Триесет години преведување во тајност
Раскажала Она Моцкуте
Во април 1962 год., се најдов на обвинителната клупа во една преполна судница во Клајпеда (Литванија) поради злосторство против државата. Во октомври претходната година, бев уапсена поради верски дејности, кои се сметаа за злосторство против Советскиот Сојуз. Да објаснам како дојде до тоа да бидам уапсена, а подоцна и затворена затоа што тајно ги преведував публикациите на Јеховините сведоци.
РОДЕНА сум во 1930 год. во западна Литванија, близу до Балтичкото Море. Пред да ме роди, мајка ми му се молела на Бог да станам калуѓерка. Сепак, еднаш ми кажа: „Никогаш не би се молела пред св. Петар или пред други мртви предмети“. Никогаш не ги заборавив овие зборови и не клекнував во црквата, иако тоа го правев пред распетието кога се враќав од училиште.
Потоа, во текот на Втората светска војна (1939-1945), бев сведок на нечовечна свирепост, и тоа многу ме измачуваше. Еден ден, за време на германската окупација, јас и тетка ми беревме бобинки во шумата. Наеднаш здогледавме две големи јами испрскани со крв. Бидејќи знаев дека една група Евреи, меѓу кои беа и моите соученички Тесеј и Сара, неодамна беа убиени, заклучивме дека сме наишле на нивната масовна гробница. Не можејќи да се соземам од шокот, извикав: „Боже, толку си добар! Зошто тогаш дозволуваш вакви ужасни ѕверства?“
Во 1949 год., завршив средно училиште во Клајпеда, каде што и живеев, а потоа продолжив на факултет за музичка уметност. Во 1950 год. се приклучив кон едно тајно студентско политичко движење, но, по кратко време, бев издадена и уапсена заедно со уште 12 други членови. Ме затворија во Клајпеда, каде што за првпат сретнав Јеховин сведок.
Како ја дознав библиската вистина
Една средовечна жена беше фрлена во нашата затворска ќелија. Внатре бевме седум млади жени, и таа љубезно ни се насмевна. Ја прашав: „Тетко драга! Затворениците се обично тажни кога ќе ги стават в затвор, а ти се смееш! Смеам ли да прашам зошто си тука?“
„Поради вистината“, ми одговори таа.
„Но, што е вистина?“ — ја прашав.
Жената се викаше Лидија Пелџус. Таа беше Германка уапсена поради својата вера како Јеховин сведок. Со неа многу често разговаравме за Библијата. Утешните библиски вистини што ми ги покажа Лидија го променија не само мојот живот туку и животот на уште три затворенички со кои ја делевме истата ќелија.
Моето библиско знаење растеше
Поради тајните политички активности против советската окупација, бев осудена на 25 години затвор и 5 години изгнанство. Преку Сведоците што ги сретнав додека бев во затвор и во работните логори во Сибир, го проширив своето знаење за Бог и за неговите намери. И тие, како и Лидија, беа казнети поради своите верски убедувања.
Освен што учев за Библијата, зборував со другите за мојата вера. Иако немав можност да се крстам како доказ дека му се заветував на Бог, другите затвореници и затворските службеници ме сметаа за Јеховин сведок. Во 1958 год., откако поминаа осум години од мојата затворска казна, бев пуштена на слобода. Се вратив во Литванија со слабо здравје, но со силна вера во Јехова.
Како станав таен преведувач
Во тоа време во Литванија имаше само неколку Сведоци. Другите беа или в затвор или протерани во Сибир. Во 1959 год., двајца Сведоци се вратија од Сибир и ми предложија да ги преведувам нашите библиски публикации на литвански јазик. Со задоволство го прифатив тој предизвик, и тоа го сметав за голема чест.
Во март 1960 год. почнав да преведувам, а во јули истата година тајно се крстив во реката Дубиса. Поради противење од страна на КГБ (Советската служба за државна безбедност), не можев да најдам работа за да се издржувам, па останав да живеам со родителите, кои не се противеа на моите верувања. Можев да преведувам додека ги пасев кравите на татко ми и на другите соседи. Имав прекрасна „канцеларија“ — седев на дрвено стебло врз килим од зелена трева. Таван ми беше синото небо, а скутот ми служеше како работна маса.
Меѓутоа, увидов дека преведувањето на пасиште не е безбедно бидејќи некој агент или поткажувач на КГБ можеше да ме издаде. Затоа, кога се појави можност да преведувам во засолниште, се иселив откај татко ми. Понекогаш работев во штали во кои на едната страна од преградата беа животните, а на другата седев јас и неуморно чукав на машината за пишување.
Работев дење бидејќи немаше струја. Како камуфлажа за звуците од машината служеше една посебно направена ветерница која постојано правеше бучава пред шталата. Кога ќе се стемнеше, одев да вечерам во куќата, а потоа се враќав во шталата и спиев во сеното.
Во октомври 1961 год., заедно со уште двајца Сведоци, бев уапсена поради мојата активност со која поддржував религиозни дејности. Ова водеше до судењето во 1962 год., кое го спомнав на почетокот. Властите дозволија сослушувањето да биде јавно, а ние се радувавме што можевме да дадеме сведоштво пред толку многу набљудувачи (Марко 13:9). Добив 3-годишна затворска казна и бев испратена во еден затвор во Талин (Естонија). Како што дознав, јас бев единствената затвореничка што беше таму од религиозни причини. Државните службеници ме посетуваа, а јас зборував со нив за моите верувања.
Повторно преведувач
Откако бев ослободена од затворот во Естонија во 1964 год., се вратив во Литванија, каде што продолжив да ги преведувам нашите публикации од руски на литвански јазик. Ме чекаше многу работа! Иако имаше и други кои ми помагаа, јас служев како единствениот полновремен преведувач на литвански јазик. Честопати работев по седум дена во неделата, од утро до мрак. Без Јеховината помош ќе немав сила да го сторам тоа.
Бев претпазлива, бидејќи знаев колку важна задача имам. Христијанските браќа и сестри честопати си го ризикуваа својот живот и животот на другите членови на семејството за да ме кријат, да се грижат за моите физички потреби и да ме штитат. Ваквата соработка многу нѐ зближи. Додека работев, семејството кај кое бев сместена постојано внимаваше да не дојде некој што може да ме накодоши. Кога некој двапати ќе чукнеше по цевките за греење со железен предмет, тоа беше знак за опасност. Ако чуев вакво предупредување, брзав да го скријам секој доказ дека преведувам верска литература.
Ако дознаевме дека куќата во која работам е под надзор, веднаш се селев на друго место. Во тоа време беше сериозен престап некој да поседува машина за пишување без официјално одобрение, па затоа некој друг ќе мораше да ја префрли машината до моето ново работно место. Потоа, обично ноќе, заминував на новото место.
Јехова многу ме штитеше. Иако не можеа да најдат никакви докази, службените лица знаеја што работам. На пример, во 1973 год., кога осум Јеховини сведоци беа изведени пред суд, обвинителот ме повика на сослушување. Беше директен: „Моцкуте, колку литература имате отпечатено досега?“
Реков дека не би можела да одговорам на тоа прашање. Тогаш, тој ме праша: „А на кое прашање би можеле да ми одговорите?“
„На прашање што не е поврзано со оваа работа“, му реков.
Пресврт на настаните
При крајот на 1980-тите години, ситуацијата во Литванија почна да се менува. Повеќе немаше потреба да се криеме од агенти на владата. Затоа, во 1990 год., со мене почнаа да преведуваат и други. Потоа, на 1 септември 1992 год., беше отворена мала канцеларија за преведување во Клајпеда, градот во кој на крајот останав да живеам.
Сѐ на сѐ, тајно преведував 30 години, и тоа на 16 различни места. Никогаш немав свој дом. Но, навистина сум среќна што можам да ги видам плодовите од нашиот труд! Денес во Литванија има околу 3.000 Јеховини сведоци. А преведувањето, кое некогаш го вршев криејќи се во штали и по тавани, сега удобно се врши во подружницата близу Каунас во Литванија.
Сѐ уште се сеќавам на таа значајна средба во студената затворска ќелија во Клајпеда пред речиси 60 години. Таа ми го смени животот! Засекогаш ќе му бидам благодарна на нашиот величествен Творец, Јехова, што ја дознав вистината за него и за неговите намери и што можев да му ветам дека ќе ја вршам неговата волја.
[Истакната мисла на страница 13]
Утешните библиски вистини кои ни ги покажа Лидија ни го променија животот мене и на уште три затворенички
[Слика на страница 12]
Во еден советски весник излезе статија за моето судење (1962)
[Слика на страници 14 и 15]
Дел од библиската литература што ја преведував ризикувајќи ја својата слобода
[Слика на страница 15]
Лидија ми ги пренесе библиските вистини во затвор
[Слика на страница 15]
Двете жени Јеховини сведоци (лево) кои во затворскиот логор во областа Кабаровск (Русија) ми помогнаа да го проширам своето знаење за Бог (1956)
[Слика на страница 15]
Машината за пишување што ја користев додека работев под забрана