Загрозени орхидеи?
Орхидеите се прилагодливи. Тие можат да растат на почва, на дрвја, па дури и на карпи. Но, Меѓународното здружение за зачувување на природата и природните богатства (IUCN) предупредува дека многу сорти од овие величествени растенија можеби нема да преживеат во дивината доколку и понатаму се нарушува нивната средина. „Промените на хабитатот значат дека инсектите кои се неопходни за опрашување изумираат или, пак, се преселуваат на некое друго место“, вели Венди Страм од IUCN. „Кога ќе се случи тоа“, додава таа, „орхидеите не можат да се размножуваат.“
Се проценува дека 20 проценти од петте милиони орхидеи кои секоја година се продаваат ширум светот се земени од дивината. Ова, забележува IUCN, го попречува зачувувањето на ова прекрасно растение. Затоа IUCN препорачува оние кои сакаат да набават орхидеи да ги купат орхидеите што се одгледани во оранжериите наместо да ги корнат од нивната природна средина.
На човекот му се познати најмалку 20.000 видови орхидеи. Некои се растенија кои се високи само половина сантиметар; а други се ползавци кои растат во должина од 30 метри. Повеќето видови орхидеи успеваат во топлите, тропски предели во кои има обилни дождови. Но, за своето преживување тие се ослонуваат на нежната рамнотежа во природата.
За жал, човековото незнаење и немарност и понатаму ја оштетуваат околината, заканувајќи се на сѐ поголем број растенија, вклучувајќи ги и орхидеите. Но, тоа нема да трае долго. Во новиот свет што го ветил Бог, човекот ќе живее во склад со природата. Во тоа време ќе се исполнат зборовите на псалмистот: „Нека се радуваат полињата и сѐ што е на нив, да ликуваат сите дрвја по дубравите“ (Псалм 95:12).
[Извор на слика на страница 31]
Jardinería Juan Bourguignon
[Извор на слика на страница 31]
Jardinería Juan Bourguignon