Можат ли да се спасат видовите на Земјата?
„ОД МАЈМУНИТЕ до албатросите и вилиното коњче, луѓето ги доведуваат другите суштества на работ на истребување толку брзо што ги загрозуваме сопствените шанси да преживееме“, вели The Globe and Mail од Канада. Коментарите во овој весник се однесуваат на списокот на загрозени видови (2000 IUCN Red List of Threatened Species) што го објави Светското здружение за зачувување на видовите со седиште во Женева (Швајцарија). Овој список предупреди дека повеќе од 11.000 видови растенија и животни се соочуваат со голем ризик да бидат истребени. Цицачите се меѓу најзагрозените. „Приближно секој четврти вид од цицачите што живеат на Земјата денес — односно 24 проценти — е во опасност од истребување“, известува Globe.
На што се должи оваа криза? Научниците укажуваат на меѓународната трговија со домашни миленичиња, сериското рибарење и исчезнувањето на природни живеалишта за да го објаснат забрзаното темпо со кое исчезнуваат овие видови. Освен тоа, бидејќи се градат сѐ повеќе патишта кои минуваат низ шуми што никогаш не биле допрени од човечка рака, „луѓето имаат сѐ поголем пристап до дивите животни што некогаш беа недостапни. Тие ги убиваат и ги јадат. Ако ова се прави речиси до крај, животинските видови изумираат“.
Научниците предупредуваат дека ова претставува опасност и за луѓето. „Со тоа што ги доведуваме до истребување животинските видови, ние чепкаме во системот што нѐ одржува во живот“, вели Дејвид Бракет, претседавач на комисијата за опстанок на видовите при Светското здружение за зачувување. „Земјината топка нема да преживее ако целата разновидност на живи суштества остане само во зоолошките градини.“
Извештајот од IUCN ја поттикнува глобалната заедница да дејствува, наведувајќи дека „човечките и финансиските ресурси мора да се мобилизираат 10 до 100 пати повеќе од моменталното ниво за да се излезе во пресрет на оваа криза“. Меѓутоа, за жал, алчноста честопати ги спречува искрените напори да се зачуваат природните богатства на нашава планета.
Можат ли да се спасат живите видови на Земјата? Првите луѓе и нивните потомци добиле задача да се грижат за разновидноста на животот на нашава планета. „Господ, Бог, го зеде човекот и го постави во Еденската Градина, за да ја обработува“, вели Библијата, „и да ја чува“ (Битие 2:15). Иако човекот не ја исполнува својата обврска, Божјата намера со Земјата останала иста. Тој се грижи за нашава планета и нема да дозволи да биде уништена од невнимателност или алчност (Откровение 11:18). Неговата Реч ветува: „Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:29).
[Извор на слика на страница 31]
U.S. Fish & Wildlife Service, Washington, D.C./J.D. Pittillo