Практична помош за младите
Да живеевме во идеален свет, сите родители ќе можеа совршено да ги воспитаат своите деца — ќе разговараа со нив, ќе им читаа, ќе јадеа со нив и ќе имаа разбирање за нив. За жал, ниеден родител не е совршен. Библијата со право вели: „Зашто, сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23).
Ако си млад, можеби си мислиш дека не живееш баш во најидеални услови, и можеби си во право. Сепак, можеш да сториш нешто што ќе те направи посреќен, и помалку загрижен. Да разгледаме неколку начини на кои библиските начела можат да ти помогнат.
Предлог бр. 1
Биди друштвен
„Оној што се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“ (Изреки 18:1). Бидејќи им е незгодно кога се во друштво, на некои млади им е полесно да гледаат телевизија или да играат видеоигри. Други се претерано срамежливи и се повлекуваат во свој свет. Младата Елизабет за себе мислела дека е безнадежно срамежлива. Таа вели: „Мојата срамежливост ме парализира. Многу ми е тешко да им пријдам на другите и да разговарам со нив“.
Како успеала да се справи со својот проблем? Бидејќи е Јеховин сведок, таа редовно присуствува на христијанските состаноци. Елизабет вели: „Иако сум срамежлива, имам цел на секој состанок да разговарам со некого. Ако не успеам во тоа, за да не се обесхрабрам, се трудам да се концентрирам на она што сум успеала да го постигнам. Сфатив колку е корисно да се запознавам со другите“.
Би можел да ги запишеш имињата на 2-3 лица со кои би сакал да се запознаеш подобро и следната недела, во разговор со нив лично, да направиш еден чекор напред во таа насока. Потоа запиши какво добро дело би можел да им направиш, и во текот на следниот месец направи го (Дела 20:35).
Ако постојано се обидуваш да избегаш од проблемите и од луѓето, ќе мислиш на себе повеќе отколку што е потребно. Од друга страна, Библијата нѐ советува ‚да не се грижиме само за себе туку и за другите‘ (Филипјаните 2:4). Ако ова начело го применуваш во постапките со твоето семејство или со другите околу тебе, ќе имаш урамнотежено гледиште за твоите проблеми и ќе можеш полесно да се справиш со нив.
Предлог бр. 2
Бегај од сексуален неморал
„Бегајте од блуд [т.е. сексуален неморал]! Секој друг грев што ќе го направи човекот е надвор од неговото тело, но кој прави блуд, греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 6:18). Што ќе ти помогне да не попуштиш на притисокот да се впуштиш во неморални полови односи кога тоа е толку вообичаено меѓу младите?
Како прво, добро е да размислуваш за тоа уште пред да се најдеш во вакво искушение. Една мудра изрека гласи: „Паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Една млада жена од Јужноафриканската Република по име Ембали вели: „Додека бев во средно, едно момче од класот постојано ми се додворуваше. Другите девојки ме наговараа да излегувам со него бидејќи беше многу згоден — беше манекен и играше за училишната фудбалска екипа. Иако и јас мислев дека е убав, бев решена да не ги прекршам моите морални мерила. Моите врсници мислеа дека нема ништо лошо во тоа да се има слободен секс. Но, бев свесна дека тоа е погрешно, и однапред одлучив што ќе направам кога ќе се најдам во таква ситуација“.
Како второ, моли го Бог да ти помогне да се држиш за неговите морални мерила. Една тинејџерка од Англија, по име Меги, вели: „Молитвата ми ја дава силата што ми е потребна за да му одолеам на искушението да се впуштам во сексуален неморал. Никогаш не се лажам себеси дека сама ќе можам да се справам со ситуацијата. Исто така, за ова разговарам со родителите и со други зрели пријатели“.
Предлог бр. 3
Биди сочувствителен кон твоите родители
„Сите бидете со еднакви мисли, сочувствителни, полни со братска љубов, сомилосни“ (1. Петрово 3:8). Ти немаш никакво влијание врз тоа дали твоите родители ќе се разведат или не, и дали двајцата ќе работат со полно работно време или не. Но, до извесна мера можеш да влијаеш врз тоа дали таквите проблеми ќе ти го нарушат односот со нив. Биди сочувствителен кон твоите родители и обиди се да ги разбереш проблемите со кои се соочуваат. Тоа ќе ти помогне да бидеш посреќен, и помалку загрижен.
Овој совет го применила младата Амбер, која признава дека понекогаш помеѓу неа и мајка ѝ доаѓа до затегнати односи и недоразбирања. Сепак, таа вели: „Мајка ми има поминато низ многу тешкотии. Бевме четири деца, и таа сама се грижеше за нас. Секогаш имавме храна, облека и покрив над главата. Се восхитувам на нејзината сила и се надевам дека и јас ќе ја покажам истата одлучност кога ќе се соочам со проблеми“.
Ако секогаш се обидуваш да се ставиш во кожата на твоите родители за да ги доживееш работите од нивна гледна точка, ќе имаш исправно гледиште за твоите проблеми. Тоа ќе ти помогне да ги видиш нивните добри особини и да се угледаш на нив.
Извор на практични совети
Предлозите што беа спомнати погоре се само дел од практичната мудрост на Божјата реч, Библијата. Колку повеќе се запознаваш со оваа книга толку поочигледно ќе ти станува дека нејзините совети се многу вредни.a
Еден начин да дознаеш повеќе за Библијата е да се поврзеш со Јеховините сведоци кои ќе ти помогнат да ја проучиш. Меѓу нив ќе најдеш вистински пријатели кои ќе те поддржуваат во тешките моменти и ќе ти помагаат да ги примениш мудрите библиски совети во својот живот. Точно, не е лесно да се живее според библиските мерила. Но, ако се трудиш да го правиш тоа, ќе имаш вечна корист (Исаија 48:17, 18).
[Фуснота]
a Книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, издадена од Јеховините сведоци, содржи многу библиски совети што можат да им помогнат на младите да се справат со своите проблеми. Слични информации може да се најдат и на Интернет на веб-страницата www.watchtower.org/ype.
[Рамка/слики на страници 8 и 9]
Што му е потребно на еден тинејџер
Да биде заедно со родителите: Јехова Бог им рекол на родителите во Израел често да разговараат со своите деца — ‚кога седат во својата куќа и кога одат по пат‘ (5. Мојсеева 6:6, 7). Ова подразбира да бидат заедно нив. Исус очигледно сметал дека е потребно да одвојува време за децата. На пример, кога ‚луѓето му доведувале деца за да ги допре, тој ги зел во прегратка и ги благословувал положувајќи ги рацете врз нив‘ (Марко 10:13, 16). Колку убав пример за родителите!
Искрена и отворена комуникација: Библијата вели: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор“ (Изреки 15:22). Кога твоите деца биле помали, било неопходно со нив да водиш доверливи разговори. Но, тоа е уште поважно кога ќе навлезат во тинејџерските години и, најверојатно, повеќе време ќе поминуваат со школските другари или со други пријатели отколку дома. Ако родителот не води со детето доверливи разговори, односно нема искрена и отворена комуникација, тоа може да се чувствува како туѓинец во својот дом.
Соодветен укор: Укорот обично подразбира исправка и воспитување, но може да вклучува и казна. „Глупавиот ги презира опомените од својот татко, а оној што прифаќа укор е паметен“, стои во Изреки 15:5. Еден тинејџер не би можел да ‚прифати укор‘ ако не му е даден. Се разбира, родителите треба да бидат урамнотежени додека се трудат да ги изведат своите деца на прав пат. Треба да внимаваат да не бидат престроги, бидејќи во спротивно би можеле да ги разочараат, па дури и да им ја уништат самодовербата (Колошаните 3:21). Сепак, не значи дека треба да бидат попустливи и да не ги воспитуваат, бидејќи тоа е многу важно. Попустливоста може да има катастрофални последици.b
[Фуснота]
b Повеќе информации можеш да најдеш во 5. и 6. поглавје од книгата Тајната на семејната среќа, издадена од Јеховините сведоци.