувале овие свои сонародници, и потоа ‚ги изгореле во оган‘ (Исус Навин 7:25). Некои изучувачи мислат дека вака се постапувало со лица кои умирале презрени и дека кремирањето ги лишувало злосторниците од она што се сметало за пристоен погреб.
Исто така, кога цар Јосија се обидел да го искорени идолопоклонството во Јуда, ги отворил гробовите на свештениците кои му принесувале жртви на Ваал и ги изгорел нивните коски врз Вааловите жртвеници (2. Летописи 34:4, 5). Дали ваквите примери покажуваат дека Бог не ги одобрува покојните чии посмртни останки се кремираат? Доказ дека ваквата идеја е погрешна е следниов библиски извештај.
Откако го поразиле израелскиот цар Саул, Филистејците го обесиле неговото тело и телата на неговите три сина на ѕидот од градот Вет-Сан. Но, откако жителите на Јавис-Галад чуле за тоа, ги симнале нивните тела, ги запалиле и, на крајот, им ги закопале коските (1. Самоилова 31:2, 8-13). На прв поглед, изгледа дека овој извештај ја потврдува негативната претстава за кремирањето бидејќи Саул бил злобен — се борел против Давид, Јеховиниот помазаник, и умрел како Божји непријател.
Меѓутоа, забележи кој умрел заедно со Саул. На ист начин се постапувало и со телото на неговиот син Јонатан, кој не бил лош човек. Напротив, тој му бил најблизок пријател и сојузник на Давид. За Јонатан, Израелците рекле: „Тој дејствуваше со Бога“ (1. Самоилова 14:45, Превод на МПЦ). Кога Давид дознал што направиле жителите на Јавис-Галад, ги пофалил и им се заблагодарил, велејќи: „Нека ве благослови Јехова, зашто му покажавте милост на својот господар Саул“. Очигледно е дека тоа што телата на Саул и на Јонатан биле изгорени не го вознемирило Давид (2. Самоилова 2:4-6).
Не е пречка за воскресение
Библијата јасно ни кажува дека Јехова Бог ќе воскресне многу луѓе што умреле (Проповедник 9:5, 10; Јован 5:28, 29). Зборувајќи за времето кога мртвите ќе оживеат, во библиската книга Откровение е дадено следново пророштво: „Морето ги предаде мртвите што беа во него, и смртта и гробот ги предадоа мртвите што беа во нив“ (Откровение 20:13). Ова покажува дека, при воскресението, на Бог ќе му биде сеедно дали нечие тело било погребано, запалено, потонато во море, растргнато од диви ѕверови или разнесено од атомска бомба.
Библијата не дава конкретни упатства за тоа што да се прави со телата на покојните. Јехова не го осудува кремирањето. Се разбира, погребите треба да бидат достоинствени.
Меѓутоа, кога се планира погреб, треба да го земеме предвид ставот кон погребните обичаи онаму каде што живееме. Ако ги следиме библиските начела, не би ги повредувале намерно чувствата на другите. Не би било соодветно ни да правиме нешто што на другите ќе им изгледа како да веруваме во лажни религиозни учења, како што е учењето за бесмртност на душата. Сепак, начинот на кој едно лице сака тоа или некој друг да биде погребан е лична или семејна одлука.
ШТО МИСЛИШ?
◼ За кој верен Божји слуга Библијата вели дека бил кремиран? (1. Самоилова 31:2, 12)
◼ Како постапил Давид со луѓето кои го погребале Саул? (2. Самоилова 2:4-6)
◼ Што покажува дека кремирањето не е пречка за воскресение? (Откровение 20:13)
[Истакната мисла на страница 11]
Библијата не дава конкретни упатства за тоа што да се прави со телата на покојните