Кој доаѓа кога ќе викнеш брза помош?
Кога некој ќе побара помош, нашата медицинска екипа не чека ни миг — веднаш се качува во санитетското возило. Ротационото светло и продорниот звук на сирената ни помагаат брзо да се пробиеме низ сообраќајот за да стигнеме до својата цел.
ПОВЕЌЕ од 20 години работам како медицински техничар кој им укажува помош на болни и повредени лица.a Секој мој работен ден е приказна за себе. Наидувам на секакви случаи — од највообичаени до крајно непредвидливи. Честопати сѐ завршува добро, но има и случаи кога трагедијата не може да се опише со зборови.
Важна улога
Итната амбулантна служба игра важна улога во здравствениот систем на Канада. Стручната помош што ќе му се укаже на пациентот пред тој да пристигне во болница може да му го спаси животот или барем да ги ублажи последиците од некоја несреќа или болест.b
Оваа служба може да биде финансирана од страна на општината, некоја приватна здравствена организација или некоја болница. Медицински техничари обучени за брза помош работат или во итна амбулантна служба или во противпожарна служба.
Во многу места, брзата помош стои на располагање во секое време. Специјално обучените мажи и жени стапуваат во акција веднаш штом ќе добијат повик, а тоа може да се случи во секој момент. Да разгледаме со какви квалификации се стекнуваат тие.
Обучени да спасуваат животи
Во Канада, системот на обука и називите за секој степен на квалификација донекаде се разликуваат од покраина во покраина. Сепак, општо земено, има четири степени, а медицинскиот техничар, според барањето на различни државни органи и здравствени установи, мора да има соодветна диплома за да работи во брза помош.
За да го завршам првиот степен, морав да поминам многу време на теоретска настава, во болница и во санитетско возило. Учевме како да препознаваме знаци на живот, како да даваме кислородна терапија, вентилација со балон-вентил маска, како да спроведуваме срцево-белодробно мозочно оживување (СБМО), да правиме преврски, да поставуваме лонгета и да вршиме имобилизација на вратниот ’рбет со вратна јака.
Уште 300 часа одев на пракса во ургентните одделенија, одделенијата за интензивна нега и на одделите за акушерство во неколку болници. Првото породување при кое асистирав беше незаборавно — вистинско чудо! Искуството што го стекнав на ваков начин ме подготви за следните 300 часа што ги поминав работејќи во санитетско возило под надзор на двајца искусни техничари. Откако положив писмен и устен испит, добив диплома за втор степен на обука.
Неколку години работев и во селски средини и во градски подрачја. Еднаш, еден градежен работник влезе во ургентниот центар со болка во градите, и тогаш сфатив колку се вредни вештините што ги стекнав. Само што пристигна, човекот доби срцев застој. Им помагав на лекарите и на сестрите кои спроведоа СБМО и дефибрилација и му дадоа лекови. За само неколку минути, срцето повторно почна да му чука и можеше сам да дише. Потоа беше префрлен на интензивна нега. Следниот ден отидов на тоа одделение, и таму еден лекар ме претстави на еден човек кој седеше в кревет и разговараше со својата жена. Не го препознав додека не рече: „Се сеќавате ли на мене? Вчера ми го спасивте животот!“ Чувството не може да се опише со зборови.
Последниот дел од мојата обука вклучуваше работа под надзор на лекар, кој требаше да оцени колку добро се грижам за пациентите. На крајот, го положив и писмениот и практичниот дел од испитот, со што завршив трет степен на обука.
Техничарите во брза помош имаат медицински директор, кој обично соработува со лекарски совет при изготвувањето на детални тераписки протоколи. Во итни случаи, техничарите ги следат овие протоколи или, пак, директно добиваат упатства од одредени лекари преку радиоврска или телефон. Со право се вели дека техничарите им се „очи, уши и раце“ на лекарите. Помошта што се укажува во приватен дом, на јавно место или на местото на несреќата вклучува најразлични постапки — кислородна терапија, лекови, дефибрилација, интубација, па дури и хируршки зафати. (Види ја рамката „Техники и постапки“, на страница 15.)
Ризици и предизвици
Ризиците и предизвиците се неизбежен дел од работата на техничарите во брза помош. Работиме во секакви временски услови, а понекогаш сме изложени и на опасности, дури и додека возиме.
Освен тоа, лесно може да дојдеме во контакт со крв, телесни течности и со заразни болести. За да се заштитиме, носиме ракавици, заштитна маска и очила, а по потреба и специјална облека или наметка.
Покрај тоа што се грижиме за пациентите, ги смируваме роднините, пријателите, па дури и случајните минувачи, кои можат да реагираат екстремно или непредвидливо. Потресно е кога ќе видиш како смртта ги дели сопружниците по неколку децении заеднички живот. Не е лесно да му го соопштиш тоа на брачниот партнер. Еднаш морав да ѝ кажам на една жена дека нејзиниот сопруг е мртов. Таа прво почна да ме удира, а потоа истрча на улица, викајќи и плачејќи. Успеав да ја стигнам, а таа се сврте, ме зграпчи, ме прегрна и почна неутешно да плаче.
За да се справиш со човек што е вознемирен или е под дејство на алкохол или дрога, мора да бидеш сочувствителен и тактичен. Таквите луѓе се непредвидливи. Досега имам доживеано да ме каснат, да ме плукнат и на други начини да ме нападнат пациенти кои не можеле да се контролираат.
Работата е и физички напорна бидејќи постојано треба некого да подигаш, понекогаш и во многу незгодни положби. Често работам клекнат или наведнат и постојано сум во опасност да се повредам, посебно на грбот, рамењата и колената. Некои повреди се толку сериозни што не ни дозволуваат да продолжиме со нашата професија. Работам во смени, што исто така ме заморува.
Грижата за луѓе кои се во животна опасност исцрпува и психички и емоционално. Особено во тешките случаи, техничарот мора да остане смирен, добро да ја процени ситуацијата и да донесе разумни одлуки. Тој честопати гледа како луѓето страдаат и умираат од неописливи повреди. Добро се сеќавам на еден младич кој беше повреден на работното место — буквално беше смачкан од половината надолу. Нѐ молеше мене и мојот партнер да не дозволиме да умре. За жал, и покрај сиот труд што го вложивме и ние и лекарите и сестрите, тој умре за помалку од еден час.
Доживеав многу вакви жални моменти. Едно рано утро, бевме известени дека во некоја куќа избил пожар. Кога сопругот си дошол од работа, жена му и тригодишната ќерка штотуку излегле од запалениот дом. Пожарникарите се бореа со огнот за да ги извлечат другите три деца, на возраст помеѓу четири месеци и пет години, и дедо им. Откако ги извлекоа, заедно со уште неколку тимови за брза помош се трудевме да им го спасиме животот, но попусто.
Можеби се прашуваш зошто некој би сакал да работи во брза помош. Понекогаш и самиот си го поставувам истото прашање, но тогаш ми доаѓа на ум Исусовата споредба за милосрдниот Самарјанин, кој несебично му помогнал на еден повреден човек (Лука 10:30-37). Техничарите во брза помош несебично се трошат и физички и емоционално за да им помогнат на другите. Сметам дека тоа е една благородна професија, но сепак се радувам на времето кога ќе нема работа за мене. Бог ветува дека, во блиска иднина, никој нема да рече: „Болен сум“. Што е уште поважно, ќе нема ниту смрт ниту болка (Исаија 33:24; Откровение 21:4). Раскажал еден медицински техничар од Канада.
[Фусноти]
a Стражарска кула од 15 април 1999, страница 29, зборува за прашања на совеста што им се наметнуваат на христијаните што работат во брза помош.
b Во некои земји, во амбулантното возило нема медицински персонал. Возачот е тој што има одговорност да го пренесе пациентот до болницата колку што е можно поскоро.
[Истакната мисла на страница 13]
Не го препознав додека не рече: „Се сеќавате ли на мене? Вчера ми го спасивте животот!“ Чувството не може да се опише со зборови
[Истакната мисла на страница 14]
Досега имам доживеано да ме каснат, да ме плукнат и на други начини да ме нападнат пациенти кои не можеле да се контролираат
[Рамка/слики на страница 15]
ТЕХНИКИ И ПОСТАПКИ
Еден техничар во брза помош знае како да овозможи слободен проток на воздухот до белите дробови на пациентот. Еден начин е да изврши интубација, односно да внесе еластична цевка во трахејата преку устата и гласните жици со помош на ларингоскоп. Друг начин е да изврши крикотиротомија, односно со помош на игла, мал катетер и скалпел да вметне поголем катетер низ вратот на пациентот, директно до трахејата. Игла и катетер се вметнуваат и преку ѕидот на градниот кош во случај да откаже едното белодробно крило.
Друга техника е местењето инфузија. Преку венска канила се приклучува инфузиски систем. На тој начин, пациентот може да прима течности, како што е обичниот физиолошки раствор. Течност би можело да се внесе и директно во коскената срцевина.
Техничарот може да ја следи работата на срцето на пациентот преку дефибрилатор со монитор. Овој апарат може да се користи за дефибрилација (примена на краток електрошок во случај на срцев застој за да се воспостави нормален ритам на срцето) или за кардиоверзија (примена на синхронизиран електрошок за да се забави пребрзото чукање на срцето). Дефибрилаторот може да се користи и како привремен надворешен пејсмејкер за да ја забрза работата на срцето ако чука премногу бавно.
[Извор на слика]
Сите слики: со љубезна дозвола на Службата за брза помош во Торонто
[Извор на слика на страница 12]
Со љубезна дозвола на Службата за брза помош во Торонто