Назад во прав — како?
„ЗАШТО си земја [прав, НС], и во земја [во прав, НС] ќе се вратиш!“ Кога првиот човек, Адам, ги чул овие зборови, тој знаел што да очекува. Бил создаден од правот на земјата и требало да се врати во ништо друго освен во прав. Требало да умре затоа што не го слушал својот Творец, Јехова Бог (1. Мојсеева 2:7, 15—17; 3:17—19).
Библијата покажува дека луѓето се направени од прав. Таа исто така вели: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4; Псалм 102:14). Смртта им донела жалост на милиони лица и секогаш одново покренувала прашања во врска со отстранувањето на останките на умрените.
Обичаите во минатото и денес
На кој начин биле отстранувани човечките останки меѓу Божјиот народ од старо време? На своите први страници, Библијата споменува различни начини за постапување со умрените, вклучувајќи погребување в земја (1. Мојсеева 35:8). Патријархот Авраам и неговата сопруга Сара, како и нивниот син Исак и внукот Јаков биле погребани во пештерата Макпела (1. Мојсеева 23:2, 19; 25:9; 49:30, 31; 50:13). Израелските судии Гедеон и Самсон биле погребани ‚во гробовите на своите татковци‘ (Судии 8:32; 16:31а). Ова укажува дека древниот Божји народ претпочитал семејни гробници. Кога умрел Исус Христос во првиот век н. е., неговото тело било положено во еден новоизделкан гроб во карпа (Матеј 27:57—60). Затоа, општо земено, човечките останки биле закопувани в земја или, пак, ставани во гробници. Тоа сѐ уште е обичај во повеќето места ширум Земјата.
Меѓутоа, денес во некои делови од светот сериозната оскудица на простор и високата цена на земјиштето претставуваат сѐ поголема тешкотија да се најдат погребни места. Затоа, некои луѓе размислуваат за други начини на отстранување на човечките останки.
Растурањето на пепелта после кремирањето на човечките останки станува сѐ повообичаено. Во Англија, околу 40 отсто од умрените сега се згрижувани на овој начин. Во Шведска, каде што преку 80 отсто од починатите во урбаните подрачја се кремирани, извесни шуми се определени за растурање на пепелта. А во Шангај и во неколку други приморски градови во Кина, градските власти неколку пати во годината спонзорираат масовни расфрлања на пепелта в море.
Каде може пепелта да се растури? Не на кое и да било место. Некои може да се плашат дека растурањето на пепелта е штетно за околината. Сепак, всушност, секаков ризик од епидемија се отстранува преку кремирање. Некои гробишта во Англија и некои спомен-паркови во Соединетите Држави оставаат ледини или цветни градини како земјишта за растурање. Се разбира, христијаните се особено заинтересирани за библиското гледиште за кремирањето и за растурањето на пепелта.
Какво е библиското гледиште?
Во една објава против „вавилонскиот цар“, пророкот Исаија рекол: „Ти си фрлен надвор од гробот [исфрлен без место за погребување, НС]“ (Исаија 14:4, 19). Дали треба растурањето на пепелта да се споредува со еден таков случај на понижување? Не, бидејќи таму не се зборува за кремирање и за сочувување или растурање на пепелта што се создава при тоа.
Исус Христос зборувал за земното воскресение на умрените, што ќе се одигра за време на неговата Илјадагодишна влада, кога рекол: „Сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Меѓутоа, дека не е потребен конкретен гроб за да воскресне некое лице, се потврдува со еден друг пророчки опис на воскресението. Откровение 20:13 наведува: „Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив“. Затоа, она што е важно не е каде или како некое лице ‚се враќа во земја‘, туку дали е запамтено од Бог и воскреснато (Јов 14:13—15; спореди Лука 23:42, 43, НС). На Јехова, секако, не му требаат импресивни гробници за да му помогнат да се сети на луѓето. Кремирањето не го спречува воскреснувањето на едно лице. А ако растурањето на пепелта се прави од исправен мотив и без лажни религиозни церемонии, тоа не би било неспоиво со Писмото.
Оние кои се одлучуваат за растурање на пепелта, ќе треба да обрнат внимание на законот на земјата. Исто така, би било умесно да ги земат во обѕир чувствата на ужалените и на другите. Слугите на Јехова ќе направат добро ако внимаваат користењето на нивната библиска слобода во овој поглед да не донесе срам врз доброто име што го носат христијаните. Ова е особено важно во земјите каде што кремирањето и растурањето на пепелта се законски дозволиви, но сѐ уште не се целосно прифатени од граѓанството. Се разбира, еден христијанин ќе се држи настрана од какви и да било ритуали или обичаи што се темелат на верувањето во бесмртност на човечката душа.
Потполна слобода од гробот!
Некои кои го бранат растурањето на пепелта, велат дека тоа значи слобода од закопување во гробови. Меѓутоа, најголемото олеснување ќе го донесе исполнувањето на библиското ветување дека „најпоследниот враг за уништување е смртта“ (1. Коринтјаните 15:24—28).
Тоа значи дека гробовите, гробниците, па дури и кремирањето и растурањето на пепелта ќе станат работи од минатото. Да, смртта повеќе нема да ја има. Под божествена инспирација, апостол Јован напишал: „И чув висок глас од небото како зборува: ‚Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина‘“ (Откровение 21:3, 4).
Сето ова ќе се случи кога човечката смрт како последица на Адамовиот грев ќе биде потполно укината под Божјето Царство. Во тоа време, послушното човештво нема да биде соочено со изгледот да се врати во прав.
[Слики на страница 29]
Вообичаени методи за постапување со човечките останки
[Слика на страница 31]
Растурање пепел во заливот Сагами (Јапонија)
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола од Куејша (Токио)