ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 4/09 стр. 4-8
  • ‚Стварно е премногу!‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • ‚Стварно е премногу!‘
  • Разбудете се! 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Домашни без крај
  • Преоптоварени со воншколски активности
  • Трка по пари
  • Како да излезам на крај со домашните задачи?
    Младите прашуваат
  • Како да најдам време за домашните задачи?
    Разбудете се! 2004
  • Што да правам со толку многу домашни задачи?
    Разбудете се! 1993
  • Како да се справам со стресот?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
Повеќе
Разбудете се! 2009
g 4/09 стр. 4-8

‚Стварно е премногу!‘

ОЛИМПИЈЦИТЕ кои се натпреваруваат во кревање тегови не се обидуваат да постават нов рекорд секој ден. Тие редовно вежбаат со помали тегови за да имаат сила да ги креваат потешките. Ако постојано се напрегаат до крајни граници, би можеле да си ги повредат мускулите и зглобовите, и засекогаш да се збогуваат со својата кариера.

Слично е и со училишните задачи. Можеби многу се трудиш да го научиш зададениот материјал. Кога добиваш тешка задача или се подготвуваш за тест вложуваш и дополнителен напор.a Но, што ќе се случи ако постојано само учиш? Можеби ќе почнеш нередовно да јадеш и да не спиеш доволно. Таквото темпо на живот може да те разболи. А можеби и веќе си во таква ситуација.b

Домашни без крај

„Секоја следна школска година, домашните задачи стануваат сѐ побројни и потешки. Ми одземаат многу време“, вели Хироко,c 15-годишна ученичка од Јапонија. „Би сакала да правам и други работи, но домашната не може да чека повеќе од еден ден. Понекогаш ме фаќа паника“. Светлана (14) од Русија, го пишува следново: „Сега потешко се снаоѓам со домашните задачи. Секоја година имам нови предмети, а наставниците ни задаваат уште повеќе материјал. Освен тоа, секој наставник мисли дека неговиот предмет е најважен. Тешко е да се најде рамнотежа и да се научи сѐ“.

Зошто наставниците и професорите задаваат толку многу домашни? Гилберто (18) од Бразил пишува: „Професорите велат дека сакаат да нѐ оспособат полесно да најдеме работа затоа што денес има толку многу невработени кои исто така бараат вработување на нашата струка“. Но, дури и да е така, ти сепак се чувствуваш преоптоварен од домашни задачи. Еден начин да го намалиш стресот е да го смениш својот став кон нив, а потоа да преземеш практични чекори и подобро да се организираш.

Домашните задачи сметај ги за обука што ќе ти помогне да бидеш успешен како возрасен човек. Иако можеби ти се чини дека овие задачи немаат крај, школските денови ќе ти пројдат побрзо отколку што мислиш. Кога ќе тргнеш на работа, ќе сфатиш колку се исплаќало што си се мачел со тешките задачи и ќе ‚уживаш во добрите работи од трудот‘ што си го вложил додека си одел на училиште (Проповедник 2:24).

Стресот можеш да го намалиш и ако бидеш трудољубив и добро организиран. (Види ја рамката „Како да го намалиш стресот“.) Ако редовно и внимателно го пишуваш домашното и ако го предаваш навреме, наставниците и професорите ќе стекнат доверба во тебе и ќе сакаат да ти помогнат. Да речеме дека некој наставник или наставничка те цени како примерен ученик. Тогаш, ако ти испадне нешто непредвидено и ако однапред им кажеш дека нема да можеш да го предадеш домашното навреме, има големи шанси да покажат разбирање. Еден Божји слуга по име Даниел ‚бил достоен за доверба и не можело да му се најде ниту некаков пропуст ниту нешто нечесно‘. Бидејќи трудољубиво си ги извршувал задачите, царот стекнал доверба во него и многу го ценел (Даниел 6:4). Ако го следиш примерот на Даниел така што редовно ќе ги пишуваш домашните задачи, наставниците или професорите ќе бидат спремни да направат исклучок за тебе кога ќе имаш таква потреба.

Тоа не значи дека, ако внимаваш на час и ако ги завршуваш сите свои задачи навреме, ќе немаш никаков стрес. Помалиот стрес што сѐ уште ќе го чувствуваш може да биде последица и од твојата желба да бидеш добар ученик. Наместо да гледаш да си поминеш лесно, можеби ти навистина сакаш да научиш нешто и да извлечеш корист од наставата.

Ваквиот стрес е позитивен, па дури и пожелен. Меѓутоа, има стрес кој е штетен и непотребен.

Преоптоварени со воншколски активности

Да речеме дека некој постојано ја вози својата кола лудо. Секогаш кога ќе дојде до знакот „стоп“ кочи при полна брзина, а потоа поаѓа толку нагло што гумите му чкрипат. Што мислиш, што ќе се случи со оваа кола? Најверојатно ќе се оштети моторот и некои други делови — ако претходно не заврши во тешка сообраќајка.

Многу ученици постапуваат на сличен начин со своето тело и со умот — се исцрпуваат пред и по часовите. Во својата книга Во школските клупи (Doing School), Дениз Кларк Поуп го напишала следново во врска со неколкуте ученици што ги запознала: „Денот им почнува рано, еден или два часа пред да станат повеќето возрасни за на работа, и често завршува доцна навечер откако ќе завршат со фудбалскиот тренинг, часовите за танцување, состанокот со ученичкиот совет, скратената работа и домашните задачи“.

Учениците кои секојдневно се исцрпуваат на ваков начин, можат да очекуваат проблеми. Силниот стрес може да предизвика стомачни заболувања и главоболки. Бидејќи постојаната премореност го ослабнува имунитетот, можат да се разболат. Од таа причина, повеќе не се во состојба да го прават она што го правеле порано, и едвај успеваат повторно да застанат на нозе. Дали и тебе ти се случило вакво нешто?

Добро е да се трудиш да оствариш некои вредни цели, но сепак, колку и да си јак, има граница на она што би можел да го завршиш за еден ден. Библијата го дава следниов мудар совет: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5). Две дефиниции за зборот „разумен“ се: „не оди во крајности и не претерува“ и „може исправно да просудува“. Оној што е разумен не донесува одлуки што ќе се одразат штетно врз него или врз другите и покажува зрелост — скапоцена особина во денешниов нестабилен свет. Ако сакаш да си го зачуваш здравјето, биди разумен и прекини со помалку важните активности на кои можеби им се посветуваш во моментов.

Трка по пари

Меѓутоа, на некои млади им се чини дека токму разумноста им отежнува да си ги остварат целите. За нив, добро платената работа и богатството се предуслов за среќа. Поуп увидела дека некои од младите што ги запознала размислуваат вака. Таа коментира: „Овие ученици би сакале подобро да се наспијат и да имаат подобро здравје, но многуте обврски на училиште, дома и на работа не им го дозволуваат тоа. Би сакале да поминуваат повеќе време со пријателите и да прават и други работи или едноставно да се одморат неколку дена, но повеќето се уверени дека не би можеле да ги задржат високите оценки ако си го дозволат тоа. Свесни се дека стојат пред важна одлука, но за нив идниот успех е поважен од сегашната среќа“.

Би било добро ваквите амбициозни ученици да размислат за следниве зборови што ги кажал еден мудар човек: „Од каква корист му е на човекот ако го добие целиот свет, а го загуби животот? Или, што може да даде човек во замена за својот живот?“ (Матеј 16:26). Овие зборови на Исус Христос се предупредување дека секој што е решен да оствари некакви цели во овој свет ќе плати со своето физичко, емоционално и духовно здравје.

Во својата книга Цената на повластицата (The Price of Privilege), Медлин Левајн пишува: „Факт е дека парите, образованието, моќта, угледот и богатството не ни гарантираат среќа и емоционално здравје“. Поуп, која беше цитирана претходно, ја дава следнава забелешка: „Гледам како многу деца и родители даваат сѐ од себе да постигнат некое совршенство, погрешно сметајќи дека тоа е мерило за успех“. А потоа додава: „Нашата цел треба да биде да останеме здрави психички, физички и духовно“.

Има работи кои се многу поважни од парите — емоционалното и физичкото здравје, добрата совест и пријателството со нашиот Творец. Ова се бесценети дарови од Бог. Во обид да стекнеш богатство и слава, би можел да ги изгубиш засекогаш. Во врска со тоа, Исус рекол: ‚Среќни се оние што се свесни дека им е потребен Бог, зашто нивно е царството небесно‘ (Матеј 5:3, фуснота).

Многу млади живеат според ова начело. Иако се трудат да ги исполнат своите училишни обврски, тие се свесни дека високото образование и материјалното богатство не донесуваат трајна среќа и дека ваквите цели би им создале непотребен стрес. Тие се увериле дека ќе имаат вистински среќна иднина само ако ја задоволат својата ‚потреба за Бог‘. На издавачите на ова списание или на Јеховините сведоци во твоето место ќе им биде мило да ти покажат како да бидеш среќен задоволувајќи ја својата потреба за Бог.

[Фусноти]

a Слабите ученици или оние кои не се трудат доволно можат да најдат предлози како да се подобрат во статијата „Младите прашуваат... Можам ли да постигнам подобар успех на училиште?“ во Разбудете се! од 8 јули 1998, страници 20-22.

b Дополнителни информации на оваа тема можеш да најдеш во статијата „Што да правам со толку многу домашни задачи?“ во Разбудете се! од 8 јули 1993, страници 13-15.

c Некои имиња се сменети.

[Истакната мисла на страница 6]

Колку и да си јак, има граница на она што би можел да го завршиш за еден ден

[Истакната мисла на страница 8]

Најдоброто образование што можеш да го стекнеш е да учиш за својот Творец

[Рамка/слика на страница 5]

КАКО ДА ГО НАМАЛИШ СТРЕСОТ

❑ Дали губиш многу време пребарувајќи низ хартии и тетратки кога ти треба нешто? На некои им е потребна помош за подобро да се организираат. Не срами се да ги прашаш другите за предлог.

❑ Дали одложуваш? Зошто не пробаш да завршиш одредена задача предвреме? Ќе се изненадиш колку ќе ти олесни и колкаво задоволство ќе чувствуваш, а тоа ќе те мотивира повеќе да не ги одложуваш домашните задачи.

❑ Дали мислите честопати ти лутаат за време на часовите? Обиди се еден месец да внимаваш на час и да си правиш добри белешки што ќе ти користат подоцна. Тоа може многу да ти ја олесни домашната задача и да ти го намали стресот на училиште.

❑ Дали учиш по поинтензивна наставна програма која ти одзема многу повеќе време и сила? Размисли дали тоа е неопходно. Разговарај со родителите. Побарај совет од некој што има разумен став кон образованието. Можеби ќе сфатиш дека ваквата настава нема многу да ти помогне побрзо да матурираш.

[Рамка на страница 6]

САМО ЗАМИСЛЕН ЅИД

„Богатството му е утврден град на богатиот и е како висок ѕид во неговото мечтаење“ (Изреки 18:11). Во старо време, високите ѕидови ги штителе градовите од воен напад. Но, замисли си да си живеел во град што, всушност, не бил опколен со ѕид, а ти само си замислувал дека има таков ѕид. Колку и да си се убедувал дека ѕидот е вистински, тој немало да те заштити од непријателите.

Такво разочарување ги чека и младите кои се решени да се збогатат. Ако си родител, помогни му на твоето дете да не падне во замката на материјализмот и со тоа, во симболична смисла, да избере да живее во град со замислени ѕидови.

Разговорот со твојот син или ќерка би можел да го темелиш на следниве библиски факти:

◼ Големото богатство честопати е причина, а не решение за проблемите. „Богатството на богатиот не му дава да спие“ (Проповедник 5:12; 1. Тимотеј 6:9, 10).

◼ Со добар план, едно лице може да биде среќно дури и ако не е богато. ‚Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист‘ (Изреки 21:5, фуснота; Лука 14:28).

◼ Ќе бидеме среќни и ако имаме само скромни приходи што ќе ни ги задоволат потребите. „Не давај ми ниту сиромаштија ниту богатство“ (Изреки 30:8).d

[Фуснота]

d Повеќе информации за замката на материјализмот можеш да најдеш во Разбудете се! од 8 јули 2003, страници 28, 29.

[Слики на страница 7]

Преоптовареноста не ни помага да си ги оствариме целите

[Слика на страница 7]

Домашната задача сметај ја како подготовка за вработување, а НЕ како проблем

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели