Што учиме од природата
„Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил“ (Псалм 104:24)
МНОГУМИНА велат дека „природата“ е заслужна за сложената градба на живите организми. На пример, во списанието Scientific American, од март 2003, стои следново: „Од сите видови покривки на телото кои ги создала природата, пердувите се најразнолики и најзагадочни“. Иако за овој писател природата е најверојатно само безлична сила, тој вели дека таа „ги создала“ пердувите. Може ли сила да создава?
Зборот „создаде“ значи „изработи, направи нешто што го немало порано, основе, образува, организира“ (Речник на македонскиот јазик). Само личност може да создава и да направи нешто што не постоело порано. И, исто како што иноваторите имаат свое име така и Творецот има свое име. Јехова е оној кој ја создал природата. Само тој е „Севишен над целата земја“, оној кој „создаде сѐ“ (Псалм 83:18; Откровение 4:11).
Што можеме да научиме од созданијата? Тие ни даваат извонредни поуки за Јехова и за неговите прекрасни особини, во кои спаѓа и мудроста. „Зашто, неговите невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20). Од природата учиме дека Божјата мудрост е повозвишена од нашата. Ако неговите творби се подобри од оние на иноваторите, зарем не е логично дека тој може да ни даде и подобри совети отколку луѓето?
Божјите совети не можеме да ги прочитаме во „книгата на природата“, туку во неговата пишана Реч, Библијата. Што мислиш, дали Оној што ги создал нашите органи за комуникација сака да комуницира со нас? Логично е да заклучиме дека сака. Библијата вели: „Целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16).
Ако ти е интересно да учиш за иноваторите, тогаш уште поинтересно ќе ти биде да учиш за Творецот. На пример, најверојатно би сакал да знаеш зошто страдаме и умираме, дали Бог имал намера да живееме вака и, ако не, зошто дозволува да страдаме.
Сеедно дали го признаваат тоа или не, научниците учат од Јехова како да конструираат. И ти можеш да научиш многу од нашиот Творец. На пример, можеш да научиш како да имаш стабилен брак, како да ги воспитуваш успешно твоите деца, каква намера има Бог со Земјата и уште многу други работи што ќе ти помогнат твојот живот да има смисла. Книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци, може да ти помогне да дознаеш многу работи од Божјата Реч.