ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 10/09 стр. 14-17
  • Успешни семејства — прв дел

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Успешни семејства — прв дел
  • Разбудете се! 2009
  • Сличен материјал
  • Извонредно христијанско наследство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Кога децата тагуваат
    Разбудете се! 2017
  • Што научивме од Ендрју
    Разбудете се! 1996
  • Што ако некој од моите родители е болен?
    Младите прашуваат
Повеќе
Разбудете се! 2009
g 10/09 стр. 14-17

Успешни семејства — прв дел

Како што веќе видовме во ова специјално издание на Разбудете се!, и успешните семејства имаат проблеми. Тоа не треба да нѐ изненади бидејќи, како што вели Библијата, живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Во секое семејство сигурно ќе се појават некакви проблеми.

Меѓутоа, имај на ум дека успехот не зависи од идеалните околности. Напротив, Исус рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Семејствата што ги задоволуваат своите духовни потреби, следејќи ги библиските начела, ја пронашле тајната на успехот — и покрај нивните тешки околности. Ќе разгледаме неколку примери.

Грижа за хендикепирано дете. Библијата истакнува дека е многу важно да се грижиме за членовите на семејството, вклучувајќи ги и оние со посебни потреби. Во неа пишува: „Ако некој не се грижи за своите, а посебно за домашните, се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8).

На 15. страница, Виктор, татко од Јужноафриканската Република, раскажува како тој и неговата жена се грижат за своето хендикепирано дете повеќе од четири децении.

Ако си бил посвоено дете. Библиските начела можат да му помогнат некому да стекне исправна самопочит — дури и ако го напуштиле биолошките родители. Всушност, Библијата вели дека Јехова Бог им е „помошник“ на оние што немаат татко (Псалм 10:14).

На 16. страница, Кенјата, млада жена од САД, опишува како научила да се справува со емоционалните последици од тоа што никогаш не си ги запознала своите вистински родители.

Ако ти починал родител. Загубата на таткото или на мајката може да остави емоционални рани кои тешко се лекуваат. Библијата може да ни помогне. Нејзиниот Автор, Јехова, е „Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3).

На 17. страница, Анџела, млада жена од Австралија, објаснува како нејзиниот личен однос со Бог ѝ помага да се справи со болната загуба.

Секое семејство се соочува со извесни предизвици. Како што ќе видиме од искуствата на следниве страници, оние што ги применуваат библиските начела ја нашле тајната која им помага успешно да се справат со предизвиците.

[Рамка/слики на страница 15]

Грижа за хендикепирано дете

Раскажал Виктор Мејнс од ЈАР

„Уште откако се роди Ендру, мораме ние да го облекуваме, да го капеме, а понекогаш дури и да му помагаме да јаде. Сега тој има 44 години“

СЕ ПОСОМНЕВАВМЕ дека нешто не е во ред кога Ендру не прооде иако веќе имаше една година. Некаде во тоа време, тој доби и напад. Веднаш го однесовме во болница, каде што ни кажаа дека има епилепсија. Но, тоа не беше сѐ. Тестовите потврдија дека Ендру има оштетување на мозокот.

Со примена на различни терапии, ги доведовме под контрола нападите на Ендру. Извесно време требаше да зема по четири различни лекарства три пати на ден. Се разбира, неговите ментални способности не може да се подобрат со лекови. Дури и сега, на возраст од 44 години, тој има умствени способности како едно дете на 5-6 години.

Лекарите нѐ советуваа да го однесеме во специјална установа, но ние решивме да не го правиме тоа. Бевме во можност да се грижиме за него, па затоа одлучивме да го негуваме дома, и покрај тоа што знаевме дека ќе наидеме на неизбежни тешкотии.

Во грижата околу него се вклучи целото семејство. Другите наши деца — имаме уште две ќерки и еден син — ни беа од голема помош, за што сум им многу благодарен! Освен нив, многу ни помагаа и нѐ поддржуваа членовите на собранието на Јеховините сведоци на кое припаѓаме. Понекогаш ќе ни зготвеа нешто, па дури и го чуваа Ендру додека ние бевме да проповедаме или имавме друга работа.

Секогаш мислевме на зборовите од Исаија 33:24, каде што е запишано Божјето ветување дека еден ден „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“. Потполно сме уверени дека Бог ќе ја исполни својата намера да создаде еден нов свет во кој ќе нема болести (2. Петрово 3:13). Затоа, со радост го чекаме денот кога Ендру ќе биде здрав. Дотогаш, имаме вера во Исусовите зборови дека, ако на прво место во животот ги ставиме интересите на Божјето Царство, тој ќе ни даде сѐ што ни е потребно (Матеј 6:33). Секогаш ни се потврдуваше дека тоа е точно. Никогаш не ни фалеше ништо.

Се разбира, не се сите во можност да се грижат дома за некој болен член од семејството. Вам што го правите тоа, најнапред би ви препорачал горливо и редовно да се молите (1. Петрово 5:6, 7). Второ, опсипете го своето дете со нежна грижа, и никогаш не мислете дека тоа не може да научи да го сака Јехова Бог (Ефешаните 6:4). Трето, вклучете го целото семејство и дозволете им на сите да помагаат. Четврто, имајте на ум дека вашето дете најмногу љубов ќе добие во вашиот дом. Се разбира, секој има поинакви околности. Ние никогаш не зажаливме што се грижевме за Ендру дома. За мене, тој е најдоброто дете — најдобриот човек — што го познавам.

[Рамка/слики на страница 16]

Ако си бил посвоено дете

Раскажала Кенјата Јанг од САД

„Ако си пасторче, постои биолошка врска барем со едниот родител. Но, како посвоено дете, јас немам таква врска. Не знам дури ни на кого личам“

ВООПШТО не знам кој ми е татко и никогаш не сум ја запознала мојата вистинска мајка. Таа пиела и се дрогирала додека била бремена со мене. Кога сум се родила, ме дала во сиропиталиште. Сум била во неколку такви домови пред да бидам посвоена на возраст од неполни две години.

Мојот притатко вели дека, кога социјалната работничка му ја покажала мојата слика, веднаш посакал да ме посвои. Јас веднаш ја засакав мојата нова мајка. Ѝ реков дека сакам таа да ми биде мајка и дека сакам да си одам дома со неа.

Но, се сеќавам на моите детски стравови дека, ако згрешам нешто, ќе ме вратат во сиропиталиштето. Имав чувство дека не смеам да се налутам или да се разболам како другите деца. Замислете, правев сѐ дури и за да не настинам! Моите родители постојано ме уверуваа дека ме сакаат и дека нема да ме остават.

Дури и како возрасна личност, понекогаш се борам со чувствата дека не вредам како оние што се одгледани од своите вистински родители. И баш кога некако ќе се помирам со сѐ, некој ќе ми рече: „Треба да си многу благодарна што имаш прекрасни родители кои сакале да те посвојат!“ Да, јас сум благодарна, но таквите коментари ми создаваат чувство дека нешто не е во ред со мене и дека некој се присилил да ме сака.

Тешко ми е да го прифатам фактот дека веројатно никогаш нема да дознаам кој е мојот вистински татко. Понекогаш ме боли што мојата мајка не си го средила животот за да може да ме задржи, како да не сум била вредна за такво нешто. Но, на моменти ми е многу жал за неа. Честопати мислам дека, дури и ако некогаш ја сретнам, би сакала да ѝ кажам дека сум успеала во животот и дека не треба да се обвинува што ме оставила.

Родителите што ме посвоија се Јеховини сведоци и еден од најубавите дарови што ми го дале е спознанието од Библијата. Секогаш ме тешат зборовите од Псалм 27:10: „И да ме остават татко ми и мајка ми, Јехова ќе ме прифати“. Тоа сигурно е така во мојот случај. А има и некои позитивни работи во мојата ситуација како посвоено дете. На пример, ме фасцинираат луѓето — нивното потекло и нивните животи — веројатно затоа што јас не си го знам своето потекло. Ги сакам луѓето, а тоа е многу важно за христијанската служба. Тоа што сум Јеховин сведок и зборувам со другите за Библијата ми дава самопочит и смисла во животот. Кога се чувствувам потиштено, излегувам и им помагам на другите. Со тоа што ги учам луѓето за Библијата, се зближувам со нив. Секој си има своја животна приказна.

[Рамка/слики на страница 17]

Ако ти починал родител

Раскажала Анџела Ратгерз од Австралија

„Кога умре татко ми, повеќе не се чувствував заштитена. Единствената личност што знаеше сѐ и можеше да среди сѐ во мојот живот повеќе ја немаше“

ТАТКО МИ почина пред десет години, кога бев тинејџерка. Шест месеци пред тоа беше на операција, и додека сѐ уште лежеше во шок-соба, докторот ни рече дека не може да се направи ништо повеќе. Мајка ми очајно му поставуваше многу прашања, брат ми се онесвести, а јас се чувствував како фатена во вртлог од емоции од кој никако не можев да излезам. По шест месеци, татко ми умре.

Имаше еден период кога ми се јавија испомешани чувства. Сакав моите пријатели да сфатат како ми е, но не сакав да се однесуваат со мене како да сум жртва. Затоа, се трудев да не им покажам како се чувствувам. Од друга страна, пак, мислев дека, ако сум радосна кога сум со нив, ќе им оставам впечаток дека мојот живот е донекаде нормален, но тоа не беше точно. Сега сфаќам колку стрпливи биле моите пријатели со мене!

Дали имам чувства на вина поради смртта на татко ми? Да, имам. Би сакала почесто да му кажував: „Те сакам!“ Би сакала да го прегрнував почесто или да поминував со него повеќе време. Колку и да си велам: ‚Тој не би сакал да мислиш така‘, таквите мисли сѐ уште ме мачат.

Како Јеховин сведок, многу ме теши библиската надеж во воскресение (Јован 5:28, 29). Се обидувам да си замислам дека татко ми само отишол на далечен пат и дека еден ден ќе се врати, само не се знае точно кога. Чудно, ама кога другите ќе ми речеа: „Татко ти ќе воскресне“, во почетокот тоа не ми значеше ништо. Си мислев: ‚Сакам тато да се врати сега!‘ Но, многу ми помогна примерот со далечниот пат. Ме потсетуваше на воскресението, и во исто време ми даваше сила да ја поднесам тешката загуба.

Сохристијаните ми дадоа огромна поддршка. Особено се сеќавам кога еден брат ми рече дека му е многу непријатно да зборува за смртта на татко ми, но дека постојано мисли на мене и на мојата фамилија. Размислував за тие зборови. Тоа ми помагаше во деновите кога никој немаше да ми рече ништо, бидејќи сфатив дека, дури и ако не кажат ниту збор, другите мислат на мене и на мојата фамилија. Тоа многу ми значеше!

Четири месеци откако татко ми почина, мајка ми повеќе се ангажираше во службата, и видов дека така наоѓа радост во животот. Затоа ѝ се придружив. Неверојатно е колку можеш да си помогнеш себеси кога им помагаш на другите. Тоа ја зајакна мојата вера во Јеховината реч и во Неговите ветувања и ми помага да не мислам само на себе.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели