Како да ја прифатиш реалноста
„Веста за смртта на татко ми многу ме потресе. Паднав во очај. Ме обзеде чувство на вина затоа што не бев покрај него кога почина. Ништо не може да се спореди со силната болка кога ќе ти умре некој близок. Толку многу ми недостига татко ми!“ (Сара)
ЗА ПОВЕЌЕТО луѓе, без оглед од која култура или религија се, смртта е непријатна тема за разговор. На некои јазици постојат повеќе еуфемизми за да се избегне ваквата неугодност. На македонски, наместо да речат дека некој „умрел“, луѓето знаат да кажат дека „починал“ или дека „повеќе не е меѓу нас“, а наместо „умрен“ велат „починат“ или „покоен“.
Сепак, дури и најблагиот израз не може да ја намали тагата што обично ја чувствуваат оние што изгубиле свој близок. За некои, тагата е толку тешка што едноставно не можат да ја прифатат реалноста.
Ако ти починал некој близок, можеби и тебе ти е тешко да се навикнеш на загубата. Можеби дури и се правиш дека ти е добро, но однатре срцето ти се кине. Се разбира, секој не жали на ист начин. Затоа, ако не ја покажуваш тагата, не значи дека ги потиснуваш чувствата.a Но, до проблеми може да дојде ако се чувствуваш принуден да жалиш исто како другите — можеби како останатите од семејството.
„Немаше кога јас да жалам“
Да го земеме за пример Натаниел, млад човек чија мајка умрела кога имал 24 години. „Отпрвин бев како изгубен“, вели тој. „Си мислев дека треба да ги тешам татко ми и многуте потресени пријатели на мајка ми. Немаше кога јас да жалам.“
По повеќе од една година, Натаниел сфатил дека воопшто не им обрнал внимание на сопствените чувства. „Татко ми сѐ уште ми се јавува одвреме-навреме за да си ја искаже болката“, вели тој, „и тоа е убаво. Мора да си се истажи и мило ми е што можам да му помогнам. Само, кога мене ми треба утеха, имам чувство како да сум оставен сам на себе.“
Оние што се грижат за болни, како што се медицинските лица кои честопати мораат да се соочуваат со смртни случаи, можеби се чувствуваат обврзани да ги потиснуваат своите чувства. Да ја земеме за пример Елоиза, која била лекар повеќе од 20 години. Таа работела во место каде што сите се знаат и била блиска со своите пациенти. „Со многумина бев до нивниот последен здив“, вели таа, „а некои од нив многу ги сакав.“
Елоиза сфатила дека плачењето е природен начин да се најде олеснување. „Меѓутоа, ми беше тешко да плачам“, вели таа. „Толку се трудев да останам цврста за да им помагам на другите што сметав дека треба да си ги контролирам своите чувства. Мислев дека другите го очекуваат тоа од мене.“
„Куќата беше празна без неа“
Осаменоста е можеби најтешкото нешто за оние на кои им починал некој близок. На пример, Ешли имала 19 години кога мајка ѝ починала од рак. „Се чувствував потполно изгубена и осамена“, вели таа. „Мајка ми ми беше најдобрата пријателка. Поминувавме заедно многу време.“
Секојпат кога ќе влезела дома и ќе сфатела дека мајка ѝ повеќе ја нема, на Ешли ѝ било многу тешко, што е сосема разбирливо. „Куќата беше празна без неа“, вели таа. „Многу пати ќе си отидев право во собата и ќе плачев додека ги гледав нејзините слики и си спомнував за сето она што го правевме заедно.“
Биди уверен дека, сеедно дали си загубил член на семејството или некој близок пријател, и други поминале низ истото. Како што ќе видиме, многумина нашле начин да си помогнат.
[Фуснота]
a Бидејќи сите не ја искажуваат тагата исто, не би било фер другите да донесуваат заклучоци за оние кои не ги покажуваат чувствата кога ќе им умре некој близок.
[Истакната мисла на страница 5]
„Се чувствував потполно изгубена и осамена. Мајка ми ми беше најдобрата пријателка“ (Ешли)