Подобра надеж за душата
РИМСКИТЕ војници не го очекувале тоа. Додека јуришале на планинската тврдина Масада, последното упориште на еврејските бунтовнички сили, тие се подготвувале за напад врз своите непријатели, за викањата на воините, за пискањата на жените и децата. Наместо тоа, чуле само пламења што шуштат. Кога ја истражиле запалената цитадела, Римјаните ја дознале ужасната вистина: нивните непријатели — околу 960 лица — веќе биле мртви! Еврејските воини систематски ги исклале своите сопствени семејства, а потоа еден со друг. Последниот човек се убил сам.a Што ги навело на вакво грозно масовно убиство и самоубиство?
Според современиот историчар Јосиф, еден важен фактор било верувањето во бесмртна душа. Елеазар Бен Јаир, водачот на зелотите во Масада, најпрво се обидел да ги наговори своите луѓе дека самоубиството би било поголема чест отколку смрт или ропство од римските раце. Гледајќи ги како се колебаат, тој се впуштил во еден страстен говор за душата. Им рекол дека телото е само товар, затвор за душата. „Но, кога е ослободена од тежината што ја влече кон земјата и што е прикачена околу неа“ — продолжил тој — „душата се враќа на своето место и тогаш таа всушност учествува во една благословена моќ и во една потполно ослободена сила, останувајќи исто толку невидлива за човечки очи колку и Самиот Бог.“
Каква била реакцијата? Јосиф известува дека откако Елеазар долго зборувал на овој начин, „сите негови слушатели го прекинале и, исполнети со неконтролирана одушевеност, побрзале да го сторат тоа“. Јосиф додава: „Како маѓепсани, тие отрчале, секој желен да биде побрз од другиот . . . ги обзела една толку неодолива желба да ги исколат своите сопруги, своите деца и себеси“.
Овој мрачен пример служи за да илустрира колку само длабоко може доктрината за бесмртна душа да го измени нормалното човечко гледиште за смртта. Оние кои веруваат во тоа, поучени се смртта да ја сметаат не како најлош непријател на човекот, туку како обичен влез што ја ослободува душата за да се радува на една повисока егзистенција. Но, зошто тие еврејски зелоти верувале на ваков начин? Многумина би претпоставиле дека нивните свети списи, Хебрејските списи, поучуваат дека човекот во себе има свесен дух, душа која излегува за да продолжи да живее после смртта. Дали навистина е така?
Душата во Хебрејските списи
Со еден збор — не. Уште во првата книга на Библијата, 1. Мојсеева, кажано ни е дека душата не е нешто што го имаш, туку нешто што си. Во врска со создавањето на Адам, првото човечко суштество, читаме: „Човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2:7). Хебрејскиот збор што овде е употребен за душа, не́феш, се појавува преку 700 пати во Хебрејските списи и ниту еднаш не ја пренесува идејата за некаков одвоен, етеричен, духовен дел од човекот. Напротив, душата е допирлива, конкретна, телесна.
Погледни ги во својата Библија следниве наведени текстови, бидејќи во секој од нив се наоѓа хебрејскиот збор не́феш. Тие јасно покажуваат дека душата може да се соочи со ризик, со опасност, па дури и да биде киднапирана (5. Мојсеева 24:7, НС; Судии 9:17, НС; 1. Царства 19:11); да допира предмети (Јов 6:7); да биде затворена во вериги (Псалм 104:18); да копнее по јадење, да биде измачена од постење, да се онесвести од глад и жед; да страда од опустошувачка болест или дури од несоница како последица од жалост (5. Мојсеева 12:20; Псалм 34:13; 68:10; 105:15; 106:9; 118:28). Со други зборови, затоа што твојата душа си ти, самото твое јас, твојата душа може да го доживее сето она што го доживуваш ти.b
Тогаш, дали тоа значи дека душата може навистина да умре? Да. Далеку од тоа да се бесмртни, во Хебрејските списи за човечките души се зборува дека се ‚истребени‘ [одрежани, НС] или погубени поради престапување, дека се убиени, уништени и раскинати на парчиња (2. Мојсеева 31:14; 5. Мојсеева 19:6, НС; 22:26, НС; Псалм 7:2). „Која душа греши, таа ќе умре“, вели Језекиил 18:4. Јасно е дека смртта е заеднички крај на човечките души, затоа што сите ние грешиме (Псалм 50:5). На првиот човек, Адам, му било речено дека казната за грев е смрт — а не пренесување во духовното подрачје и не бесмртност (1. Мојсеева 2:17). А кога згрешил, била изречена казната: „Зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“ (1. Мојсеева 3:19). Кога Адам и Ева умреле, тие едноставно станале она на што Библијата честопати се осврнува како на „мртви души“ или „починати души“ (4. Мојсеева 5:2; 6:6, обата НС).
Не е ни чудо што The Encyclopedia Americana за душата во Хебрејските списи вели: „Старозаветното сфаќање за човекот е сфаќање за единство, а не за заедница на душата и телото“. Таа додава: „Не́феш . . . никогаш не се сфаќа како нешто што дејствува одвоено од телото“.
Тогаш, што е смртта според верувањето на верните Евреи? Едноставно речено, тие верувале дека смртта е спротивност на животот. Псалм 145:4 кажува што се случува кога духот, односно животната сила, ќе напушти едно човечко битие: „Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“.c На сличен начин, цар Соломон напишал дека „мртвите ништо не знаат [воопшто не се свесни за ништо, НС]“ (Проповедник 9:5).
Тогаш, зошто многу Евреи од првиот век, како зелотите во Масада, биле толку уверени во бесмртноста на душата?
Грчкото влијание
Евреите ја зеле оваа идеја не од Библијата, туку од Грците. Се чини дека меѓу седмиот и петтиот век пр. н. е., сфаќањето си го пронашло својот пат од мистериозните грчки религиозни култови во грчката филозофија. Идејата за задгробен живот, каде што лошите души би добиле болна казна, долго време имала силна привлечност, па така ја примила својата форма и се раширила. Филозофите бескрајно дебатирале за прецизната природа на душата. Хомер тврдел дека при смртта душата одлетува, создавајќи гласно зуење, цвркотење или шушкање. Епикур рекол дека душата всушност има тежина и, според тоа, претставува бесконечно мало тело.d
Но, можеби најголемиот поборник за бесмртна душа бил грчкиот филозоф Платон од четвртиот век пр. н. е. Неговиот опис на смртта на својот учител Сократ открива уверувања што се многу слични на оние на зелотите од Масада со векови подоцна. Како што се изразува научникот Оскар Кулман, „Платон ни покажува како Сократ умира во потполн мир и спокојство. Смртта на Сократ е прекрасна смрт. Не се гледа ништо од ужасот на смртта. Сократ не може да се плаши од смртта бидејќи таа навистина нѐ ослободува од телото . . . Смртта е големиот пријател на душата. Така учи тој; а така, во потполна хармонија со своето учење, тој и умира“.
Очигледно дека во текот на Макавејскиот период, во вториот век пред Христа, Евреите почнале да го асимилираат ова учење од Грците. Во првиот век н. е., Јосиф ни кажува дека фарисеите и есените — моќни еврејски религиозни групи — ја поддржувале оваа доктрина. Дел од поезијата што веројатно била компонирана во таа ера, го одразува истото верување.
Но, како е со Исус Христос? Дали тој и неговите следбеници исто така поучувале за оваа идеја од грчката религија?
Гледиштето на раните христијани за душата
Христијаните од првиот век не гледале на душата како Грците. Размисли на пример за смртта на Исусовиот пријател Лазар. Да имал Лазар бесмртна душа што слободно и среќно одлетала при неговата смрт, зарем извештајот од Јован, поглавје 11, не би гласел многу поинаку? Сигурно дека Исус би им кажал на своите следбеници доколку Лазар бил жив и здрав и свесен на небото; напротив, тој ги повторил Хебрејските списи и им рекол дека Лазар бил заспан, несвесен (стих 11). Исус сигурно би се радувал ако неговиот пријател уживал во некакво прекрасно ново постоење; место тоа, го наоѓаме како јавно плаче поради неговата смрт (стих 35). Да била Лазаровата душа на небото, уживајќи блажена бесмртност, Исус сигурно никогаш не би бил толку суров за да го повика да живее уште неколку години во „затворот“ на едно несовршено човечко тело среде болно и смртно човештво.
Дали Лазар се вратил од смртта со некакви одушевувачки прикаски за своите чудесни четири дена како ослободено, бестелесно духовно битие? Не, тој не направил такво нешто. Оние кои веруваат во бесмртна душа ќе возвратат дека тоа било затоа што искуството на човекот било премногу ужасно за да се опише. Но, тој аргумент не е никакво уверување; впрочем, зарем не можел Лазар сепак да им каже на своите сакани барем толку — дека имал доживување што е премногу чудесно за да се опише? Наместо тоа, Лазар не рекол ништо за некакви доживувања што ги имал додека бил мртов. Размисли за тоа — молчел токму за онаа тема која претставува средиште на поголема човечка љубопитност отколку која и да било друга: каква е смртта! Тоа молчење може да се објасни само на еден начин. Немало што да се кажува. Мртвите се заспани, несвесни.
Тогаш, дали Библијата ја прикажува смртта како пријател на душата, само еден ритуал на минување меѓу стадиуми на постоење? Не! За вистинските христијани, како апостол Павле, смртта не била никаков пријател; таа била „најпоследниот враг [непријател, НС]“ (1. Коринтјаните 15:26). Христијаните ја сметаат смртта не како природна, туку како ужасна, неприродна, бидејќи таа претставува директна последица на гревот и побуната против Бог (Римјаните 5:12; 6:23). Таа никогаш не била дел од Божјата првобитна намера со човештвото.
Меѓутоа, вистинските христијани не се без надеж кога станува збор за смртта на душата. Лазаровото воскресение е еден од многуте библиски извештаи кои сликовито ни ја покажуваат вистинската, библиска надеж за мртвите души — воскресение. Библијата поучува за два различни вида воскресение. За огромното мнозинство од човештвото што е заспано во гробот, сеедно дали праведни или неправедни, постои надеж за воскресение во вечен живот во Рај овде на Земјава (Лука 23:43, НС; Јован 5:28, 29; Дела 24:15). За една мала група на која Исус се осврнал како на „мало стадо“, постои воскресение во бесмртен живот како духовни суштества на небото. Овие, во кои се вклучени и апостолите, ќе владеат со Христос Исус над човештвото и ќе го обноват до совршенство (Лука 12:32; 1. Коринтјаните 15:53, 54; Откровение 20:6, НС).
Тогаш, зошто ги наоѓаме црквите на христијанскиот свет дека не поучуваат за воскресение, туку за бесмртност на човечката душа? Разгледај го одговорот што го дал теологот Вернер Јегер во The Harvard Theological Review уште во 1959 година: „Најважниот факт во историјата на христијанската доктрина бил тој дека таткото на христијанската теологија, Ориген, бил платонски филозоф во школата во Александрија. Во христијанската доктрина тој ја вградил целата космичка драма за душата што ја зел од Платон“. Значи, црквите го направиле токму она што Евреите го правеле со векови пред тоа! Ги напуштиле библиските учења во полза на грчката филозофија.
Вистинското потекло на доктрината
Во одбрана на доктрината за бесмртност на душата, некој сега би можел да праша: Зошто за истата доктрина, во еден или во друг облик, поучуваат толку многу светски религии? Писмото нуди здрава причина зошто ова учење толку преовладува во религиозните заедници на овој свет.
Библијата ни кажува дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ и особено го идентификува Сатана како ‚кнез на овој свет‘ (1. Јованово 5:19, НС; Јован 12:31). Очигледно, светските религии не биле имуни на влијанието од Сатана. Напротив, тие многу придонеле за проблемите и борбите во денешниот свет. А во поглед на душата, се чини дека тие многу јасно го одразуваат Сатановиот ум. Како тоа?
Сети се на првата лага што некогаш била кажана. Бог им рекол на Адам и на Ева дека ќе дојде до смрт доколку згрешат против него. Но, Сатана ја уверил Ева: „Не, вие нема да умрете“ (1. Мојсеева 3:4). Се разбира, Адам и Ева умреле; се вратиле во правта како што рекол Бог. Сатана, ‚таткото на лагата‘, никогаш не се одрекол од својата прва лага (Јован 8:44). Кај безброј религии кои отстапуваат од библиската доктрина или, пак, отворено ја игнорираат, сѐ уште циркулира истата идеја: ‚Ти нема да умреш. Твоето тело може да загине, но твојата душа ќе продолжи да живее, засекогаш — како Бог!‘ Интересно е дека Сатана исто така ѝ рекол на Ева дека таа ќе биде ‚како Бог‘ (1. Мојсеева 3:5).
Колку само е подобро да се има надеж што се темели не на лаги или на човечки филозофии, туку на вистина. Колку само е многу подобро да се биде уверен дека нашите драги сакани кои умреле се несвесни во гробот, наместо да се грижиме за престојувалиштата на некаква бесмртна душа! Ова спиење на умрените не треба да нѐ плаши или потиштува. На извесен начин, мртвите можеме да ги сметаме како да се на некое безбедно почивалиште. Зошто безбедно? Затоа што Библијата нѐ уверува дека умрените кои Јехова ги сака, се живи во една посебна смисла (Лука 20:38). Тие се живи во неговото сеќавање. Тоа е една длабоко утешна мисла затоа што неговото сеќавање нема граници. Тој е желен да врати во живот безброј милиони сакани луѓе и да им ја даде приликата да живеат засекогаш на рајска Земја. (Спореди Јов 14:14, 15.)
Славниот ден на воскресението ќе дојде, исто како што мораат да се исполнат сите Јеховини ветувања (Исаија 55:10, 11). Само помисли на ова пророштво кое треба да се исполни: „Но, твоите мртви живеат, нивните тела пак ќе станат. Оние кои спијат во земјата, ќе се разбудат и ќе извикуваат од радост; зашто твојата роса е роса на блескава светлост, а земјата повторно ќе ги роди оние кои се одамна мртви“ (Исаија 26:19, The New English Bible). Значи, мртвите кои се заспани во гробот, се исто толку безбедни колку и едно бебе во мајчината утроба. Тие наскоро ќе бидат „родени“, односно вратени во живот на една рајска Земја!
Која надеж би можела да биде подобра од оваа?
[Фусноти]
a Наводно, две жени и пет деца преживеале така што се сокриле. Подоцна, жените им ги раскажале деталите на своите римски поробувачи.
b Се разбира, како што е и со многу други зборови што имаат многу широка употреба, зборот не́феш има и други нијанси на значење. На пример, тој може да се однесува на внатрешната личност, особено во врска со длабоките чувства (1. Царства 18:1). Исто така, може да се однесува на животот што некој го ужива како душа (3. Царства 17:21—23).
c Хебрејскиот збор за „дух“, ру́ах, значи „здив“ или „ветер“. Во врска со човечките суштества, тој не се однесува на некакво свесно духовно битие, туку, како што се изразува The New International Dictionary of New Testament Theology, на „животната сила на поединецот“.
d Тој не бил последниот кој размислувал во вакви ексцентрични правци. Во почетокот на столетиево, еден научник всушност тврдел дека ги имал измерено душите на неколкумина луѓе така што од нивната тежина непосредно пред смртта ја одземал нивната тежина непосредно по смртта.
[Слика на страница 7]
Еврејските зелоти во Масада верувале дека смртта ќе ги ослободи нивните души