„Во деновите на цар Ирод“
КОГА разбрал за раѓањето на Исус, Ирод Велики, царот на Јудеја, сакал да го убие и затоа испратил војници за да ги погубат сите машки бебиња во Витлеем. Историјата бележи многубројни настани што се случиле „во деновите на цар Ирод“, кои ни помагаат да разбереме многу работи во врска со животот и службата на Исус (Матеј 2:1-16).
Зошто Ирод сакал да го убие Исус? И зошто, кога се родил Исус, Евреите имале цар, но кога Исус умрел, со нив управувал Понтиј Пилат, кој бил Римјанин? За да добиеме целосна слика за тоа каква улога одиграл Ирод во историјата и за да разбереме каква важност има за читателите на Библијата, треба да се вратиме неколку децении пред раѓањето на Исус.
Борби за власт во Јудеја
Во првата половина на 2 век пр.н.е., со Јудеја управувала сириската династија Селеукиди, една од четирите династии што се формирале по распадот на царството на Александар Македонски. Меѓутоа, некаде во 168 год. пр.н.е., кога царот од династијата на Селеукидите се обидел да го замени обожавањето на Јехова со култот на Зевс во нивниот храм во Ерусалим, Евреите, предводени од фамилијата Макавејци, се побуниле. Макавејците, наречени и Хасмонејци, владееле со Јудеја од 142 до 63 год. пр.н.е.
Во 66 год. пр.н.е., два хасмонејски принца, Хиркан II и неговиот брат Аристобул, се бореле за престолот. Следела граѓанска војна, и обајцата побарале помош од Помпеј, римски генерал кој во тоа време бил во Сирија. Помпеј ја искористил шансата да се вмеша.
Всушност, Римјаните веќе го ширеле своето влијание кон исток, и во тоа време имале власт над голем дел од Мала Азија. Меѓутоа, една низа слаби владетели во Сирија дозволиле целата таа област да западне во анархија, заканувајќи се да го наруши мирот што Римјаните сакале да го одржат на Исток. Затоа, Помпеј решил да преземе контрола над Сирија.
Во спорот меѓу Хасмонејците застанал на страната на Хиркан, и во 63 год. пр.н.е., Римјаните го нападнале Ерусалим и го поставиле на власт својот човек. Меѓутоа, тој немало да биде независен владетел. Штом Римјаните ставиле рака на пленот, немале намера да се тргнат. Хиркан станал римски етнарх, лице што управувало благодарение на Римјаните и чија власт зависела од нивната добра волја и поддршка. Етнархот можел да управува со внатрешните работи како што сакал, но во односите со другите земји морал да се повини на римската политика.
Подемот на Ирод
Хиркан бил слаб владетел. Меѓутоа, ја имал поддршката од Антипатер, кој бил Идумеец и татко на Ирод Велики. Антипатер бил силата што стоела зад престолот. Тој ги држел под контрола бунтовните еврејски фракции и наскоро презел целосна власт над Јудеја. Му помогнал на Јулиј Цезар во борбата против неговите непријатели во Египет, па затоа Римјаните го наградиле со тоа што го поставиле на положба на управител, кој требало да им поднесува сметка директно ним. Антипатер, пак, им дал власт на своите синови — Фасел го поставил за управител на Ерусалим, а Ирод за управител на Галилеја.
Антипатер ги научил своите синови дека ништо не може да се постигне без одобрување од Рим. Ирод добро ја запомнил таа лекција. Во текот на целата своја кариера, тој вешто жонглирал со барањата на своите римски покровители и на своите еврејски поданици. Од помош му било тоа што бил добар организатор и генерал. Кога бил поставен за управител, 25-годишниот Ирод веднаш ја стекнал наклоноста на Евреите и Римјаните затоа што енергично ги отстранил разбојничките банди од својата територија.
Откако соперниците го отруле Антипатер во 43 год. пр.н.е., Ирод станал најмоќниот човек во Јудеја. Сепак, имал и непријатели. Аристократијата во Ерусалим сметала дека бесправно ја присвоил власта и настојувала да го убеди Рим да го тргне од положбата. Но, таквите обиди пропаднале. Рим бил лојален на споменот на Антипатер и ги ценел способностите на неговиот син.
Поставен за цар на Јудеја
Кога 20 години претходно дошло до спор околу тоа кој хасмонејски принц ќе седне на престолот, многумина се огорчиле поради решението на Помпеј. Фракцијата што изгубила тогаш, постојано се обидувала повторно да ја преземе власта, и во 40 год. пр.н.е., конечно успеала со помош на Партите, кои му биле непријатели на Рим. Искористувајќи го хаосот што настанал со граѓанската војна во Рим, тие ја нападнале Сирија, го собориле Хиркан и поставиле на власт член од семејството на Хасмонејците кој не бил на страната на Римјаните.
Ирод побегнал во Рим, каде што бил срдечно пречекан. Римјаните сакале да ги истераат Партите од Јудеја и таа територија повторно да биде под нивна власт со владетел што им одговара. Им требал сигурен сојузник и во Ирод виделе таков човек. Затоа, римскиот Сенат го крунисал Ирод за цар на Јудеја. Како чин со кој ги симболизирал многуте отстапки што ќе требало да ги направи за да ја задржи својата власт, Ирод повел една поворка од Сенатот до храмот на Јупитер, каде што им принел жртва на паганските богови.
Помогнат од римските легии, Ирод ги поразил своите непријатели во Јудеја и ја презел власта. Свирепо им се одмаздил на сите што биле против него. Се ослободил од Хасмонејците и од еврејската аристократија што ги поддржувала, како и од сите други кои не сакале со нив да владее пријател на Римјаните.
Ирод ја зацврстува својата власт
Во 31 год. пр.н.е., Октавијан (подоцна познат како Цезар Август) го поразил Марко Антониј кај Акциј, по што станал неприкосновен владетел на Римјаните. Тогаш Ирод сфатил дека на неговото долгогодишно пријателство со Марко Антониј ќе се гледа со сомневање. Затоа, побрзал да го увери Октавијан во својата верност. Новиот римски владетел, пак, го утврдил Ирод како цар на Јудеја и ги проширил неговите територии.
Во годините што следеле, Ирод се зацврстил и го збогатил своето царство, претворајќи го Ерусалим во центар на грчката култура. Започнал големи градежни проекти — подигнал палати, го изградил пристаништето Цезареја и велелепни нови згради во кругот на храмот во Ерусалим. За сето тоа време, најважно во неговата политика биле добрите односи со Рим, кој му бил грб.
Ирод имал целосна контрола над Јудеја и поседувал апсолутна власт. Исто така, тој одредувал кој да биде првосвештеник и го поставувал на оваа положба кого сакал.
Љубомора и убиства
Личниот живот на Ирод бил многу бурен. Речиси секоја од десетте жени што ги имал сакала престолот да го наследи некој од нејзините синови. Сплетките на дворот го направиле Ирод многу сомничав и суров. Во напад на љубомора заповедал да се погуби неговата омилена жена, Маријам, а подоцна наредил да се задават двајца од нејзините синови затоа што наводно ковале заговор против него. Извештајот на Матеј за колежот во Витлеем е во потполн склад со она што е познато за карактерот на Ирод и за неговата решеност да се ослободи од можните соперници.
Како што велат некои, Ирод бил свесен дека народот не го сака и затоа бил решен неговата смрт да се одбележи со оплакување наместо со радост. Со намера лукаво да ја постигне таа цел, ги уапсил уважените граѓани на Јудеја и наредил да бидат погубени кога ќе се објави неговата смрт. Меѓутоа, таа наредба никогаш не била извршена.
Што оставил зад себе Ирод Велики
Кога умрел Ирод, Рим одредил Архелај да го наследи својот татко како владетел на Јудеја, а два други негови сина да станат независни управители, или тетрарси — Антипа над Галилеја и Переја, а Филип над Итуреја и Трахонитида. Архелај не им бил омилен ниту на своите поданици ниту на своите господари. По една деценија неуспешно владеење, Римјаните го симнале од власт и поставиле свој управител, претходникот на Понтиј Пилат. Во меѓувреме, Антипа — кого Лука го нарекува само Ирод — и Филип, продолжиле да владеат со своите области. Таква била политичката ситуација во времето кога Исус ја започнал својата служба (Лука 3:1).
Ирод Велики бил лукав политичар и безмилосен убиец, а веројатно најсуров чин бил неговиот обид да го убие Исус како бебе. За читателите на Библијата е добро да проучат каква улога во историјата одиграл Ирод. Тоа ќе им помогне полесно да сфатат некои клучни настани од тој период — како Римјаните почнале да владеат со Евреите и какви биле околностите кога Исус живеел и ја извршувал својата служба на Земјата.
[Карта на страница 15]
(Види во публикацијата)
Палестина и околината во времето на Ирод
СИРИЈА
ИТУРЕЈА
ГАЛИЛЕЈА
ТРАХОНИТИДА
Галилејско Море
Јордан
Цезареја
САМАРИЈА
ПЕРЕЈА
Ерусалим
Витлеем
ЈУДЕЈА
Солено Море
ИДУМЕЈА
[Слики на страница 13]
Ирод бил само еден од низата владетели што владееле со Јудеја во текот на два века пред Исусовата служба