Чекор 5 — разумност
„Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5)
Што значи тоа. Во успешните семејства, мажот и жената се спремни да си простат еден на друг за грешките што ги прават (Римјаните 3:23). Исто така, ниту се претерано строги ниту претерано попустливи со децата. Поставуваат разумен број домашни правила. Кога треба да ги искараат децата, тоа го прават „колку што е потребно“ (Еремија 30:11).
Зошто е важно. Библијата вели дека „мудроста одозгора [е]... разумна“ (Јаков 3:17). Ако Бог не бара совршенство од несовршените луѓе, тогаш зошто брачните другари да го бараат тоа еден од друг? Постојаното пецкање за некои ситни слабости може само да предизвика огорченост, а не подобрување. Најдобро е да се прифати фактот дека „сите ние честопати грешиме“ (Јаков 3:2).
Успешните родители се разумни со своите деца. Не се претерано строги и не се луѓе „на кои е тешко да им се угоди“ (1. Петрово 2:18). Им даваат извесна слобода на децата на тинејџерска возраст ако покажале дека се одговорни личности. Не се обидуваат да ги контролираат во сѐ. Во една книга се вели дека, кога родителите се трудат да го контролираат секој детаљ во животот на својот тинејџер, „тоа е како со сета своја сила да изведуваат танц за дожд. Сигурно нема да заврне, ама ќе папсаат“.
Предлог: Со помош на следниве прашања, провери колку си разумен.
◼ Кога последен пат го пофалив мојот брачен другар?
◼ Кога последен пат го критикував?
Донеси цврста одлука. Ако мораше малку да се подзамислиш за да одговориш на првото прашање, а второто го одговори веднаш, добро е да си поставиш цел да бидеш поразумен во врска со она што го очекуваш од другите.
Би можел да разговараш со својот брачен другар за целите што би можеле да си ги поставите.
Размисли за работите за кои твоите деца на тинејџерска возраст веќе се покажале одговорни, за да видиш дали би можел да им дадеш поголема слобода.
На пример, би можел отворено да разговараш со децата за тоа во колку часот мора да бидат дома.
[Слика на страница 7]
Како еден внимателен возач, разумниот човек е спремен да им даде предност на другите