Поглавје 7
Исус и астролозите
НЕКОЛКУ луѓе доаѓаат од Исток. Тие се астролози — луѓе кои тврдат дека можат да ја толкуваат положбата на ѕвездите. Додека тие биле дома на Исток, виделе нова ѕвезда и ја следеле стотици километри до Ерусалим.
Кога стигнуваат во Ерусалим, астролозите прашуваат: „Каде е оној кој им се роди како цар на Евреите? Зашто ја видовме неговата звезда кога бевме на исток, па дојдовме да му оддадеме почит“.
Кога царот Ирод во Ерусалим слуша за ова, многу се вознемирува. Затоа тој ги повикува главните свештеници и прашува каде ќе се роди Христос. Темелејќи го својот одговор на Писмото, тие одговараат: „Во Витлеем“. Потоа, Ирод ги повикува астролозите кај него и им вели: „Одете и внимателно побарајте го малото дете, и кога ќе го најдете, јавете ми за да одам и јас и да му оддадам почит“. Но, Ирод всушност сака да го најде детето за да го убие!
Откако си заминуваат, се случува нешто чудесно. Ѕвездата што ја виделе на Исток, оди пред нив. Јасно е дека тоа не била обична ѕвезда, туку била посебно дадена да ги води. Астролозите ја следат сѐ додека таа конечно застанува веднаш над куќата каде што биле Јосиф и Марија.
Кога астролозите влегуваат во куќата, ја наоѓаат Марија со нејзиното мало дете, Исус. Сите се поклонуваат пред него. Од своите торби вадат подароци: злато, бел темјан и смирна. Подоцна, кога сакаат да се вратат и да му кажат на Ирод каде е детето, Бог ги предупредува во сон да не го прават тоа. Така, тие по друг пат си заминуваат за својата земја.
Што мислиш, кој се погрижил ѕвездата која се движела на небото да ги води астролозите? Сети се, ѕвездата не ги водела директно кај Исус во Витлеем. Наместо тоа, биле одведени во Ерусалим каде што дошле во контакт со царот Ирод кој сакал да го убие Исус. Ирод и би го сторил тоа ако Бог не се вмешал и не ги предупредил астролозите да не му кажуваат на Ирод каде е Исус. Божјиот непријател, Сатана Ѓаволот, бил тој кој сакал да го убие Исус и ја употребил таа ѕвезда да ја постигне својата цел. Матеј 2:1—12; Михеј 5:2.
▪ Што покажува дека ѕвездата што ја виделе астролозите не била обична ѕвезда?
▪ Каде бил Исус кога астролозите го нашле?
▪ Како знаеме дека Сатана се погрижил ѕвездата да ги води астролозите?