Дали човекот го уништува сопствениот извор на храна?
„Вистинскиот проблем со кој се соочуваме денес не се долговите и дефицитот ниту глобалната конкуренција туку потребата да најдеме начин да живееме богат, исполнет живот без да ја уништуваме биосферата на оваа планета, која го поддржува целиот живот. Никогаш порано човештвото не се соочило со таква закана: распаѓање на самите елементи што нѐ одржуваат во живот“ (Генетичарот Дејвид Сузуки).
ЛЕСНО е да го сметаме јаболкото за нешто само по себе разбирливо. Ако живеете на место каде што растат јаболка во изобилство, можеби ќе си помислите дека не е тешко да се дојде до нив и, што е уште подобро, дека можете да изберете од најразлични сорти. Но, дали сте знаеле дека денес можеби ќе избирате од многу помалку сорти отколку пред 100 години?
Од 1804 до 1905, во Соединетите Држави се одгледувале 7.098 сорти јаболка. Денес, од нив се истребени 6.121 сорта — 86 проценти. Сличен е случајот и со крушите. Денес се истребени околу 88 проценти од 2.683 сорти што се одгледувале некогаш. Во поглед на зеленчукот, бројките се уште пострашни. Нешто исчезнува, а тоа нешто се нарекува биодиверзитет — не само богатата разнообразност на видови живи суштества туку и богатата разнообразност на сорти што спаѓаат во самиот вид. Разновидноста во рамките на различни видови зеленчук што се одгледуваат во Соединетите Држави драстично се намали за 97 проценти за помалку од 80 години! Но, дали разновидноста е важна?
Многу научници сметаат дека е важна. Иако сѐ уште се дебатира за улогата на биодиверзитетот, многу експерти за животна средина велат дека тој е неопходен за животот на земјата. Тие велат дека е важен како за растенијата што ги одгледуваме за храна така и за оние што растат диви во шумите, џунглите и пасиштата во светот. Разновидноста во рамките на еден вид исто така е важна. Многубројните сорти ориз, на пример, ја зголемуваат веројатноста дека некои сорти ќе можат да ги издржат вообичаените болести. Затоа, еден напис што го објави Worldwatch Institute неодамна забележа дека особено една работа може да му покаже на човештвото колку може да биде сериозно опаѓањето на биодиверзитетот на Земјата — ефектот врз нашиот извор на храна.
Истребувањето на растенијата може да влијае врз земјоделските култури најмалку на два начина: прво, уништувајќи ги „дивите“ роднини на култивираните земјоделски култури, кои се потенцијален извор на гени за идно размножување, и второ, намалувајќи го бројот на сорти во рамките на видовите што се одгледуваат. На пример, во почетокот на 20 век, во Азија веројатно се одгледувале преку 100.000 домашни сорти ориз, при што само во Индија се одгледувале најмалку 30.000 сорти. Денес, 75 проценти од земјоделските култури во Индија се состојат само од десет различни сорти. Во Шри Ланка, речиси сите 2.000 сорти ориз се заменети само со 5. Во Мексико, лулката на одгледувањето пченка, се одгледуваат само 20 проценти од сортите што ги имало таму во 1930-тите.
Но, во прашање не е само храната. Околу 25 проценти од комерцијално произведените лекови се добиваат од растенија, а и понатаму се пронаоѓаат нови растенија што се користат во медицината. Сепак, растенијата постојано се доведуваат до истребување. Дали, всушност, си ја сечеме гранката на којашто седиме?
Според Светското здружение за зачувување на природата и природните извори, на повеќе од 11.000 од приближно 18.000-те истражени растителни и животински видови им претстои истребување. На места како што се Индонезија, Малезија и Латинска Америка, каде што биле соголени огромни делови од шумите за да се направат плантажи, истражувачите можат само да нагаѓаат колку многу видови се на работ на истребувањето — или се веќе истребени. Сепак, некои велат дека истребувањето се одвива „катастрофално брзо“, известува The UNESCO Courier.
Се разбира, земјата сѐ уште произведува огромно количество храна. Но, уште колку долго ќе може да се прехранува сѐ побројната човечка популација ако се намали биодиверзитетот на планетава? Различни земји реагирале на ваквата загриженост основајќи банки на семиња како гаранција дека нема да се изгубат важни растенија. Некои ботанички градини започнале со задачата да зачуваат извесни растителни видови. Науката обезбедила едно моќно ново средство — генетичкиот инженеринг. Но, можат ли банките на семиња и науката навистина да го решат овој проблем? Следната статија ќе го разгледа ова прашање.