ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/3 стр. 18-20
  • Што научивме од Ендрју

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што научивме од Ендрју
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Здрав совет
  • Учење да се има поголемо сочувство
  • Моќта на љубовта
  • Поуките што ги научивме
  • Успешни семејства — прв дел
    Разбудете се! 2009
  • Исус почнал да собира ученици
    Исус — патот, вистината и животот
  • Семеен квиз
    Разбудете се! 2010
  • Треба ли да го исповедам мојот грев?
    Разбудете се! 1997
Повеќе
Разбудете се! 1996
g96 8/3 стр. 18-20

Што научивме од Ендрју

ДОДЕКА возев до работа, со воодушевеност размислував за она што се случи во неколкуте изминати денови. Тукушто станав татко на син, на моето второ дете. Денес мојата сопруга Бети Џејн и нашиот мал Ендрју ќе си дојдат дома од болница.

Меѓутоа, пред да бидат пуштени, сопругата ми се јави по телефон. Во нејзиниот глас имаше тон на загриженост. Брзо отидов во болницата. „Нешто не е во ред!“, беше нејзиниот поздрав. Седевме заедно, чекајќи да дојде докторот со педијатриската стручна советничка.

Првата забелешка на советничката беше вознемирувачка вест. Таа наведе: „Поприлично сме сигурни дека вашиот син има Даунов синдром“. Таа ни објасни дека нашиот син најверојатно ќе биде ментално ретардиран. Речиси ништо повеќе од нејзиното објаснување не допре до мене. Мојот вкочанет мозок исклучи секакви звучни импулси. Но визуелните впечатоци можев да ги регистрирам.

Таа го крена Ендрју и ни го посочи вниманието на една од работите што ја предупредиле на фактот дека нешто не е во ред. Главата на бебето млитаво паѓаше. Овој намален тонус на мускулите беше карактеристичен за новородените бебиња со Даунов синдром. При следната средба со советничката, ѝ поставивме многу прашања што ни го преплавуваа умот додека полека ни се враќаше нашата присебност. До кој степен тој ќе биде онеспособен? Што можеме да очекуваме? До кој степен можеме да го поучуваме? Колку ќе биде способен да научи? Таа ни објасни дека одговорите на многуте наши прашања ќе зависат од средината во која тој живее, како и од неговите вродени способности.

Оттогаш, во текот на повеќе од 20 години, ние се трудевме да му ги дадеме на Ендрју љубовта и наклоноста кои тој ги заслужува и да го поучиме за сѐ она што сме во можност да му го пренесеме. Но погледнувајќи наназад, сега сфаќаме дека тоа не беше само давање.

Здрав совет

Пред да имавме време да се привикнеме на присуството на Ендрју, некои пријатели полни со љубов ни дадоа совети што ги научиле од сопствените маки. Тие имаа добри намери, но како што можеше и да се очекува, сите совети не се покажаа како мудри и корисни. Меѓутоа, после години испитување, нивните совети се процедија во две скапоцени капки мудрост.

Некои се обидуваа да нѐ утешат, кажувајќи ни дека Ендрју всушност не е ретардиран. Но, тогаш, еден стар пријател нѐ советуваше: „Не борете се против тоа! Колку побргу ќе ги прифатите неговите ограничувања толку побргу ќе ги промените вашите очекувања и ќе почнете да постапувате со него според она каков што е“.

Тоа се покажа како една од најважните лекции што ги научивме во справувањето со несреќата. Не може нешто да се лечи сѐ додека не се прифати тоа. Иако негирањето често пати е инстинктивно, сепак колку подолго трае толку подолго одложуваме сериозно да се фатиме во костец со ‚непредвидените настани кои ги погодуваат сите луѓе‘ и да дејствуваме соодветно на нив (Проповедник 9:11, НС).

Низ годините, кога сме среќавале родители чии деца не можеле да го следат нормалниот наставен план или биле во поправни училишта, често сме се прашувале колку од децата можеби навистина се ретардирани или ограничени на друг начин. Можно ли е некои од нив да бидат меѓу „невидливо хендикепираните“ — оние кои, спротивно на Ендрју, немаат видлива физичка разлика и изгледаат како нормални деца? Поединците со Даунов синдром лесно се препознаваат. Но некои други видови ограниченост немаат некакви видливи показатели. Колку родители цврсто се држат за своите нереални очекувања и одбиваат да ги прифатат ограничувањата на своето дете, што сите ги прави раздразнети? (Спореди Колосјаните 3:21.)

Вториот совет кое нашето искуство го потврди е следниов: Всушност, ВИЕ сте тие кои ќе одредите како повеќето луѓе ќе го третираат вашето дете. Другите најверојатно ќе постапуваат со вашето дете онака како што вие постапувате со него.

Во последниве неколку децении, многу работи се промениле во врска со ставот на луѓето спрема физички и ментално хендикепираните. Но многу од промените биле стимулирани од самите онеспособени лица, од нивните роднини и од други лаички и стручни поборници. Многу родители храбро го игнорирале советот да го стават своето дете во некоја установа и, така, тие напишале нови книги. Пред педесет години, повеќето медицински учебници за Дауновиот синдром се темелеле на податоци собрани од установи. Денес очекувањата комплетно се променети, честопати затоа што родителите и другите тргнале во нови правци.

Учење да се има поголемо сочувство

Чудно е како лесно можеме самите да се лажеме, мислејќи дека сме искрено сочувствителни. Но сѐ додека не сме лично погодени, нашето разбирање на многу проблеми честопати може да биде површно.

Ендрју нѐ присили да согледаме дека хендикепираните лица честопати немаат контрола над својата ситуација. Всушност, тоа нѐ натера да се соочиме со прашањето: Каков е навистина мојот став спрема слабите, бавните и постарите?

Честопати кога со Ендрју сме биле на некое јавно место, се случувало да ни пристапат непознати лица, кои набљудувајќи дека без срам сме го прифатиле како рамноправен член на нашето семејство, со нас споделиле некои свои тајни товари. Присуството на Ендрју како да ги уверуваше дека можеме да сочувствуваме со нивните проблеми.

Моќта на љубовта

Далеку најважната поука на која нѐ научи Ендрју е тоа дека љубовта не е само функција на интелектот. Дозволете ми да ви објаснам. Една од основите на нашето обожавање како Јеховини сведоци е дека вистинското христијанство ги надминува расните, социјалните и политичките поделби и предрасуди. Уверени во ова начело, знаевме дека нашите духовни браќа и сестри ќе го прифатат Ендрју. Игнорирајќи ги советите на стручните лица кои велеа дека е нереално да очекуваме тој да седи учтиво за време на состаноците за обожавање, ние се погриживме уште од самото негово раѓање тој да нѐ придружува на состаноците, како и во нашата проповедничка активност од куќа до куќа. Како што и очекувавме, собранието се однесува спрема него со љубезност и со сочувство.

Но има и такви кои одат уште подалеку од тоа. Тие имаат посебна наклоност спрема него. Се чини дека Ендрју тоа потполно го чувствува и покрај неговиот намален интелект. Со овие поединци тој лесно ја совладува својата природна срамежливост и сам оди право кај нив по завршетокот на состаноците. Секогаш одново сме ја забележувале неговата инстинктивна способност, дури и во мноштво луѓе да ги препознае оние кои чувствуваат посебна наклоност спрема него.

Истото важи и за неговото изразување на љубов. Ендрју е многу нежен спрема бебињата, постарите луѓе и домашните животни. Понекогаш кога несрамежливо ќе му пристапи на бебе на некој што не го познаваме, стоиме во близина, спремни да го заштитиме бебето доколку Ендрју несвесно си игра премногу грубо. Сепак, колку често сме се почувствувале засрамени поради нашиот страв кога ќе видевме како нежно го допира бебето како што би го допрела една мајка!

Поуките што ги научивме

Поради тоа што сите деца со Даунов синдром се слични по изглед, ние очекувавме и сите да бидат слични личности. Меѓутоа, наскоро дознавме дека тие повеќе си личат на своето семејство отколку еден на друг. Секое си е единствена личност.

Ендрју, како и многу други деца, не ја сака тешката работа. Но откривме дека кога имаме стрпливост и истрајност да извежбаме некоја задача повеќе пати додека не стане навика, таа повеќе не му изгледа како работа. Неговите работни задачи околу куќата сега станаа како нешто нормално, а само додатните задачи се сметаат за работа.

Додека погледнуваме наназад на лекциите што ги научивме во текот на Ендрјуовиот живот, се појавува еден интересен парадокс. Се покажа дека скоро сите начела што ги научивме во одгледувањето на Ендрју подеднакво се применуваат и во нашите односи со другите наши деца и со луѓето воопшто.

На пример, кој од нас нема позитивно да реагира на искрената љубов? Ако некој некогаш неповолно ве споредил со некого чии способности или искуство многу се разликувале од вашите, зарем не сте го сметале тоа за неправедно и фрустрирачки? Најпосле, зарем не е случај кај повеќето од нас дека задачите кои во почетокот ни биле непријатни, на крајот ни станале подносливи, дури и ни причинувале задоволство кога сме биле дисциплинирани да ги завршиме до крај?

Иако во нашата човечка кратковидност сме пролеале многу солзи поради Ендрју, исто така, сме споделиле и многу радости — големи и мали. И сфаќаме дека поради Ендрју сме се изградиле во некои работи кои немаат никаква врска со него. Научивме дека секое искуство во животот, без разлика колку е тешко, има потенцијал да нѐ обликува во подобри личности, а не во огорчени.

Има уште нешто што е од голема важност за нас. Ние имаме големо задоволство во исчекувањето на величествениот момент кога ќе видиме како ќе се промени неспособноста на Ендрју. Библијата ветува дека наскоро во Божјиот праведен нов свет, сите слепи, глуви, сакати и неми ќе бидат вратени во блескаво здравје (Исаија 35:5, 6; Матеј 15:30, 31). Замислете си ја радоста која тогаш ќе ја имаат сите оние кои од прва рака ќе го набљудуваат лекувањето на умот и телото додека човештвото ќе се издигне до неговиот целосен потенцијал (Псалм 36:11, 29; Приложено).

[Рамка на страница 19]

Степени на хендикепираност

Некои стручни лица ги делат поединците со Даунов синдром во три групи. (1) Образовна (Умерена): оние кои можат да стекнат прилични академски вештини. Во оваа група спаѓаат некои лица кои станале глумци или дури и предавачи. Некои успеале да живеат независно со минимален надзор. (2) Вежблива (Блага): оние кои се способни да научат одредени практични вештини. Иако можат до одредена мера да бидат поучени да се грижат сами за себе, потребен е поголем надзор. (3) Длабока (Тешка): група која најслабо функционира, на која ѝ е потребно поголем надзор.

А што е со Ендрју? Ние сега знаеме дека тој спаѓа под категоријата „Вежблива“.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели