Како современото земјоделие го промени светот
КАКО набавуваш храна? Ја купуваш или ја одгледуваш? До неодамна, повеќето луѓе беа земјоделци кои се бореа за гола егзистенција бидејќи зависеа од сопственото земјоделско производство. Меѓутоа, денес само 2 отсто од населението во некои индустријализирани земји се занимава со земјоделие. Како дошло до оваа промена?
Развојот на земјоделието започнал со бавно темпо, кое сѐ повеќе се забрзувало. Секоја негова фаза предизвикала крупни промени во животот на милиони семејства, а овој процес продолжува и понатаму, и тоа низ целиот свет. Да видиме како напредокот на земјоделието влијаел врз луѓето. Тоа ќе ни помогне подобро да го разбереме светот околу нас.
Првите пронајдоци
Изненадува фактот дека најголемиот пресврт во развојот на земјоделието во Европа се случил уште во 12 век, кога почнал да се користи оглавникот. Овој дел од уздата овозможувал коњот да работи, а сепак да не се задави. Коњите впрегнати на ваков начин можеле да влечат посилно, побрзо и подолго отколку воловите што се користеле пред тоа. Тоа довело до пораст на земјоделското производство. Земјоделците можеле да користат железни плугови за да ораат земја што претходно не можела да се обработува. Уште еден чекор напред бил направен кога почнале да се сеат култури како што се гравот, грашокот, детелината и луцерката, кои го подобруваат квалитетот на почвата бидејќи ја збогатуваат со азот. Ваквата почва давала многу побогат род.
Овие подобрувања им овозможиле на земјоделците да произведуваат вишок храна, која потоа можеле да ја продаваат. Градовите почнале да се прошируваат бидејќи луѓето можеле да купуваат храна работејќи како производители на средства за масовна потрошувачка и како трговци. Од редовите на богатите производители, трговци и земјоделци се појавиле и првите иноватори на земјоделски машини.
Околу 1700 год., еден земјоделец од Англија, по име Џетро Тал, ја пронашол механичката сејалка која требало да ја влечат коњи. Таа го заменила рачното сеење со кое се растурало многу семе. Во 1831 год., Сајрус Меккормик од САД ја пронашол жнеалката што ја влечеле коњи и со која житото се жнеело петпати побрзо отколку на рака. Некаде во тоа време, трговците почнале да носат во Европа ѓубрива од крајбрежјето на Јужна Америка во близина на Андите. Со воведувањето на машините и ѓубривата, драстично се зголемило производството на храна. Но, како се одразила оваа промена врз луѓето?
Напредокот на земјоделието ја забрзал индустриската револуција бидејќи овозможил да падне цената на храната во градовите. Ваквата револуција започнала најпрвин во Британија некаде помеѓу 1750 и 1850 год. Илјадници семејства морале да се преселат во индустриски развиените градови каде што работеле во јагленокопите, железарниците, бродоградилиштата и текстилните фабрики. Тие и немале подобар избор. Ситните земјоделци кои не можеле да ги воведат новите земјоделски методи добивале многу мал приход од своето производство, па затоа не можеле да ја платат рентата. Наместо да работат заедно на своите фарми, цели семејства морале да ги напуштат и да живеат во пренаселените градови, каде што брзо се ширеле разни болести. Таму мажите биле принудени да бараат работа далеку од својот топол дом. Дури и децата морале долги часови да работат во фабриките. До слични промени дошло и во другите земји.
Воведување на научни методи
До 1850 год., некои земји станале доволно богати за да вложат средства во развојот на земјоделието. Напредокот на земјоделските науки до ден-денес е причина за постојани промени. На пример, применувајќи ги законите на генетиката, со вкрстување биле добиени сорти што давале побогат род и биле поотпорни на болести. Истражувачите исто така откриле колкав треба да биде точниот сооднос помеѓу нитратите и фосфатите за секој посев и за секој вид почва. Дотогаш, за плевење биле потребни многу аргати. Но, многумина од нив ја изгубиле својата работа кога научниците измислиле ефикасни хербициди кои не дозволувале плевелот да се шири толку брзо. Инсектите, црвите и грдјата отсекогаш им задавале многу маки на земјоделците, но благодарение на големиот избор на хемикалии, сега можеле да се справат речиси со сите штетници.a
Сточарството исто така доживеало промени. Електронските молзалки и автоматските хранилки овозможуваат еден сточар со само еден помошник да се грижи за 200 крави. Фармерите можат да ги згојат своите телиња и свињи побрзо од кога и да е порано чувајќи ги во штали и кочини наместо на отворено, со што ја контролираат нивната исхрана и температурата на која се изложени.
Повеќето резултати од примената на науката во земјоделието и во сточарството беа извонредни. Откако ги применија новите методи, некои фармери го зголемија своето производство по работник од сто до илјада пати повеќе. Но, како влијаат ваквите промени врз животот на луѓето?
Промена во животот на земјоделците
Машините им го сменија животот на земјоделците во многу места. Од повеќето земјоделци и наемници се очекува да знаат како да ракуваат со сложени машини и како да ги одржуваат. Сѐ поголем број од нив сега работат сами наместо во групи како порано, кога заедно сееле, копале и жнееле.
Денес земјоделците во многу земји се високообразовани бизнисмени кои се занимаваат со масовно производство на само неколку, па дури и на еден земјоделски производ. Тие вложуваат огромни средства во земјишта, објекти и механизација. И покрај тоа, тие сѐ уште зависат од другите. Големите фабрики за преработка на храна и синџирите од супермаркети ги диктираат не само цените туку и разновидноста, големината и бојата на производот. Земјоделските инженери им го осмислуваат системот на производство, а специјализирани компании ги снабдуваат со ѓубриво, пестициди и семиња од хибридни сорти на кои им одговараат условите на нивните ниви. Ова е голем напредок во споредба со методите што ги користеле нивните предци. Сепак тие и понатаму мораат да се борат за егзистенција, а некои се загрижени дека одредени земјоделски методи можат да имаат негативни ефекти.
Нерешени проблеми
Многу земјоделци во развиените земји и денес се присилени да се откажат од своето занимање бидејќи не можат да им конкурираат на големите земјоделски фарми. За да го задржат имотот, некои од нив нудат и други услуги како сместување за туристи, места за кампување и терени за голф или изработуваат ракотворби. Други произведуваат органска храна, одгледуваат цвеќиња или чуваат ноеви и алпаки.
Во посиромашните земји, каде што за 80 отсто од населението основен извор на егзистенција е земјоделието, повеќето сиромашни земјоделци исто така се борат со тешки промени. Меѓународните компании, кои користат современи земјоделски методи, ја купуваат најдобрата земја и одгледуваат земјоделски култури наменети за подалечните пазари. Со слаба или никаква механизација, земјоделците кои едвај врзуваат крај со крај обработуваат најчесто јалова земја или мали ниви за да ги прехранат семејствата.
Во многу земји, сѐ повеќе луѓе ги напуштаат селата за да живеат во градовите, што е кулминација на еден процес кој започнал пред неколку века. Тоа што луѓето се откажуваат од земјоделието и ги населуваат урбаните средини сѐ уште е од корист за едни, а на штета на други. Многу малку влади, ако воопшто има такви, им дале соодветна помош на загрозените земјоделци. На човештвото очајно му е потребно Божјето Царство, кое ќе направи промени што навистина ќе ни го подобрат животот! (Исаија 9:6).
[Фуснота]
a Разбудете се! не се залага за некоја посебна земјоделска метода.
[Рамка/слики на страница 23]
ДВА ВИДА ЗЕМЈОДЕЛИЕ
Еусебио живее на Андите. Тој се занимава со земјоделие и чува 14 грла добиток. „Сите си имаат име“, вели тој. „Го сакам земјоделието. Зеленчукот е чисто наше производство. Јас и жена ми им помагаме на соседите кога ораат и жнеат, а и тие ни помагаат нам. Никој од нас нема механизација. Ораме со бикови, а стрмните места ги копаме рачно.
Еднаш се разболе и ни умре речиси целиот добиток. Посетував краток курс по ветерина, и оттогаш не ни умрело ниту едно добиче поради болест. Сега им помагам и на соседите кога имаат проблеми со нивната стока. На селскиот пазар продаваме сирење, но заработуваме многу малку. Сепак, секогаш имаме доволно храна за нашите шест деца.“
Ричард има повеќе од 500 хектари земја во канадската прерија. Тој главно работи сам, освен за време на сеидбата и жетвата, кога му помага еден наемник.
„Денешните земјоделци се исцрпени повеќе психички отколку физички“, вели Ричард. „И тракторот и жнеалката имаат клима-уред кој ме штити од правот и инсектите. Машините се широки и до 9 метри и можат да насеат и да ожнеат 65 хектари за само еден ден. Но, од овие машини ми зависи целата работа, а токму тоа ми создава голем стрес. Одвреме-навреме, мора да земам кредит за да ги заменам. Дали ќе го отплатам овој долг зависи од фактори врз кои немам никаква контрола, како што се дождот, мразот, цената на производот и каматната стапка. Ваквиот притисок доведе до многу брачни проблеми, па дури и до самоубиства меѓу овдешниве земјоделци.“
[Слика на страница 21]
Жнеалката „Меккормик“, пронајдена во 1831 год., со која земјоделците жнееле петпати побрзо отколку порано
[Извор на слика]
Wisconsin Historical Society, WHi-24854