Абортусот не е најидеалното решение
БИЛ пораснал со идејата дека абортусот е сериозен грев и дека се рамни со убиство. Меѓутоа, во 1975 год., откако и самиот бил засегнат од ова прашање, го сменил ставот. Неговата девојка, Викторија, забременила, а тој не бил спремен да прифати брачни и семејни одговорности. Бил вели: „Сакав да најдам брзо решение, па ѝ кажав на Викторија дека ќе мора да абортира“.
Многу жени го прифаќаат ваквото брзо решение за својата непланирана и несакана бременост. Во извештајот од едно глобално истражување, спроведено во 2007 год., се проценува дека во 2003 год. биле извршени околу 42 милиони абортуси низ целиот свет. На овој чекор се решаваат жени од секоја раса и народ, верска определба, социјален статус, степен на образование и возраст — од пубертет до менопауза. Што би било најмудро да сториш ако се соочуваш со несакана бременост? Зошто некои одлучуваат да абортираат?
„Не гледав друг излез“
„Бременоста и породувањето поминаа многу тешко, а потоа се јавија и многу финансиски и семејни проблеми“, вели една 35-годишна жена. „Но, само шест недели откако се породив, забременив повторно. Решивме да абортирам. Длабоко во себе знаев дека тоа е погрешно, но не гледав друг излез.“
Секоја жена си има свое оправдание за абортусот. Некои бремени жени го прават тоа од финансиски причини, други поради неуспешна врска или партнер што грубо постапувал со нив, па не сакаат да имаат ништо повеќе со него, а трети, пак, затоа што бременоста ги спречува нив и/или нивниот партнер да ги остварат плановите.
Уште една причина за абортус може да биде и желбата да се зачува угледот. Ваков случај спомнува д-р Сузан Викланд во својата книга Вообичаена тајна — моето искуство при вршењето абортуси (This Common Secret—My Journey as an Abortion Doctor). Една од пациентките кои сакале да абортираат еднаш ѝ се доверила: „Моите родители се многу религиозни... Ако родам вонбрачно дете, ќе ги осрамотам. Сите нивни пријатели ќе знаат дека сум направила грев“.
Д-р Викланд потоа ја прашала: „Ако тоа за нив е грев, тогаш што е абортусот?“ Девојката ѝ рекла: „Се разбира, абортусот е неопростлив грев, но тој е помалото зло бидејќи така никој нема да знае што се случило. Ако абортирам, пријателите од црквата никогаш нема да дознаат за тоа“.
Без оглед на ситуацијата, обично не ѝ е лесно на жената да се реши намерно да ја прекине бременоста. Честопати ваквата одлука води до голема емоционална болка. Дали абортусот е навистина најидеалното решение?
Размисли за последиците
Едно истражување од 2004 год., во кое беа опфатени 217 жени од Америка и 331 од Русија кои направиле абортус, покажа дека околу половина и од двете групи жалат што го сториле тоа. Речиси 50 отсто од Русинките и скоро 80 отсто од Американките „имаат чувство на вина“. Повеќе од 60 отсто од Американките ‚не можат да си простат себеси‘. Но, ако чувството на вина по абортусот се јавува толку често, дури и помеѓу оние кои не се сметаат себеси за побожни, зошто толку многу млади жени сепак абортираат.
Честопати, тие се ставени под силен притисок да извршат абортус. Родителите, партнерот или добронамерните пријатели можеби ја убедуваат бремената жена дека абортусот е подобро решение, со што можат да ја наведат да донесе избрзана одлука. Д-р Присила Коулман, која ги проучува последиците од абортусот врз душевното здравје, објаснува: „Откако ќе помине стресот и ќе биде извршен абортусот, жената повторно почнува да размислува разумно, и тогаш почнуваат да ја оптоваруваат силни чувства на вина, тага и каење“.
Ваквите чувства обично се јавуваат кога жената се прашува дали абортусот е, всушност, убиство. Резултатите од едно обемно истражување на оваа тема покажаа дека многу бремени жени, пред да се решат на абортус, „поверувале дека притоа ќе биде отстрането само едно ‚ткиво‘ и изјавиле дека немало да абортираат ако ја знаеле вистината“.
Заклучокот кој беше изведен од ова истражување, при кое беше направена анализа на „впечатливите и многу трогателни“ изјави на 1.940 жени кои абортирале, гласеше: „Многу од овие жени се гневни и жалат поради загубата на своето дете за кое им било кажано дека никогаш не постоело“. Во истиот извештај се спомнува и дека „сознанието дека си го убиле детето честопати има катастрофален психолошки ефект“ (Report of the South Dakota Task Force to Study Abortion—2005).
Но, која е вистината? Дали абортусот е само отстранување на ткиво од телото на една бремена жена? Дали едно неродено дете е навистина една личност?
[Рамка/слики на страница 4]
ДА СЕ РОДИ ИЛИ ДА СЕ АБОРТИРА?
Во 2006 год. беше направено истражување при кое беа разгледани животните приказни на голем број жени кои забремениле како тинејџерки. Половина од нив абортирале, а половина решиле да родат. Според заклучокот од ова истражување, „оние што родиле поретко имале потреба од психолог и проблеми со спиењето и со марихуаната во споредба со оние што абортирале“ (Journal of Youth and Adolescence).
Во еден друг извештај беа дадени „резултатите од четири најобемни истражувања во светот“. Што откриваат тие? „Повеќето жени за кои постои евиденција дека абортирале страдаат од најразлични психолошки проблеми, за разлика од оние без таква медицинска историја“ (Report of the South Dakota Task Force to Study Abortion—2005).