Разбудете се! му го спасило животот на едно неродено дете
● Една Мексиканка со три деца, по име Анита, забременила по четврти пат.a Му рекла на својот сопруг дека не сака уште едно дете и дека ќе стори сѐ за да се ослободи од него. Се заканувала дури и со самоубиство! Во тоа време, Анита ја проучувала Библијата со една жена Јеховин сведок, но не покажувала никаков напредок. „Бев многу арогантна“, вели таа.
Жената што ја поучувала Анита ѝ ги објаснила начелата што се однесувале на нејзината ситуација. На пример, таа ѝ покажала дека животот на едно неродено дете е скапоцен за Бог. Според Божјиот закон, ако некој во древниот Израел повредел бремена жена, и таа или нејзиното неродено дете умрело, на напаѓачот требало да му се суди за убиство (2. Мојсеева 21:22, 23).b Но, ништо од тоа не допирало до Анита. Таа веќе имала донесено одлука.
„Дознав дека постои инјекција што предизвикува спонтан абортус“, вели Анита. „Затоа, си ја купив и замолив еден пријател да ми ја стави. Тој го стори тоа, но инјекцијата немаше никакво дејство. Подоцна дознав дека ја заменил со чиста вода бидејќи не сакал да биде соучесник.“
Но, Анита била упорна. Во четвртиот месец од бременоста, успеала да најде лекар кој се согласил да изврши абортус. Шест дена пред закажаниот термин, жената што проучувала со Анита ѝ дала примерок од статијата „Дневникот на едно неродено дете“, објавена во Разбудете се! од 22 мај 1980. (Не е издадена на македонски.) На крајот од „дневникот“ стои: „Денес мајка ми ме уби“. Овие зборови толку ја шокирале Анита што плачела со часови. „Статијата конечно ми ги отвори очите“, вели таа.
Анита родила здраво женско дете. „Денес“, вели таа, „имам чест да го познавам Јехова, кого од сѐ срце го сакам.“ Освен тоа, ја поучува својата ќерка за и таа да го засака Јехова. Ќерка ѝ самата кажува дека својот живот му го должи на Бог — како прво, затоа што тој е Извор на животот и, како второ, затоа што учењата од неговата Реч, за кои се зборува во Разбудете се!, ја спасиле од сигурна смрт.
[Фусноти]
a Името е сменето.
b Изворниот јазик укажува на смртта на мајката или на детето.