Чекор 4 — почит
„Нека се отстрани од вас... [сето] викање и навредлив говор“ (Ефешаните 4:31)
Што значи тоа. И во семејствата со проблеми и во среќните семејства има несогласувања. Но, среќните семејства ги решаваат без зајадливост и навреди. Секој во семејството се однесува со другите онака како што би сакал тие да се однесуваат со него (Матеј 7:12).
Зошто е важно. Зборовите можат да бидат оружје кое остава страшни последици зад себе. Една библиска изрека вели: „Подобро е да живееш во пуста земја отколку со жена кавгаџика и во немир“ (Изреки 21:19). Се разбира, истото важи и за маж кавгаџија. А во врска со воспитувањето деца, Библијата советува: „Не огорчувајте ги своите деца, за да не станат малодушни“ (Колошаните 3:21). Ако децата постојано се изложени на критики, може да дојдат до заклучок дека никогаш не можат да им угодат на родителите. Може дури и да престанат да се обидуваат да го постигнат тоа.
Предлог: Со помош на следниве прашања, провери колку во твоето семејство се покажува почит.
◼ Дали несогласувањата во моето семејство обично завршуваат така што еден од нас луто излегува од собата?
◼ Кога разговарам со сопружникот или со децата, дали користам навредливи зборови, како што се „глупав“, „идиот“ и слично?
◼ Дали пораснав во семејство во кое беше нормално да се користат навредливи зборови?
Донеси цврста одлука. Размисли за една-две цели што би можеле да ти помогнат да покажуваш повеќе почит со своите зборови. (Предлог: Одлучи да користиш изјави во кои ќе зборуваш во прво лице, наместо во второ. На пример, би можел да користиш: „Ме боли кога ти...“, наместо „Ти си секогаш...“)
Би можел да му кажеш на твојот сопружник за овие цели. По три месеци, разговарај со него за да видиш како си напредувал.
Размисли што би можел да сториш за да не користиш навредливи зборови кога разговараш со своите деца.
Би можел да им се извиниш на децата за оние пати кога си зборувал грубо или зајадливо со нив.
[Слика на страница 6]
Како што морските бранови можат да нагризат една цврста карпа така и навиката да се зборува навредливо може да го разниша семејството