ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 4/11 стр. 6-9
  • Помош за оние што тагуваат

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Помош за оние што тагуваат
  • Разбудете се! 2011
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Исплачи се!“
  • „Не мораш да потонеш во тагата“
  • Како да живеам со својата тага?
    Кога ќе умре некој што го сакаш
  • Дали е нормално вака да жалам?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
  • Како да ја прифатиш реалноста
    Разбудете се! 2011
  • Како да ја преболам смртта на мојот родител?
    Разбудете се! 2009
Повеќе
Разбудете се! 2011
g 4/11 стр. 6-9

Помош за оние што тагуваат

„Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:18)

ПО СМРТТА на некој близок, може да те преплават голем број емоции, како на пример шок, зашеметеност, тага, а можеби дури и гнев. Како што беше кажано во претходната статија, секој не жали на ист начин. Затоа, можеби ти нема да ги доживееш сите овие чувства и да ја изразиш тагата на ист начин како другите. Меѓутоа, не е погрешно да ја изразиш кога чувствуваш потреба од тоа.

„Исплачи се!“

Елоиза, лекарката која веќе беше спомната, се обидела да не ги покажува чувствата по смртта на мајка ѝ. „На почетокот плачев“, вели таа, „но по кратко време почнав да ги потиснувам чувствата — исто како кога ќе ми умреше пациент. Здравјето значително ми се влоши, што можеби се должеше на тоа. До секој што изгубил некој близок, имам еден совет: Исплачи се! Ќе ти олесни.“

Меѓутоа, како што одминува времето, можеби ќе се чувствуваш како Сесилија, чиј сопруг починал од рак. Таа вели: „Понекогаш сум разочарана од себе затоа што изгледа дека не ги исполнувам очекувањата на некои што сметаат дека досега требаше да ја преболам загубата“.

Ако ти доаѓаат такви мисли, не заборавај дека нема „исправен“ начин на тагување. Некои можат релативно лесно да продолжат со животот. Други не можат. Овој процес не можеш да го забрзаш, па затоа немој да се чувствуваш принуден да престанеш да тагуваш до „одреден рок“.a

Но, што ако тагата и очајот сѐ повеќе те притискаат и чувствуваш дека губиш сили? Можеби минуваш низ слична ситуација како Јаков, праведен човек кој, кога дознал дека син му Јосиф умрел, ‚не дозволувал да го утешат‘ (1. Мојсеева 37:35). Ако и ти си реагирал слично, кои практични чекори можеш да ги преземеш за да не те скрши тагата?

Води сметка за себе. „Понекогаш сум ужасно уморна и сфаќам дека сум си ги преминала границите“, вели Сесилија. Како што покажуваат нејзините зборови, тагата може да земе голем данок и во физички и во емоционален поглед. Затоа, би било добро да обрнеш посебно внимание на твоето физичко здравје. Доволно одморај се и храни се здраво.

Во овој период можеби воопшто не ти е до јадење, а уште помалку до пазарување и до готвење. Но, ако ја запоставиш исхраната, ќе бидеш посклон на инфекции и болести, а тоа само уште повеќе ќе те потишти. Труди се да каснеш барем по нешто за да го зачуваш здравјето.b

Ако е можно, прави некои вежби, макар и само пешачење. Физичката активност ќе те натера да излезеш од дома. Освен тоа, умереното вежбање го поттикнува лачењето на ендорфини, хемиски супстанции во мозокот кои го подобруваат расположението.

Прифати помош од другите. Ова може да биде особено важно кога ќе почине брачниот другар. Можеби тој се грижел за многу одговорности за кои сега мораш ти да се грижиш. На пример, ако раководел со финансиите или ги извршувал домашните работи, можеби на почетокот ќе ти биде тешко ти да го правиш тоа. Во таквата ситуација, од голема помош може да ти бидат советите на тактичните пријатели (Изреки 25:11).

Библијата кажува дека „вистинскиот пријател... брат станува во неволја“ (Изреки 17:17). Затоа не се затворај дома, мислејќи дека ќе им бидеш товар на другите. Напротив, дружењето со другите може да ти помогне да го пребродиш овој тежок период. По смртта на мајка ѝ, една млада жена по име Сали сфатила дека многу ѝ помогнало дружењето со другите. „Многу пријатели ме викаа со нив во разни прилики“, вели таа. „Ова многу ми помогна да не се чувствувам толку осамена. Ми значеше дури и кога некој едноставно ќе ме прашаше: ‚Добро ли си?‘ Увидов дека тоа што разговарав со другите за мајка ми ми ја залечи раната.“

Не плаши се од спомените. Навраќај се на убавите мигови со починатиот. На пример, би можел да разгледуваш фотографии. Можеби во почетокот тоа ќе ти биде тешко, но, со текот на времето, наместо да ти причинуваат болка, спомените може да ти помогнат да закрепнеш.

Би можел да си водиш и дневник. Во него може да пишуваш за убавите спомени, па дури да ги запишеш и работите што би сакал да му ги кажеше на починатиот. Можеби подобро ќе ги сфатиш своите чувства кога ќе ги видиш запишани на хартија. Пишувањето може да биде одлична оддишка на чувствата.

Дали е добро да чуваш предмети што те потсетуваат на починатиот? Има различни мислења во врска со ова, што воопшто не изненадува, затоа што секој жали на свој начин. Некому спомените му отежнуваат да закрепне, а на друг му помагаат. „Чувам многу работи од мајка ми“, вели Сали, која ја спомнавме претходно. „Тоа е добар начин да ја поднесеш загубата.“c

Потпри се на „Богот на секоја утеха“. Библијата вели: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22). Молитвата не служи само за да си ја олесниш душата. Таа претставува вистински и важен разговор со „Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4).

Божјата Реч, Библијата, ја дава најголемата утеха. Апостол Павле рекол: „Имам надеж... дека Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Кога ќе ти почине некој близок, најголема утеха можеш да најдеш ако размислуваш за библиската надеж за воскресение.d Лорен, чиј брат загинал во сообраќајна несреќа како тинејџер, се уверила во тоа. „Колку и да ми беше тешко“, вели таа, „ја земав Библијата и читав, макар само еден стих. Избирав стихови што ми беа посебно охрабрувачки и ги читав одново и одново. На пример, ме тешеа зборовите што Исус ѝ ги кажал на Марта по смртта на Лазар: ‚Твојот брат ќе стане‘“ (Јован 11:23).

„Не мораш да потонеш во тагата“

Колку и да е тешко, ако научиш да се носиш со тагата, ќе ти биде полесно да продолжиш со животот. Немој да чувствуваш вина, мислејќи дека со тоа би го изневерил или би го заборавил починатиот. Факт е дека никогаш нема да го заборавиш. Во некои прилики, спомените може да те преплават, но со текот на времето нема да бидат толку болни.

Исто така, можеби со текот на времето со задоволство ќе се навраќаш дури и на оние спомени што во исто време ти будат и радост и тага. На пример, Ешли, која беше цитирана во претходната статија, вели: „Се сеќавам на денот пред да почине мајка ми. Изгледаше дека состојбата ѝ се подобрува затоа што првпат по долго време стана од креветот. Додека сестра ми ѝ ја чешлаше косата, сите три почнавме да се смееме за нешто. Тогаш на нејзиното лице видов насмевка — нешто што го немав видено долго време. Ѝ беше толку убаво што е со своите ќерки“.

Ќе можеш да се сетиш и на некои вредни поуки што си ги научил од починатиот. На пример, Сали вели: „Мајка ми знаеше многу добро да поучува. Даваше одлични совети без да звучи како да ти држи лекција и ме научи како сама да донесувам добри одлуки а не едноставно да го направам она што таа или татко ми ќе ми го кажат“.

Спомените за починатиот може да бидат токму она што ти е потребно за да продолжиш понатаму. Тоа го увидел и младиот Алекс. „По смртта на татко ми“, вели тој, „решив да продолжам да живеам онака како што ме учеше тој — да му се радувам на животот. На оние што изгубиле родител би им рекол: Никогаш нема да го прежалиш родителот, но не мораш да потонеш во тагата. Во ред е да тагуваш, но не заборавај дека животот е пред тебе.“

[Фусноти]

a Добро би било да не донесуваш избрзани одлуки, на пример да се преселиш во друг стан или да започнеш нова врска. Таквите промени треба да се прават само кога имаш доволно време да се приспособиш на новата ситуација во животот.

b Иако алкохолот може да ти ја ублажи болката од загубата, тоа е само моментално. Долгорочно гледано, алкохолот нема да ти ја олесни тагата, а може да станеш и зависник.

c Бидејќи секој жали на поинаков начин, пријателите и роднините не треба на ужалениот да му го наметнуваат своето лично гледиште (Галатите 6:2, 5).

d Повеќе информации во врска со состојбата на мртвите и со Божјето ветување за воскресение има во 6. и 7. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 8]

„Колку и да ми беше тешко, ја земав Библијата и читав, макар само еден стих“ (Лорен)

[Рамка/слика на страница 7]

КАКО ДА СЕ СПРАВИШ СО ЧУВСТВОТО НА ВИНА

Можеби мислиш дека некакво невнимание од твоја страна придонело за смртта на починатиот. Од помош може да ти биде тоа што ќе имаш на ум дека чувството на вина — основано или неосновано — е нормална реакција кога некој тагува. Но, не мора тоа чувство да го чуваш само во себе. Може многу да ти олесни ако зборуваш за чувството на вина со некого.

Меѓутоа, имај на ум дека колку и да сакаме некого, не можеме да му го контролираме животот ниту, пак, можеме да спречиме „времето и непредвидените настани“ да ги снајдат оние што ги сакаме (Проповедник 9:11). Освен тоа, сигурно си немал лоши мотиви. На пример, ако не си закажал лекарски преглед порано, дали тоа значи дека си имал намера твојот роднина или пријател да се разболи и да умре? Се разбира дека не! Тогаш дали навистина си виновен за неговата смрт? Не.

Една мајка успеала да ја победи вината што ја чувствувала кога ќерка ѝ загинала во сообраќајна несреќа. Таа објаснува: „Чувствував вина затоа што ја испратив да заврши нешто. Но, увидов дека тоа е неразумно. Немаше ништо лошо во тоа што ја испратив со татко ѝ да завршат една работа. Тоа едноставно беше ужасна несреќа“.

Но, можеби ќе речеш: ‚Има толку работи што би сакал да ги кажев или да ги направев‘. Точно, но кој од нас може да рече дека е совршен татко, мајка или дете? Библијата нѐ потсетува: „Сите ние честопати грешиме. Ако некој не греши во зборови, тој е совршен човек“ (Јаков 3:2; Римјаните 5:12). Затоа, прифати го фактот дека не си совршен. Со тоа што постојано ќе си велиш „камо да направев вака или така“, нема да смениш ништо, туку само ќе ти биде потешко да закрепнеш.e

[Фуснота]

e Види ја брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш..., издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 6]

Понекогаш, остарениот родител мора да го теши своето возрасно дете

[Слики на страница 9]

Кога жалиш поради смртта на некој близок, може да ти биде полесно ако си водиш дневник, ако разгледуваш слики и ако прифатиш помош

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели