Пази се од труење со олово!
Неодамна владите наредија од пазарот итно да се повлечат некои производи, меѓу кои и некои играчки и накит. Зошто? Во некои од овие производи, кои малите деца најчесто ги ставаат в уста, беше утврдена опасна концентрација на олово. Труењето со олово може да биде особено опасно за децата помали од шест години бидејќи во тој период сѐ уште се развива централниот нервен систем.
СПОРЕД едно истражување на Факултетот за јавно здравство „Џонс Хопкинс и Блумберг“, оловото го намалува дејството на еден протеин кој е многу важен за развојот на мозокот и на умствените способности. Истражувањата потврдуваат дека кај децата се апсорбира и до 50 отсто од внесеното олово, а кај возрасните, од 10 до 15 отсто.
Едно поново истражување покажува дека оловото може да биде штетно дури и во законски пропишаните количини. Според Американскиот државен совет за безбедност на граѓаните, некои од последиците по здравјето на децата можат да бидат: „тешкотии во учењето, нарушено внимание, проблеми во однесувањето, попречен раст, оштетен слух и оштетувања на бубрезите“. Жените што планираат да родат треба да бидат посебно внимателни бидејќи оловото може да му наштети и на нероденото бебе.a
Оловото може да ги затруе и храната и напитоците приготвени во земјени садови премачкани со глазура што содржи олово, какви што често се користат во некои делови на Азија, Јужна и Средна Америка. Понекогаш, водата за пиење се чува во глинени садови за да остане ладна, а топлите напитоци се служат во глазирани филџани. При едно истражување во кое беа прегледани деца под 5-годишна возраст од градот Мексико, беше утврдено дека речиси половина од децата постари од 18 месеци имаат висока концентрација на олово во крвта. Причина за тоа била храната приготвена во глазирана керамика. Оловото ја прави мазна површината на глинените садови, но при готвење на висока температура или кога во нив се чуваат одредени видови овошје и зеленчук, може да навлезе во храната.
Други причинители за труење со олово
Иако во последниве неколку години повеќето развиени земји ги исфрлија од употреба оловните бензини, Светската здравствена организација (СЗО) вели дека има речиси 100 земји во кои сѐ уште се користи оловен бензин. Бидејќи оловото не се разложува и не согорува, ситните оловни честички од издувните гасови ја загадуваат почвата во близина на автопатите, а потоа оваа прашина се вдишува или се внесува дома.
Друг важен причинител за труење се боите на база на олово кои се користеа во домаќинството пред да биде законски регулирана нивната употреба. Се проценува дека само во САД, во 38 милиони домови (40 отсто од домаќинствата) има оловна боја. Особено се опасни лушпите од боја и оловниот прав кои ги има кога се реновира.
Водоводната мрежа во голем број постари градови и домови се состои од оловни цевки или бакарни цевки лемени со олово. Клиниката „Мајо“, угледна здравствена установа во САД, препорачува студената вода да се остави да протече низ цевките 30 до 60 секунди пред да се пие. Жешката вода од овие цевки не треба да се користи за пиење и за готвење, а посебно не за приготвување на вештачко млеко за бебиња.
Присуството на олово во крвта значително се намалува кога ќе се отстрани причинителот. Оние што се сомневаат дека имаат олово во крвта можат да направат крвна слика и, доколку се открие висока концентрација, треба да побараат лекарска помош.
Јавноста треба да биде свесна
До труење со олово доаѓа откако организмот извесно време бил изложен на овој метал. Но, во големи количини, дури и ако се внесе само еднаш, може да предизвика смрт. Американскиот центар за контрола и превенција на болести известува дека, во 2006 год., едно дете на претшколска возраст умрело откако проголтало метален накит со голема концентрација на олово.
Истакнувајќи колку е важно јавноста да биде свесна за овој проблем, една медицинска енциклопедија проценува дека, во моментов, 5 отсто од децата на претшколска возраст во САД имаат високо ниво на олово во крвта. Ако ова е случај во земја во која употребата на олово е регулирана со закон, што да се каже за земјите во кои воопшто не постојат вакви регулативи? Затоа, пази се од труење со олово!
[Фуснота]
a До труење со олово може да дојде и кај возрасните, а се манифестира со нервни нарушувања, болки во мускулите и во зглобовите, слабо памтење или проблеми со концентрацијата.
[Рамка/слика на страница 29]
НЕКОИ СИМТОМИ НА ТРУЕЊЕ СО ОЛОВО КАЈ ДЕЦАТА
Агресивност, анемија, болки во стомакот, главоболки, губење на апетитот и силата, забавен раст, запек, попречен психо-физички развој, раздразливост, слаба концентрација, умор (MEDLINE PLUS MEDICAL ENCYCLOPEDIA).