Медицинска служба на тркала
● Во големата сала, меѓу присутните имаше и една бремена жена која внимателно слушаше библиски поуки. Одеднаш, доби силни породилни болки. Но, сѐ беше под контрола. Во близина имаше амбулантно возило, кое за неколку минути ги префрли жената и нејзиниот сопруг до болницата каде што таа донесе на свет прекрасно девојче.
Денес, современо опремените амбулантни возила се важен дел од здравствениот систем на многу земји. Овие возила имаат стручен персонал од лекари и сестри, како и посебно обучени возачи.a Тие имаат целосна опрема за да укажат итна медицинска помош при сообраќајна несреќа, срцев удар, мозочен удар, породување и сл. Секоја година, оваа медицинска служба на тркала спасува илјадници животи.
По нападот на четирите патнички возови во Мадрид (Шпанија) од 2004 год., благодарение на навремената и ефикасна реакција на екипите за брза помош, беа спасени 400 животи.b Д-р Ервикио Корал Торес, директор на службата за брза помош во Мадрид, се присетува на таа тешка ситуација. „Средствата за јавно информирање обично многу известуваат за вакви настани“, објаснува тој, „но, нашата ефикасност најмногу може да се види во секојдневната работа, додека им помагаме на луѓето на улица. Најубавиот аспект од нашата служба е тоа што таа овозможува денеска да бидат живи луѓе што имале многу мали шанси да преживеат.“
На прашањето што би можеле ние да направиме за да им ја олесниме работата, д-р Корал Торес одговори: „Кај граѓаните треба да се подигне свеста дека треба да ни се јавуваат само кога има вистинска причина за тоа... Нашата цел е да им укажеме стручна медицинска помош, сеедно кога или каде им е потребна, и да го сториме тоа што е можно побрзо откако ќе го добиеме повикот“. Во големите градови, брзата помош пристигнува обично за десет минути.
Бидејќи амбулантните возила не можат лесно да се пробијат низ сообраќајот во некои густо населени градови, како што е Сао Пауло (Бразил), брзата помош пристигнува на две тркала. Медицинските лица користат мотор за да стигнат до местото на повикот и да ја проценат и да ја стабилизираат ситуацијата пред да стигне и самото возило. Ваква брза служба има и во Лондон (Англија), Куала Лумпур (Малезија) и Мајами (САД).
[Фусноти]
a Возачот мора да знае да ракува со медицинска опрема и да го прилагоди возењето според состојбата на пациентот.
[Рамка/слика на страница 11]
КАКО МОЖЕШ ДА ПОМОГНЕШ
Еве неколку основни чекори што можеш да ги преземеш во итен случај за да ѝ помогнеш на екипата за брза помош:
1. Јави се на телефонот на Итна помош (194 кај нас, 112 во земјите од ЕУ и 911 во САД).
2. Добро објасни каде да дојде амбулантното возило.
3. Опиши ги симптомите кои се очигледни — дали лицето дише, дали е во несвест, дали крвави итн.
4. Ако забележиш дека лицето има повеќе повреди, не преместувај го, бидејќи тоа може да му ги влоши повредите.
5. Ако лицето повраќа, постави го на страна за да не се задуши.