Каква ѕвезда ги водела „мудреците“ до Исус?
Во популарните божиќни приказни, ѕвездата е опишана како добар знак од небото. Дали навистина е така?
◼ Според зборовите на библискиот писател Матеј, необичната ѕвезда им го привлекла вниманието на „мудреците“ од Исток и ги одвела до малиот Исус (Матеј 2:1-12, Превод на МПЦ). Во популарните божиќни приказни, ѕвездата е претставена како добар знак од небото. Една книга вели дека ѕвездата била дел од еден „настан однапред испланиран од Бог со кој... Таткото му оддал чест на малиот Исус и го признал како свој сакан Син“. Ѕвездата се велича дури и во божиќните песни. За каква ѕвезда станувало збор?
Некои велат дека таа била природен небесен феномен. Голем број изучувачи тврдат дека се работело за конјункција на планети. Но, според еден речник, „таквиот феномен не би можел да се нарече ‚ѕвезда‘“ (The New Bible Dictionary). Дури и кога повеќе планети минуваат близу една покрај друга, тие сепак изгледаат како неколку посебни светли точки, а не како една ѕвезда. Други велат дека станувало збор за други небесни појави, како комета или супернова. Меѓутоа, ваквите појави не би можеле да ги одведат луѓето до одредено место и потоа да застанат над една конкретна куќа.
Дали оваа ѕвезда била обична природна појава, или со неа управувал Бог? Размисли за следново: „Мудреците“ не биле некакви интелектуалци или цареви, туку, како што стои во повеќето современи библиски преводи, тие биле „познавачи на ѕвездите“, или „астролози“. Значи, правеле нешто што Светото писмо го осудува (5. Мојсеева 18:10-12). Забележи дека само астролозите ‚ја виделе‘ ѕвездата. Ако тоа била вистинска ѕвезда, ќе светела јасно и ќе можеле да ја видат сите. Но, дури и цар Ирод морал да ги распрашува како изгледала ѕвездата. Најпрво, таа ги водела астролозите до Ерусалим, кај Ирод, кој му бил крвен непријател на идниот Месија. Тој имал намера да го убие малиот Исус. Потоа ѕвездата го сменила правецот и ги водела астролозите кон југ, во Витлеем, каде што бил Исус, со што неговиот живот бил доведен во опасност.
Овие факти покажуваат дека со ѕвездата управувала злобна личност, најверојатно Сатана Ѓаволот. За него Библијата вели дека се служи „со секое моќно дело и со лажни чудесни знаци и предзнаци“ (2. Солуњаните 2:9). Затоа, вистинските христијани воопшто не ги чуди тоа што Сатана можел да направи овој феномен сличен на ѕвезда да го видат само астролозите за да ги одведе до Божјиот Син, кого сакал да го убие. Се разбира, никој не може да го надмудри Јехова Бог. Од таа причина, не нѐ изненадува тоа што била осуетена намерата на Ѓаволот да го убие Исус уште како дете.
Но, интересно е што Бог навистина преку чудо го објавил раѓањето на Исус. Вечерта кога се родил Исус, еден ангел се појавил пред група овчари и им ја објавил веста дека се родил „Спасител“. Освен тоа, им објаснил каде можеле да го најдат Исус. Потоа, се појавиле мноштво ангели кои почнале да го фалат Бог (Лука 2:8-14). Бог ги употребил овие ангели, а не ѕвездата за да ги извести луѓето за раѓањето на Исус.