Што вели Библијата
Треба ли да се плашиш од мртвите?
Припадниците на племето Ананг од Нигерија веруваат дека, ако на мртвите не им се укаже должна слава и чест, нивните души ќе им создадат тешкотии, па дури и ќе предизвикаат смрт во семејството. Некои Кинези мислат дека, ако не следат одредени погребни обичаи, душите на мртвите ќе нападнат, па дури и ќе убијат некого.
ВО МНОГУ КУЛТУРИ низ целиот свет се верува дека, кога човек ќе умре, од неговото тело излегува нешто — кое честопати го нарекуваат душа или дух. Многумина веруваат дека покојниот, кој наводно станал дух, може да влијае врз своето семејство и врз пријателите.
Меѓутоа, дали е вистина дека дел од човекот продолжува да живее и по смртта и дали може да им наштети на живите? Што вели Библијата за тоа?
Дали мртвите се свесни?
Во Библијата стои дека „мртвите не се свесни за ништо“. Таа ги нарекува „немоќни мртовци“ (Проповедник 9:5; Исаија 26:14). Во врска со Адам, Божјата реч ни вели: „Јехова Бог го направи човекот од земниот прав и му дувна во носниците здив на животот, и човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2:7).
Забележи дека Адам бил создаден како душа, односно како жива личност. Според Библијата, на Адам не му била дадена душа која би живеела одвоено од неговото тело. Затоа, кога згрешил, Адам умрел, и со тоа станал „душа на мртовец“ (4. Мојсеева 6:6, фуснота). Библијата ни кажува и дека „онаа душа што греши, таа и ќе умре“ (Езекиел 18:4). Сите ние сме наследиле грев, односно несовршеност од првиот човек Адам, па затоа, кога ќе умреме, умира душата (Римјаните 5:12).
Кога зборува за состојбата на мртвите, Библијата не користи таинствени зборови. На пример, таа вели дека покојниците ‚заспиваат во смртен сон‘ — израз што лесно можеме да го разбереме (Псалм 13:3, фуснота). Зборувајќи за едно 12-годишно девојче, Исус рекол: „Таа не е умрена, туку спие!“ Луѓето ‚му се потсмевале, бидејќи знаеле дека е умрена‘. Меѓутоа, Библијата вели дека Исус ја разбудил од смртниот сон (Лука 8:51-54).
Нешто слично кажал и кога умрел Лазар. Исус им рекол на своите ученици дека ќе оди ‚да го разбуди‘. Но, бидејќи тие не го сфатиле, тој го додал и следново: „Лазар умре“. И апостол Павле се изразил на сличен начин кога рекол дека мртвите се всушност ‚заспани‘ и дека, во времето што го одредил Бог, ќе бидат оживеани (Јован 11:11-14; 1. Солуњаните 4:13-15, фуснота).
Никаде во Библијата не пишува дека некаква душа продолжува да живее откако човекот ќе умре. Според тоа, нема никаква причина да се плашиме од мртвите. Тогаш, кој стои зад верувањето дека еден дел од луѓето продолжува да живее по смртта? Кој е тој што сака да се плашиме од мртвите и да веруваме дека тие можат да ни наштетат?
Лага и измама
Лажните религии го шират учењето дека луѓето продолжуваат да живеат и по смртта. Учењето за бесмртност на душата станало општоприфатено на самиот почеток од човечката историја. Од таа причина, робовите на некои владетели, како на пример фараоните од древниот Египет, биле убивани откако ќе умрел нивниот господар за да има кој да му служи „на оној свет“.
Многумина поверувале дека се вознемирувани од душите, односно духовите на мртвите. Тие се убедени дека тоа се некои покојни роднини или други мртовци на кои не им угодиле. Меѓутоа, Библијата јасно покажува дека ова не е точно. Зад ваквите напади стојат невидливите духовни сили наречени демони, кои уживаат да ги вознемируваат и да ги плашат луѓето (Лука 9:37-43; Ефешаните 6:11, 12).
Светото писмо го нарекува Сатана „татко на лагата“, кој „се преправа дека е ангел на светлината“. Тој и неговите демони ‚го заведуваат целиот свет‘ (Јован 8:44; 2. Коринќаните 11:14; Откровение 12:9). Од Сатана потекнува лагата дека душата е бесмртна и дека може да им наштети на живите.
Но, оние што имаат доверба во Библијата нема да бидат измамени со вакви лаги. Тие ја дознале вистината — дознале дека Сатана се обидува да ги наведе луѓето да веруваат дека мртвите можат да комуницираат со живите. Библијата вели: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Да, Божјата Реч навистина нѐ ослободува од лагите во врска со состојбата на мртвите! (Јован 8:32).
ШТО МИСЛИШ?
◼ Дали мртвите се свесни за нешто? (Проповедник 9:5; Исаија 26:14)
◼ Од каде потекнува верувањето дека дел од телото продолжува да живее по смртта? (Јован 8:44)
◼ Како можеме да ја дознаеме вистината за состојбата на мртвите? (Јован 8:32; 17:17)
[Истакната мисла на страница 23]
Злобните духовни суштества, а не покојниците, се тие кои уживаат да ги вознемируваат луѓето