ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/1 стр. 4-8
  • Разнообразноста — неопходна за живот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Разнообразноста — неопходна за живот
  • Разбудете се! 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зелената револуција
  • Генетичка револуција
  • Банки на семиња — гаранција против истребувањето?
  • Проблеми во банката
  • Исчезнуваат растителни видови — зошто?
    Разбудете се! 1998
  • Дали човекот го уништува сопствениот извор на храна?
    Разбудете се! 2002
  • Кој ќе го прехрани светот?
    Разбудете се! 2002
  • Како современото земјоделие го промени светот
    Разбудете се! 2009
Повеќе
Разбудете се! 2002
g02 8/1 стр. 4-8

Разнообразноста — неопходна за живот

ВО 1840-тите, населението на Ирска ја надминало бројката од осум милиони и таа станала најгусто населена земја во Европа. Компирот бил главен дел од исхраната, а најмногу се одгледувала една сорта наречена ламперс.

Во 1845, фармерите ги засадиле своите ламперси како и секогаш, но ги нападнала цветната вошка и го уништила речиси целиот принос. „Поголемиот дел од Ирска ја преживеа таа тешка година“, напишал Пол Рејберн во својата книга The Last Harvest—The Genetic Gamble That Threatens to Destroy American Agriculture (Последната жетва — генетичка игра на среќа што се заканува да го уништи американското земјоделство). „Запустувањето настапи следната година. Фармерите немаа избор освен повторно да ги засадат истите компири. Немаа други сорти. Цветната вошка повторно нападна, овој пат многу жестоко. Страдањето беше неописливо.“ Историчарите проценуваат дека 1 милион луѓе умреле од глад, додека 1,5 милион емигрирале, повеќето во Соединетите Држави. Оние што останале се мачеле во крајна сиромаштија.

На Андите во Јужна Америка, фармерите одгледувале многу различни сорти компири, а само неколку од нив биле нападнати од цветната вошка. Затоа, таму немало епидемија. Јасно, разнообразноста на видовите и разнообразноста во рамките на видовите дава заштита. Одгледувањето само една земјоделска култура е спротивно на оваа основна стратегија за преживување и ги изложува растенијата на болести и штетници, кои можат да го десеткуваат родот во целиот регион. Затоа, голем број земјоделци многу зависат од честата употреба на пестициди, хербициди и фунгициди, иако таквите хемикалии честопати се опасни за животната средина.

Зошто земјоделците заменуваат многу од своите домашни видови само со една земјоделска култура? Обично го прават ова како одговор на економските притисоци. Одгледувањето само една земјоделска култура ветува лесна берба, привлечен производ, отпорност на расипување и висока продуктивност. Овие трендови помасовно започнаа во 1960-тите со таканаречената зелена револуција.

Зелената револуција

Преку големи кампањи што ги предводеа владите и разни корпорации, земјоделците во земјите подложни на глад беа наговорени да ги заменат различните земјоделски култури со еднообразни, високородни жита, особено оризот и пченицата. Овие „чудотворни“ жита беа поздравени како решение за гладот во светот. Но, тие не беа евтини — семето е трипати поскапо од нормалната цена. Исто така, родот многу зависеше од хемикалиите, вклучувајќи ги и ѓубривата, а да не ја спомнуваме скапата механизација како што се тракторите. Сепак, со паричната помош што ја одобрија владите, зелената револуција зеде замав. „Иако таа спаси од глад милиони луѓе“, вели Рејберн, „сега ѝ се заканува на сигурноста на храната во целиот свет.“

Всушност, зелената револуција можеби даде краткотрајни користи по цена на долготрајни ризици. Одгледувањето само една земјоделска култура наскоро стана вообичаено на цели континенти — додека интензивната употреба на ѓубрива го поттикна растот на плевел, а пестицидите ги уништуваа корисните инсекти заедно со штетниците. На оризовите полиња, токсичните хемикалии ги убиваа рибите, ракчињата, раковите, жабите, како и билките и дивите растенија што можат да се јадат — од кои повеќето се скапоцени додатоци во исхраната. Изложеноста на хемикалии предизвика и труење кај земјоделците.

Една професорка на Одделот за биологија на отворениот универзитет во Велика Британија, д-р Мае-Ван Хо, напишала: „Сега е неоспорно дека монокултурите воведени по ‚Зелената револуција‘ имаа негативно влијание врз биодиверзитетот и врз сигурноста на храната во целиот свет“. Според Агенцијата за исхрана и земјоделство при ОН, 75 проценти од генетичкиот диверзитет што бил присутен во земјоделските растенија пред еден век сега е изгубен, главно поради индустрискиот начин на одгледување.

Еден весник издаден од Worldwatch Institute опоменува дека „еколошките ризици на кои се изложуваме кога прифаќаме генетичка еднообразност се огромни“. Како се држат под контрола ваквите ризици? Потребни се научници од областа на земјоделството и јаки хемикалии, како и финансирање на земјоделците. Сепак, не постои никаква гаранција. Генетичката еднообразност придонесе за појавата на страшната пченкарна вошка во Соединетите Држави и за загубата на половина милион ари ориз во Индонезија. Меѓутоа, во последниве години започна една нова револуција во земјоделството, која вклучува манипулација со животот на едно пофундаментално ниво — генот.

Генетичка револуција

Изучувањето на генетиката доведе до една нова профитна индустрија наречена биотехнологија. Како што покажува самото име, таа претставува соединување на биологијата и современата технологија преку техники како што е генетичкиот инженеринг. Земјоделството е специјалност на некои од новите биотехнолошки компании, како што се нарекуваат, и тие забрзано работат на патентирањето семиња кои даваат висок род, кои се отпорни на болести, на суша и на мраз и кои ја намалуваат потребата од штетни хемикалии. Ако можат да се постигнат таквите цели, тоа би било многу корисно. Но, некои покажале загриженост во врска со земјоделските култури добиени по пат на генетички инженеринг.

„Во природата, генетичката разнообразност се создава во рамките на извесни граници“, вели книгата Genetic Engineering, Food, and Our Environment (Генетичкиот инженеринг, храната и нашата животна средина). „Ружата може да се вкрстува со различни сорти ружи, но ружата никогаш нема да се вкрсти со компир . . . Од друга страна, пак, генетичкиот инженеринг обично вклучува земање гени од еден вид и нивно внесување во друг вид за да се пренесе некоја пожелна карактеристика или особина. Тоа, на пример, би можело да значи избирање ген што овозможува да се создаде една хемиска супстанција со особини на антифриз, кој го има арктичката риба (како што е иверката), и да се вметне во некој компир или јагода за тие да станат отпорни на мраз. Сега е возможно да се добијат растенија по пат на инженеринг на гени земени од бактерии, вируси, инсекти, животни, па дури и луѓе“.a Според тоа, биотехнологијата им дозволува на луѓето да ги рушат генетичките ѕидови што ги одвојуваат видовите.

Како што беше случај со зелената револуција, она што некои го нарекуваат генетичка револуција придонесува за проблемот на генетичката еднообразност — некои велат дотолку повеќе што генетичарите можат да применат техники како што се клонирање и калемење, процеси од кои се добиваат совршено идентични копии, односно клонови. Затоа останува загриженоста во врска со намалувањето на биодиверзитетот. Меѓутоа, генетички изменетите растенија покренуваат нови проблеми, како што се ефектите што можат да ги имаат врз нас и врз животната средина. „Влетуваме на слепо во една нова ера на земјоделска биотехнологија негувајќи големи надежи, со малку ограничувања и без да имаме поим за потенцијалниот исход“, рекол научниот писател Џереми Рифкин.b

Од друга страна, пак, моќта да се манипулира со животот на генетичко ниво е потенцијален златен рудник и затоа постои трка да се патентираат нови семиња и други организми добиени по пат на инженеринг. Во меѓувреме, истребувањето на растенијата продолжува со несмалено темпо. Како што спомнавме претходно, за да се спречи катастрофа, некои влади и приватни институции основале банки на семиња. Дали овие банки ќе им овозможат на идните генерации да имаат најразлични семиња за садење и за берба?

Банки на семиња — гаранција против истребувањето?

Кралските ботанички градини во Кју (Англија), го започнаа она што го нарекуваат „еден од најголемите меѓународни проекти за зачувување што некогаш бил направен“ — Милениумскиот проект за банка на семиња. Главните цели на овој проект се 1) до 2010 година да се соберат и да се зачуваат 10 проценти — повеќе од 24.000 видови — од светската флора што носи семе и 2) прилично пред тоа да се собере и да се зачува семе од целата британска домашна флора што носи семе. И други земји основале банки на семиња, односно генетички банки, како што се нарекуваат понекогаш.

Биологот Џон Таксил наведува дека најмалку 90 проценти од милионите семиња складирани во банките на семиња се добиени од скапоцени растенија што се користат во исхраната и за други корисни цели, како што се пченицата, оризот, пченката, кинеската шеќерна трска, компирот, кромидот, лукот, шеќерната трска, памукот, сојата и други мешунки, да спомнеме само некои. Но, семето е жив организам што може да живее само додека не се потроши неговата внатрешна енергија. Според тоа, колку се сигурни банките на семиња?

Проблеми во банката

За да функционираат банките на семиња потребни се пари — секоја година вкупно околу 300 милиони долари, како што вели Таксил. Меѓутоа, дури и овој износ можеби не е доволен, забележува тој, затоа што „само 13 проценти од семињата што се складирани во банките се во добро управувани објекти со капацитет за долготрајно складирање“. Заради тоа што лошо складираното семе не трае долго, мора рано да се сади за да може да се собере следната генерација семиња; инаку банките на семиња ќе станат гробници на семиња. Се разбира, ваквата работа е многу мачна, а тоа само ги комплицира работите за објектите што веќе се под финансиски притисок.

Книгата Seeds of Change—The Living Treasure (Семе на промена — живо богатство) објаснува дека Државната лабораторија за складирање семиња во Колорадо (САД), „имала повеќекратни тешкотии, вклучувајќи и прекини на електрична струја, расипана разладна опрема и недоволен персонал, а сето тоа оставило огромни, хаотични купови семе што не било внесено во каталог“. Банките на семиња се подложни и на политички немири, економски преврати и природни катастрофи.

Долгорочното складирање создава и некои други проблеми. Во својата природна средина растенијата имаат ограничена но животоважна способност да се адаптираат, а тоа им овозможува да преживеат болести и други предизвици. Но, во заштитената средина во некоја банка на семиња, по неколку генерации може да изгубат дел од таа отпорност. Меѓутоа добро складираното семе од многу растенија може да стои со векови пред да биде потребно да се пресади. И покрај таквите ограничувања и несигурност, самото постоење на банките на семиња е одраз на сѐ поголемата загриженост за иднината на прехрамбените земјоделски култури на човештвото.

Се разбира, најдобар начин да се намали истребувањето е да се заштитат природните живеалишта и да се обнови разнообразноста на земјоделски култури. Но, за да се направи тоа, вели Таксил, треба да „постигнеме една нова рамнотежа меѓу човековите потреби и потребите на светот на природата“. Според тоа, колку е реалистично да се мисли дека луѓето ќе ‚постигнат една нова рамнотежа‘ со светот на природата додека со речиси религиозен жар се стремат по индустриски и економски напредок? Дури и земјоделството, како што видовме, се асимилира во светот на бизнисот каде што владее високата технологија и мотивацијата е маркетингот. Мора да постои некое друго решение.

[Фусноти]

a И понатаму постои спор околу теориите за евентуалните ефекти на генетички модифицираната храна врз здравјето на животните, луѓето и животната средина. Генетичкото мешање на организми кои воопшто не се сродни е причина што некои покренале етички прашања. (Видете го српското издание на Разбудете се! од 22 април 2000, страници 25—27.)

b Списанието New Scientist известува дека европската шеќерна репка што била „генетички модифицирана за да биде отпорна на еден хербицид случајно ги примила гените што ја прават отпорна на друг хербицид“. Заталканиот ген се вовлекол во репките кога тие биле случајно опрашени од друга сорта репка кај која со инженеринг било постигнато да биде отпорна на некој трет хербицид. Некои научници стравуваат дека раширената употреба на земјоделски култури отпорни на хербициди може да води до појава на суперкоров имун на хербициди.

[Рамка/слика на страница 7]

Земјоделецот ‚Загрозен вид‘?

„Од 1950, бројот на луѓе вработени во земјоделството нагло се намали во сите индустриски нации, во некои региони за повеќе од 80 проценти“, вели списанието World Watch. На пример, во Соединетите Држави сега има помалку земјоделци отколку затвореници. Што е причината за ваквото масовно напуштање на полето?

Главни фактори се намалениот приход, сѐ поголемите земјоделски долгови, порастот на сиромаштијата и сѐ поголемата механизација. Во 1910, земјоделците во Соединетите Држави добивале околу 40 центи за секој долар што купувачите го трошеле на храна, но во 1997, делот на земјоделецот се намалил на околу 7 центи. Земјоделец што произведува жито, вели World Watch, „добива само 6 центи од секој долар што ќе се потроши на една векна леб“. Тоа значи дека муштериите ја плаќаат амбалажата отприлика исто толку колку што му плаќаат на земјоделецот за житото. Во неразвиените земји положбата на земјоделците е уште потешка. Еден земјоделец од Австралија или од Европа можеби ќе побара заем од некоја банка за да преброди една лоша година, но земјоделецот од западна Африка нема да може повторно да се обиде. Можеби нема ни да преживее.

[Слики на страница 7]

„Монокултурите воведени по ‚Зелената револуција‘ имаа негативно влијание врз биодиверзитетот и врз сигурноста на храната во целиот свет“ (д-р Мае-Ван Хо).

[Извори на слики]

Заднина: U.S. Department of Agriculture

Centro Internacional de Mejoramiento de Maiz y Trigo (CIMMYT)

[Слики на страница 8]

Во Милениумската банка на семиња, во Англија, се чуваат скапоцени растителни семиња

[Извор на слика]

© Trustees of Royal Botanic Gardens, Kew

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели