Восхитувај се на творбите, но учи и за Творецот
СИГУРНО си чул за италијанскиот сликар и скулптор Микеланџело. Иако можеби никогаш не си видел оригинал од некое негово ремек-дело, најверојатно ќе се согласиш со еден историчар на уметност кој овој гениј од Италија го нарекол „голем уметник на кој му нема рамен“. Талентот на Микеланџело е неоспорен. Но, зар некој би можел да им се восхитува на неговите дела без да му оддаде признание нему како на извонреден уметник?
А сега помисли на неверојатната сложеност и разновидност на живиот свет на планетава. Весникот The New York Times цитира еден универзитетски професор по биохемија, кој рекол: „Многу докази во биологијата укажуваат на планско создавање“. И додал: „Од живите организми јасно се гледа дека некој ги создал“. Според тоа, дали е разумно и дали е фер да им се восхитуваме на ремек-делата, а да не му оддадеме признание на оној што ги направил?
Апостол Павле, гледајќи што се случува околу него, дошол до заклучок дека има луѓе што „му оддаваат поголема чест и му служат повеќе на созданието отколку на тој што го создал“ (Римјаните 1:25, Darby). Под влијание на општоприфатените идеи за еволуција, има луѓе што не сакаат, односно одбиваат да признаат дека некој мора да го создал сето она што нѐ опкружува. Но, дали воопшто може да се каже дека теоријата на еволуција е вистинска наука? Забележи до каков заклучок дошол Кристоф Шенборн, католички надбискуп од Виена, кој за The New York Times изјавил: „Секоја теорија која ги негира или ги омаловажува цврстите докази на биологијата, кои одат во прилог на планското создавање е идеологија, а не наука“.
Ќе значи ли тоа крај за науката?
Некои сметаат дека, ако се прифатат доказите за постоењето на Творец, ќе се „задуши научниот развој“. Вакви стравови беа изразени во една статија од списанието New Scientist, во која се тврдеше дека „науката, која постојано трага по нови откритија, ќе престане да постои бидејќи одговорот на секое прашање ќе гласи: ‚Творецот така го создал‘“. Дали ваквите стравови се основани? Ни најмалку! Напротив, точно е сосема спротивното. Зошто?
Ако ја прифатиме идејата дека вселената и животот на Земјата настанале како резултат на слепа случајност и потоа еволуирале, всушност, завршува нашата потрага по логични објаснувања. А, ако се согласиме дека сѐ околу нас е дело на еден интелигентен Творец, тоа ќе нѐ поттикне уште повеќе да ја истражуваме природата и да откриваме како тој ја користел својата интелигенција при создавањето на материјалниот свет. Размисли за следново: Историчарите на уметност знаат дека „Мона Лиза“ ја насликал Леонардо да Винчи. Сепак, тоа не ги спречило да ги проучуваат техниките и материјалите што ги користел. Истото важи и за Творецот. Ако го прифатиме фактот дека Тој постои, тоа не би требало да нѐ спречи да ја испитаме во детали сложената градба на неговите творби.
Наместо да нѐ спречи да истражуваме, Библијата нѐ поттикнува да бараме одговор на прашања што се и од научна и од духовна природа. Уште во старо време, цар Давид длабоко размислувал за тоа како е создадено неговото тело, и сфатил дека тоа е мајсторски направено. Ова го поттикнало да каже: „Чудесно [сум] создаден. Твоите дела се чудесни, и мојата душа тоа добро го знае“ (Псалм 139:14). Всушност, Библијата ни кажува дека Творецот го прашал Јов: „Дали успеал твојот ум да ги запознае пространствата на земјата?“ (Јов 38:18). Од ова сигурно не можеме да заклучиме дека Бог не сака да поставуваме прашања или да истражуваме. Напротив, овде Големиот Творец нѐ повикува да ги проучуваме Неговите дела. Забележи што запишал и пророкот Исаија: „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа?“ Овие зборови нѐ поттикнуваат да го запознаеме подобро Оној што создал сѐ што постои околу нас. Всушност, веднаш потоа во Исаија 40:26 е изнесен еден факт кој е во склад со познатата формула на Ајнштајн — E=mc2. Тој факт е дека вселената ја создал некој што има огромна енергија и моќ.
Точно, не е лесно да се дојде до одговорот на некои прашања во врска со творештвото. Причината делумно е во тоа што не можеме да сфатиме сѐ, а и не го разбираме во потполност светот во кој живееме. Јов бил свесен за тоа. Тој го фалел Творецот, кој е заслужен што Земјината топка „виси“ во вселената, иако не е обесена на ништо, и што ги држи облаците полни со вода над неа (Јов 26:7-9). Меѓутоа, Јов сфатил дека таквите чуда ‚се само делчиња од делата на Творецот‘ (Јов 26:14). Сигурно сакал да дознае уште повеќе за светот што го опкружувал. И Давид покажал колку е свесен за своите ограничувања кога напишал: „Тоа знаење е премногу чудесно за мене, толку е високо што не можам да го сфатам“ (Псалм 139:6).
Ако се прифати фактот дека постои Творец, нема да се спречи научниот напредок. Потрагата по нови и подетални откритија и на материјално и на духовно поле не е завршена, и ќе трае вечно. Еден цар од старо време, кој бил познат по своето големо знаење, понизно напишал: „Тој во умот на човекот му всадил мисла за вечност, а сепак човекот не може да ги разбере делата што Бог ги направил од почетокот до крајот“ (Проповедник 3:11, Holy Bible—New Life Version).
„Џокер“?
Има луѓе кои сметаат дека Бог служи како „џокер“ секогаш кога нема научно објаснување за некоја појава. Со други зборови, тие велат дека Творецот се користи како златна резерва, и штом нема логичен или научен одговор за некое прашање, „Бог“ влегува во игра. Но, за какви прашања станува збор? Дали нема објаснување само за некои мали и безначајни детали во врска со настанокот на светот? Не. Се работи за огромни пропусти во Дарвиновата теорија на еволуција. Таа теорија не може да го премости големиот јаз што останува онаму каде што недостасуваат важни биолошки докази. Всушност, еволуционистите, кои се потпираат на недокажани тврдења, се тие што користат „џокер“, а тоа е Дарвиновата теорија.
Творецот за кој зборува Библијата воопшто не е „џокер“ ниту „златна резерва“ кој влегува во игра секогаш кога човекот нема одговор на некое прашање. Напротив, Бог ги осмислил сите фази и детално испланирал како ќе изгледа сѐ што создал. Псалмистот укажал на тоа дека Јехова е Творецот, велејќи: „Од тебе извира целиот живот, и со твојата светлина гледаме светлина“ (Псалм 36:9, Today’s English Version). Бог е со право опишан како „оној што ги создаде небото и земјата и морето и сѐ што е во нив!“ (Дела 4:24; 14:15; 17:24). Со добра причина еден учител од првиот век напишал дека Бог „создал сѐ“ (Ефешаните 3:9).
Освен тоа, Бог ги воспоставил „законите што управуваат со небото“, односно природните закони кои влијаат врз материјата и енергијата и кои научниците сѐ уште ги истражуваат (Јов 38:33). Тој ја создал Земјата совршено и со точно одредена цел, и со тоа овозможил на неа да живеат неверојатно разновидни облици на живот.
Што ни вели здравиот разум?
На крајот мора да се повикаме и на здравиот разум. Зборувајќи општо за веродостојноста на различни научни теории, Џон Хорган, кој пишува на теми од науката, забележал: „Кога доказите не се цврсти, не треба да ни е срам да се повикаме на здравиот разум“.
Дали навистина е разумно да тврдиме дека животот настанал сам од себе, односно дека е резултат на слепа случајност? Иако теоријата на еволуција е прифатена насекаде, голем број интелигентни луѓе, па дури и некои научници, се увериле дека постои интелигентен Творец. Еден професор по биохемија забележува дека „повеќето луѓе, врз основа на здравиот разум, дошле до заклучок дека животот е создаден плански и со одредена цел“. Зошто? Мнозина веднаш ќе се сложат со изјавата на апостол Павле: „Секоја куќа некој ја изградил“ (Евреите 3:4). Потоа тој логично заклучил: „Бог е оној што изградил сѐ“. Врз основа на овие зборови од Библијата, едноставно не е логично човек да се согласи дека секоја куќа некој мора плански да ја изградил, а во исто време да тврди дека сложената клетка настанала сосема случајно.
За оние што негираат дека постои интелигентен Творец, Библијата го вели следново: „Безумникот си вели во срцето: ‚Не постои Јехова!‘“ (Псалм 14:1). Овде псалмистот ги прекорува тие што сѐ уште не ги прифаќаат доказите дека постои Бог, туку и понатаму си остануваат на своето, не сакајќи да гледаат објективно на работите. Но, мудриот и разумен човек понизно признава дека постои Творец (Исаија 45:18).
За голем број интелигентни луѓе, доказите за постоењето на Врвен Творец се непобитни.
Можеш да го запознаеш Творецот
Ако сметаме дека некој мора да нѐ создал, тогаш зошто сме создадени? Која е смислата на животот? Науката сама по себе не може да даде прифатлив одговор на овие основни прашања. Сепак, потребата од јасни и уверливи одговори останува. Библијата може многу да ни помогне да дојдеме до нив. Таа ни кажува дека Јехова не само што создал сѐ туку имал и добра причина за тоа. Светото писмо ни открива која е Божјата намера со луѓето и ни покажува дека ни претстои прекрасна иднина.
Сепак, кој е Јехова? Каков Бог е тој? Јеховините сведоци те поттикнуваат да го запознаеш нашиот Величествен Творец како личност. Можеш да дознаеш нешто повеќе за неговото име, за неговите особини и за начинот на кој постапува со луѓето. Неговата Реч, Библијата, ќе ти помогне да видиш зошто треба, не само да се восхитуваме на Божјите прекрасни творби, туку и да го признаеме и да го величаме како Творец (Псалм 86:12; Откровение 4:11).
[Слика на страница 4]
Микеланџело
[Слики на страница 5]
Верувањето во Творец не се коси со науката
[Слика на страница 6]
Разновидноста и приспособливоста на живиот свет се доказ дека сѐ е генијално создадено
[Слики на страница 7]
Не може да постои творба без Творец