Големиот градител — Ирод Велики
ЖИВЕЕЛ пред повеќе од 2.000 години, а владеел околу три децении. Неговото царство главно била Јудеја, но опфаќало и области надвор од неа. Овој цар во историјата е познат како Ирод Велики.
Ирод е запаметен како љубоморен убиец — убивал не само членови од своето семејство туку и беспомошни машки деца. Кога кај него дошле астролози од исток за да му јават дека е роден идниот цар, тој се преправал дека сака да му се поклони, па затоа ги замолил да го најдат детето, а потоа да се вратат кај него. Но, откако Бог ги предупредил астролозите да не се враќаат, Ирод наредил да бидат убиени сите машки деца помали од две години од Витлеем — градот во кој астролозите го нашле Исус — и од неговата околија (Матеј 2:1-18).
Меѓутоа, уште пред да се случи овој настан, Ирод ја стекнал наклоноста на народот благодарение на своите извонредни градежни потфати. Тој градел храмови, амфитеатри, хиподроми, аквадукти и величествени тврдини со луксузни бањи. Неговите проекти се навистина импресивни, дури и за денешните инженери кои ги испитуваат остатоците од овие градби.
Ирод избирал невообичаени локации, а архитектурата на неговите градби многу добро се вклопувала во природната околина. Палатите биле украсени со прекрасни фрески, раскошна штукатура и подни мозаици. Тој ги изградил првите римски бањи во Јудеја, во кои имало сали за капење со млака и со топла вода, како и подно греење. Изградил и цели градови, а во едниот од нив направил и вештачко пристаниште.
Пристаништето во Цезареја
Во Цезареја, Ирод изградил едно од најголемите пристаништа во целиот римски свет. Археолозите се запрепастени од неговата големина. Имало сидриште во кое можеле да се укотват стотици бродови, што покажува дека во тоа време Цезареја била меѓународен трговски центар.
Доковите и заштитните насипи биле изградени со примена на најнапредните техники од тоа време. Денешните стручњаци не можат да сфатат како работниците можеле да ги постават огромните блокови кои, како што спомнува еврејскиот историчар Јосиф Флавиј, биле околу 15 метри долги, околу 3 метри широки и 3 метри високи. Неодамна, нуркачите открија дека блоковите што ги користел Ирод биле направени од бетон. За да ги изградат доковите и заштитните насипи, работниците го лееле бетонот во дрвени калапи, а потоа ги ределе на дното од морето.
Во овој град со сложен урбанистички план имало и храм посветен на Цезар Август, палата, хиподром, театар со 4.000 места и подземна канализација. Аквадуктите и тунелите ја снабдувале Цезареја со вода за пиење од изворите на планината Кармил, оддалечена околу 6 километри.
Ерусалим и Иродовиот храм
Најголемиот проект на Ирод бил храмот што го изградил во Ерусалим. Претходно, на истото место се наоѓал храмот што го подигнал цар Соломон според градежниот план кој татко му, Давид, го добил од Бог (1. Царевите 6:1; 1. Летописи 28:11, 12). Овој храм го уништиле Вавилонците по околу 420 години. Деведесет години подоцна, Зоровавел, управителот на Јуда, подигнал на ова место една прилично скромна градба.
Во врска со храмот на Ирод, Јосиф Флавиј го напишал следново: „Од сите страни беше прекриен со огромни златни плочи. Кога ќе го облееја сончевите зраци, блескаше толку силно што луѓето мораа да ги тргаат очите — беше исто како да гледаат директно во Сонцето. Оддалеку, на туѓинците им изгледаше како снежна планина бидејќи сѐ што не беше обложено со злато имаше чисто бела боја“.
На потпорните ѕидови, кои на западната страна биле долги 500 метри, работеле илјадници мажи. Огромните камења биле ѕидани без малтер. Секој камен тежел околу 400 тони, а според еден изучувач „толку големи камења немало на ниедно друго место во целиот древен свет“. Не е ни чудо што Исусовите ученици биле воодушевени! (Марко 13:1). Врз ѕидовите била поставена огромна платформа наречена Храмско брдо — најголемата платформа во тогашниот свет, со вкупна површина од околу 25 фудбалски игралишта.
Ирод подигнал и други градби во Ерусалим. Една од нив била тврдината Антонија, близу до храмот што го изградил претходно, а подигнал и палата, како и три прекрасни, високи кули на влезот од градот.
Самарија и Ерихон
Цезар Август му го подарил на Ирод древниот град Самарија, чие име тој го сменил во Севастија. Градот го разубавил со неколку зданија, меѓу кои и една градба што веројатно служела како стадион опкружен со колонади, како и многу други огромни градби украсени со прекрасни фрески.
Ерихон има суптропска клима и лежи во Јорданската Долина, 250 метри под нивото на морето. Во тоа време, заземал површина од околу 1.000 хектари и бил еден вид град-градина. Овде Ирод ја изградил својата зимска палата. Тој споил три палати во една огромна резиденција, а во секоја од нив имало сали за приеми, бањи, градини и базени за пливање. Не е ни чудо што зимите сакал да ги минува во Ерихон!
Палатата-тврдина на Масада
Меѓутоа, Ирод имал уште едно место каде што ги минувал зимите. Тој подигнал тврдина на карпестата висорамнина Масада, која се издига 400 метри над нивото на Мртвото Море. На таа локација изградил елегантна троспратна палата со тераса и базени со топла вода и уште една палата со римска бања во чии ѕидови бил вграден еден вид систем за парно греење, како и тоалет во кој фекалиите се отстранувале со млаз вода!
Среде оваа негостољубива пустина, палатата на Ирод била вистинско место на кое можел да се опушти и да го негува своето здравје. Ја опремил со неколку резервоари кои можеле да соберат околу 40.000.000 литри вода. Бидејќи тврдината била опремена со ефикасен систем за собирање дождовница, имало доволно вода за да се одгледуваат земјоделски култури, да се наполнат базените за пливање и бањата да се снабди со вода.
Уште еден извонреден инженерски потфат била утврдената палата Иродион сместена на еден висок рид кој се наоѓа околу 5 километри југоисточно од Витлеем. Овој комплекс се состоел од два дела: Горен и Долен Иродион. Во горниот дел била изградена импозантна утврдена палата со источна кула на пет ката која се издигала на хоризонтот, но денес од неа останале само куп урнатини. Пред две години, меѓународните новински агенции ја објавија веста дека на падините на Иродион се пронајдени остатоци од Иродовата гробница, со што е потврден извештајот на Јосиф Флавиј од првиот век, кој го опишал погребот на Ирод на тоа место.
Долни Иродион бил на времето палата со неколку крила и службени простории. Во средиштето на овој комплекс имало градина уредена во римски стил, со столбови наредени околу еден огромен базен, кој на средината имал украсен остров. Базенот бил речиси двојно поголем од денешните олимписки базени. Служел како резервоар, но се користел и за пливање, па дури и за пловење со чамци. Се полнел преку аквадукт од извор оддалечен 5 километри.
Пред неколку години, еден посетител го дал следниов коментар за околината на Иродион: „Гледајќи кон исток, можевме да го видиме Мртвото Море. Пред нас се простираше Јудејската Пустина во која Давид му избегал на својот прогонител Саул. Со оглед на тоа колку нерамен е овој терен, лесно можевме да разбереме како му успеало тоа, посебно ако се земе предвид дека пустината ја знаел на прсти уште од мал. Можевме да си замислиме како Давид, додека ги пасел овците, можеби се искачил токму на овој рид за да ужива во глетката што нѐ восхити и нас“.
Многу книги се посветени на градежните проекти на Ирод. Постојат разни претпоставки зошто градел толку многу. Некои велат дека тоа го правел за да се прослави или да ги придобие симпатиите на народот. Сеедно кој бил неговиот мотив, овој краток осврт потврдува дека Ирод Велики, и покрај тоа што се покажал како безмилосен тиранин, бил голем градител.
[Слика на страница 25]
ЦЕЗАРЕЈА
уметнички приказ
[Слика на страница 25]
ПАЛАТАТА ВО ЕРУСАЛИМ
Макета
[Слика на страница 25]
ИРОДОВИОТ ХРАМ
Макета
[Слика на страница 26]
МАСАДА
Урнатини од троспратната палата
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 26]
ИРОДИОН
Уметнички приказ
[Извори на слики на страница 25]
Цезареја: Hiram Henriquez/National Geographic Stock; Палата: Со љубезна дозвола на Israel Museum (Ерусалим) и Todd Bolen/Bible Places.com