Младите прашуваат
Како да ја преболам смртта на мојот родител?
„Кога почина мајка ми, се чувствував изгубено и празно. Таа го одржуваше единството во нашето семејство“ (Карин) a
СМРТТА на родителот е еден од најтешките моменти во животот — ти нанесува болка и ти ја менува иднината, која сега најверојатно ќе биде многу поинаква од она што си го замислувал.
Можеби си се надевал дека твојата мила мајка или татко ќе може да се радува со тебе кога ќе положиш за возачка, ќе матурираш или ќе стапиш во брак. Сега си свесен дека ова нема да се оствари. Ваквата ситуација може да предизвика кај тебе тага, очај, па дури и гнев. Како да се справиш со чувствата што се јавуваат по смртта на родителот?
‚Дали сум нормален?‘
Кога ќе сфатиш дека твојот родител повеќе го нема, може да ти се јават најразлични емоции какви што не си доживеал никогаш порано. Брајан, кој имал само 13 години кога татко му починал од срцев удар, вели: „Вечерта кога дознавме, само плачевме и се гушкавме“. Натали, чиј татко починал од рак кога таа имала 10 години, се присетува: „Не знаев како треба да се чувствувам, и затоа немав никакви чувства“.
Секој различно реагира на смртта на некој близок. Библијата вели дека „секој“ си има ‚своја неволја и своја болка‘ (2. Летописи 6:29). Имајќи го ова на ум, размисли накратко како влијаела смртта на татко ти или мајка ти врз тебе. Подолу опиши: 1) како си се чувствувал кога си дознал за смртта на родителот и 2) како се чувствуваш сега.b
1) ․․․․․
2) ․․․․․
Одговорот на овие прашања можеби открива дека сега, барем до извесна мера, твоите емоции не се толку силни. Ова е сосема нормално и не значи дека си го заборавил својот родител. Или, можеби твоите чувства се исти, па дури и посилни од порано. А можеби чувствата на тага те обземаат одвреме-навреме — се повлекуваат и надоаѓаат и, кога најмалку очекуваш, ненадејно „удираат“ во тебе како бранови во брег. И ова е нормално — дури и ако се случува со години по смртта на твојот родител. Меѓутоа, прашањето што се поставува е: Како да се справиш со својата жалост, сеедно како се манифестира?
Што можеш да сториш
Исплачи се слободно! Плачењето ја ублажува тагата. Но, можеби се чувствуваш како Алишија, која имала 19 години кога починала мајка ѝ. Таа раскажува: „Мислев дека, ако премногу ги покажувам своите емоции, другите ќе мислат дека немам вера“. Но, размисли: иако бил совршен човек со силна вера во Бог, Исус Христос ‚почнал да рони солзи‘ кога умрел неговиот драг пријател Лазар (Јован 11:35). Затоа, слободно исплачи се. Тоа не значи дека немаш вера! Алишија вели: „На крајот плачев. Многу плачев. Секој ден“.c
Зборувај за своите чувства на вина. „Секогаш се качував кај мајка ми за да ја бакнам и да ѝ посакам добра ноќ“, вели Карин, која имала 13 години кога умрела мајка ѝ. „Не го направив тоа само еднаш, и следното утро таа почина. Колку и да звучи нереалистично, се чувствував виновна што таа последна вечер не ја видов, како и за сѐ друго што се случи следното утро. Татко ми отиде на службено патување и сакаше јас и сестра ми да се грижиме за мама. Но, тој ден спиевме подолго. Кога влегов во спалната, мајка ми не дишеше. Се чувствував ужасно бидејќи, пред да замине тато, ѝ беше добро!“
Можеби и ти, како Карин чувствуваш вина бидејќи си пропуштил да сториш нешто. Можеби постојано си велиш: ‚Камо да...‘ — „Камо да го натерав тато да појде на лекар.“ „Камо да проверев порано дали мама е добро.“ Ако те измачуваат вакви мисли, биди свесен дека е сосема нормално да ти биде криво што не си постапил како што мислиш дека требало. Факт е дека сигурно ќе си реагирал поинаку ако си бил свесен што ќе се случи. Но, не си знаел. Затоа, воопшто не треба да се чувствуваш виновен. Ти не си одговорен за смртта на твојот родител!d
Немој да ги потиснуваш чувствата. Во Изреки 12:25 се вели дека „добриот збор го радува“ човекот. Ако ги потиснуваш своите чувства, ќе ти биде потешко да се справиш со тагата. Но, ако за нив разговараш со некого во кого имаш доверба, ќе можеш да чуеш ‚добар збор‘ тогаш кога тоа најмногу ќе ти треба. Би можел да примениш некој од следниве предлози:
Разговарај со другиот родител. Иако ова е тежок период за него, најверојатно тој сѐ уште сака да ти ја даде потребната помош. Затоа, кажи му што те мачи. Ваквите разговори несомнено ќе ти ја ублажат тагата и ќе ве зближат.
Еве што можеш да направиш пред да го почнеш разговорот: Помисли на две-три работи што би сакал да ги знаеш за твојот починат татко или мајка, а потоа замоли го родителот да поразговарате за нив.e
․․․․․
Разговарај со твоите блиски пријатели. Библијата вели дека вистинскиот пријател „и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17). „Може да ти помогне оној од кого најмалку очекуваш помош“, вели Алишија. „Затоа, немој да се плашиш да разговараш на оваа тема.“ Се разбира, и тебе и на твојот пријател може да ви биде незгодно да водите таков разговор поради тоа што ви е тешко да изберете вистински зборови. Но, долгорочно гледано, тоа што ќе разговараш со другите за својата тага ќе се одрази позитивно врз тебе. Дејвид, кој имал само 9 години кога татко му починал од срцев удар, вели: „Постојано ги потиснував моите чувства. Ќе беше подобро да се искажев пред некого. Ќе можев полесно да ја совладам тагата“.
Разговарај со Бог. Најверојатно, ќе ти биде многу полесно ако во молитва ‚му го излееш срцето‘ на Јехова Бог (Псалм 62:8). Но, молитвата не е некаква терапија што ќе ти помогне да се чувствуваш подобро. Таа е молба до „Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4).
Еден начин на кој Бог нѐ утешува е преку светиот дух кој може да ни даде „сила, која ја надминува нормалната“ за да ја поднесеме тагата (2. Коринќаните 4:7). Бог нѐ теши и преку Светото писмо (Римјаните 15:4). Затоа, моли го да ти даде од неговиот дух и црпи утеха од Библијата така што редовно ќе ја читаш (2. Солуњаните 2:16, 17). Би можел да си чуваш при рака стихови што се особено утешни за тебе.f
Ќе ја снема ли некогаш тагата?
Жалењето е долготраен процес. „Не можеш да си одредиш момент кога ќе престанеш да жалиш“, вели Бриен, која имала 16 години кога умрела мајка ѝ. „Има денови кога заспивам со солзи. Во други прилики се обидувам да не се концентрирам на загубата, туку на Јеховините ветувања за Рајот во кој можам да бидам заедно со мајка ми.“
Библијата нѐ уверува дека во Рајот што го спомнува Бриен, „смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:3, 4). И ти би можел да се увериш дека длабокото размислување за ваквите ветувања помага полесно да ја поднесеш загубата на твојот родител.
[Фусноти]
a Имињата во оваа статија се сменети.
b Ако моментално ти е тешко да одговориш на овие прашања, би можел да се обидеш друг пат.
c Немој да мислиш дека мораш да плачеш за да покажеш дека жалиш. Секој жали на различен начин. Најважно е да сфатиш дека, ако ти се плаче, тогаш тоа е „време за плачење“ (Проповедник 3:4).
d Ако ваквите мисли продолжат да те измачуваат, разговарај за нив со другиот родител или со некое возрасно лице. Со текот на времето, ќе стекнеш поурамнотежено гледиште.
e Ако си пораснал со самохран родител или, поради околностите, не се гледаш толку често со другиот родител, би можел да ѝ се довериш на некоја зрела возрасна личност.
f За некои биле утешни следниве стихови: Псалм 34:18; 102:17; 147:3; Исаија 25:8; Јован 5:28, 29.
РАЗМИСЛИ
◼ Кои предлози од оваа статија планираш да ги примениш? ․․․․․
◼ На празните линии подолу запиши неколку стихови што ќе те утешат кога тагата ќе стане неподнослива ․․․․․
[Рамка на страница 11]
НЕ Е ПОГРЕШНО ДА ПЛАЧЕШ — ПЛАЧЕЛЕ И ТИЕ!
Авраам (1. Мојсеева 23:2)
Јосиф (1. Мојсеева 50:1)
Давид (2. Самоилова 1:11, 12; 18:33)
Марија, сестра му на Лазар (Јован 11:32, 33)
Исус (Јован 11:35)
Марија Магдалена (Јован 20:11)
[Рамка/слика на страница 12]
ВОДИ СИ ДНЕВНИК
Тоа што своите чувства за починатиот родител ќе ги изразиш во писмена форма ќе ти помогне да се справиш со жалоста. Би можел да пишуваш за многу работи. Еве неколку предлози:
◼ Раскажи неколку пријатни моменти што си ги доживеал со твојот родител.
◼ Напиши што би сакал да му кажеше додека уште бил жив.
◼ Замисли си дека имаш помал брат (или сестра) кој се бори со чувства на вина поради смртта на твојот родител. Напиши што би му рекол за да го утешиш. Ова ќе ти помогне да ги контролираш сопствените чувства на вина.
[Рамка на страница 13]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛОТ
Загубата на брачниот другар е многу болна. Но, не заборавај дека сега си му многу потребен на твојот тинејџер. Како можеш да му помогнеш да се справи со тагата додека и самиот се бориш со неа?g
Немој да ги криеш чувствата. Многу работи што ги знае твоето дете ги има научено од тебе. Истото важи и сега — гледајќи те, тоа учи како да се справи со тагата. Затоа, немој да мислиш дека мораш да покажеш дека си емоционално цврст и да криеш од детето дека жалиш. Така само го учиш и тоа да постапува на ист начин. Но, кога ја изразуваш својата емоционална болка, детето учи дека обично е подобро чувствата да се изразат, а не да се потиснуваат, и дека е нормално во него да се јават чувства на тага, очај, па дури и гнев.
Поттикни го својот тинејџер да разговара. Помогни му на својот тинејџер да си каже што го мачи без да се чувствува присилен. Ако тоа не му е лесно, би можеле заедно да ја разгледате оваа статија. Разговарај со него и за драгите спомени со твојот починат брачен другар. Признај дека ќе ти биде многу тешко без него. Додека те слуша како ги изразуваш своите чувства, твоето дете учи како треба и самото да го прави тоа.
Биди свесен за своите ограничувања. Сосема е нормално во овој тежок период да сакаш да му дадеш поддршка на твојот тинејџер. Но, запомни дека и тебе те погодува загубата на твојот сакан брачен другар. Тоа значи дека извесно време ќе бидеш во полоша психичка, физичка и емоционална состојба (Изреки 24:10). Затоа, можеби ќе треба да побараш помош од други возрасни членови на семејството и зрели пријатели кои ќе те поддржат. Тоа што ќе побараш помош е знак на зрелост. Според Изреки 11:2, „мудроста е кај скромните“.
Најголема поддршка можеш да добиеш од самиот Јехова Бог, кој на своите слуги им ветува: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Исаија 41:13).
[Фуснота]
g Заради едноставност, на детето ќе се осврнуваме во машки род. Меѓутоа, начелата за кои се дискутира важат и за двата пола.
[Слика на страница 11]
Чувствата на тага може да бидат како бранови што неочекувано удираат во брег