Грешки што доведоа до светска војна
Можно ли е еден ден неочекувано да избувне Трета светска војна? Би можеле ли политичките водачи и нивните воени советници погрешно да ги проценат ризиците, и тоа да биде причина за смрт на милиони лица?
НЕ ЗНАЕМЕ. Меѓутоа, она што го знаеме е дека вакво нешто се случило во минатото. Пред околу еден век, европските водачи ги втурнаа своите народи во Големата војна, која подоцна беше наречена Прва светска војна, без да се свесни какви ужаси ќе повлече тоа по себе. „Се впуштивме во војна непромислено“, призна Дејвид Лојд Џорџ, премиер на Велика Британија од 1916 до 1922 год. Да разгледаме неколку поважни настани што водеа до ужасно крвопролевање.
Историчарот А.Џ.П. Тејлор пишува: „Ниеден политичар не сакаше војна од големи размери, но имаше такви кои сакаа да се закануваат и да победат“. Рускиот цар сметаше дека треба да се стори сѐ што е можно за да се зачува мирот. Тој не сакаше да биде одговорен за сурово крвопролевање. Меѓутоа, настаните излегоа од контрола поради два судбоносни куршума истрелани на 28 јуни 1914 год., околу 11:15 часот.
Два истрела што го сменија светот
До 1914 год., долгогодишното соперништво меѓу европските сили кулминира во крајно напната ситуација. Од тоа произлегоа два спротивни блока: Тројниот сојуз, кој го сочинуваа Австро-Унгарија, Италија и Германија, и Тројната антанта, со Велика Британија, Франција и Русија. Освен тоа, овие држави имаа политички и економски врски со голем број други земји, вклучувајќи ги и земјите на Балканот.
Во тоа време, балканските народи офкаа под чизмата на помоќните сили, па затоа овој регион беше политички нестабилен и вриеше од тајни организации што се бореа за независност. Меѓу нив беше и една мала група од млади луѓе кои планирале атентат врз австрискиот надвојвода Франц Фердинанд додека беше во посета на Сараево, на 28 јуни. Задачата им ја олеснило слабото обезбедување од страна на полицијата. Меѓутоа, овие атентатори беа слабо обучени. Едниот од нив фрлил мала бомба, но ја промашил целта, а другите не реагирале навреме. Гаврило Принцип беше единствениот заговорник кој успеа, и тоа сосема случајно.
Кога видел дека надвојводата сѐ уште се вози и дека не е повреден од бомбата, се обидел да се пробие до автомобилот, но напразно. Разочаран, отишол во еден ресторан преку патот. Во меѓувреме, надвојводата, кој бил лут поради инцидентот, го сменил текот на својата посета. Но, без да биде информиран за ваквата промена, неговиот возач тргнал во погрешна насока, и затоа морал да ја сврти колата. Во тој момент, Гаврило излегол од ресторанот, и надвојводата се нашол на само 3 метри од него во отворениот автомобил. Гаврило се доближил до автомобилот и истрелал два куршума, со кои ги убил надвојводата и неговата сопруга.a Овој наивен српски националист најверојатно не бил воопшто свесен каква лавина од настани предизвикал со тоа. Сепак, не може да се каже дека само тој ја сноси вината за ужасите што уследија.
На прагот од војната
Пред 1914 год., повеќето жители на Европа немаа реалистична претстава за војните. Ги сметаа за корисни, благородни и славни — иако се изјаснуваа како христијани. Некои политички водачи дури мислеа дека војната ќе придонесе за градење на националното единство и дека ќе го подигне духот на народот! Освен тоа, некои генерали им гарантирале на своите водачи брза и решителна победа. „Франција ќе ја победиме за само две седмици“, се фалел еден германски генерал. Никој и не претпоставувал дека милиони мажи со години ќе чмаат по рововите.
Освен тоа, во периодот пред војната, „Европа ја зафати силен бран на екстремен национализам“, вели книгата Соработка под анархија (Cooperation Under Anarchy). „Училиштата, универзитетите, печатот и политичарите на сите можни начини го поддржуваа самофалството и создавањето митови“.
Верските водачи не сторија речиси ништо за да го спречат тоа. Историчарот Пол Џонсон го вели следново: „Од едната страна беа протестантска Германија, католичка Австрија, православна Бугарија и исламска Турција. Од другата беа протестантска Велика Британија, католички Франција и Италија и православна Русија“. Повеќето верски водачи, додава тој, „го изедначуваа христијанството со патриотизмот. Христијанските војници од сите деноминации беа поттикнати да се убиваат во името на својот Спасител“. Беа мобилизирани дури и калуѓерки и свештеници, а на бојните полиња загинаа илјадници војници.
Европските сојузи, кои првобитно беа склучени за да не дојде до голема војна, всушност придонесоа тоа да се случи. На кој начин? „Системот за безбедност на европските сили беше многу сложен“, стои во Соработка под анархија. „Секоја земја сметаше дека безбедноста ѝ зависи од нејзините сојузници, па затоа чувствуваше обврска веднаш да ги брани — дури и ако некој од сојузниците беше тој што го испровоцирал нападот.“
Друг опасен елемент беше Шлифеновиот план на Германија — стратегија што го доби името според еден поранешен началник на германскиот генералштаб, генералот Алфред фон Шлифен. Планот, кој предвидувал првиот напад да се изведе многу брзо, бил изготвен под претпоставка дека Германија ќе треба да се бори и со Франција и со Русија. Затоа, целта била брза победа над Франција додека Русија полека се мобилизира, а потоа напад на Русија. „Спроведувањето на планот [на Шлифен] и системот на воени сојузи ја направиле речиси неизбежна војната на целиот европски континент“, вели World Book Encyclopedia.
Низа од погрешни потези
Иако при официјалната истрага не биле најдени докази дека српската влада е вмешана во атентатот на надвојводата, Австрија била решена еднаш засекогаш да им стави крај на словенските агитации во царството и „да ѝ одржи лекција на Србија“, вели историчарот Џ. М. Робертс.
Во обид да ја намали напнатоста, рускиот пратеник во српската престолнина, Никола Хартвиг, се обидуваше да најде некаков компромис. Меѓутоа, доживеа срцев удар, и почина за време на состанокот со австриската делегација. Најпосле, на 23 јули, Австрија испрати до Србија список со барања кои беа еднакви на ултиматум. Бидејќи Србија не можеше да ги прифати сите барања, Австрија веднаш ги прекина дипломатските односи. Дипломатијата потфрли токму во тој пресуден момент.
Сепак, беа направени неколку обиди да се спречи војната. На пример, Обединетото Кралство даде предлог за одржување на меѓународна конференција, а германскиот кајзер побара од рускиот цар да не врши мобилизација. Но, настаните излегоа од контрола. „Политичари, генерали и цели држави беа изненадени од самиот размер на настаните што почнаа да се случуваат“, стои во книгата Иницијатива за војна (The Enterprise of War).
На 28 јули, австрискиот цар, кој имаше загарантирана поддршка од страна на Германија, ѝ објави војна на Србија. Русија застана на страната на Србија и се обиде да го спречи австрискиот напад така што објави дека ќе мобилизира околу милион руски војници и ќе ги постави на границата со Австрија. Бидејќи со тоа руската граница со Германија би останала незаштитена, рускиот цар беше принуден да издаде наредба за тотална мобилизација.
Царот се обиде да го увери кајзерот дека не планира да ја нападне Германија. Меѓутоа, мобилизацијата на Русија ја наведе Германија брзо да реагира и, на 31 јули, да започне со спроведувањето на Шлифеновиот воен план. На 1 август ѝ објави војна на Русија, а два дена подоцна и на Франција. Бидејќи, според планот, требало да се помине преку Белгија, Британија ѝ се закани на Германија со војна ако не ја почитува неутралноста на Белгија. Германските трупи навлегоа во Белгија на 4 август. Веќе немаше враќање назад.
„Најголемата дипломатска катастрофа на денешницата“
„Објавувајќи војна, Британија ја запечати најголемата дипломатска катастрофа на денешницата“, напишал историчарот Норман Дејвис. Еден друг историчар, Едмонд Тејлор, пишува дека, откако Австрија објави војна на 28 јули, „непромисленоста играше важна улога да се разгори [таа војна]. Се случија премногу настани за премногу кратко време на премногу места... Најбистрите умови не можеа да се справат со сите тие информации“.
Повеќе од 13 милиони војници и цивили го загубија животот како последица на оваа погубна „непромисленост“. Оптимизмот и човечноста исто така ги снема додека „цивилизираните“ народи, вооружени со моќно, ново оружје, кое масовно се произведуваше, се убиваа меѓу себе како никогаш порано. Светот повеќе нема да биде истиот. (Види ја рамката „Светска војна — знак за времињата?“)
[Фуснота]
a Гаврило Принцип ја убил жената на надвојводата по грешка. Тој планирал да пука во генерал Потјорек, гувернерот на Босна кој седел со кралската двојка во автомобилот, но нешто го спречило во тоа.
[Рамка/слика на страница 20]
СВЕТСКА ВОЈНА — ЗНАК ЗА ВРЕМИЊАТА?
Библијата прорекла дека војните ќе бидат дел од знакот за последните денови на сегашниов злобен свет (Матеј 24:3, 7; Откровение 6:4). Исполнувањето на овој знак денес е доказ дека брзо се приближува времето кога Божјето Царство ќе преземе целосна контрола над Земјата (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10).
Освен тоа, Божјето Царство ќе отстрани и една невидлива сила која влијае врз светските настани — злобните духови под водство на Сатана Ѓаволот. „Целиот свет е под власта на Злобниот“, стои во 1. Јованово 5:19. Негативното влијание на Сатана им нанело големи страдања на луѓето, а тука несомнено спаѓаат и погубните настани што водеа до Првата светска војна (Откровение 12:9-12).b
[Фуснота]
b Повеќе информации за последните денови и за овие злобни духови можат да се најдат во библиската публикација Што навистина учи Библијата?, објавена од Јеховините сведоци.
[Извор на слика]
U.S. National Archives photo
[Слика на страница 19]
Атентатот на надвојводата Фердинанд
[Извор на слика]
© Mary Evans Picture Library