Дел 2
Кој може да ни каже?
1, 2. Кој е најдобриот начин да се пронајде смислата на нешто што е конструирано?
1 Кој може да ни каже која е всушност смислата на животот? Кога би го посетиле конструкторот на некоја машина и кога би виделе како тој работи на некој комплициран дел од машината, кој тебе не ти е познат, како би можел да знаеш за што служи тој дел? Најдобро би било да го прашаш конструкторот.
2 Тогаш, што е со прекрасните конструкции што ги гледаме насекаде околу нас на Земјата, како на пример, сите живи суштества сѐ до најмалата жива клетка? Дури и многу помалите молекули и атоми, што се наоѓаат во самата клетка, се прекрасно создадени и подредени. А што е со човечкиот ум, создаден на така чудесен начин? Или, пак, нашиот Сончев систем, нашата галаксија Млечен пат, и универзумот? Зарем сите тие зачудувачки создадени нешта не бараат Конструктор? Сигурно тој може да ни каже зошто ги конструирал тие работи.
Дали животот настанал случајно?
3, 4. Каква веројатност постои дека животот настанал случајно?
3 The Encyclopedia Americana го забележала „извонредниот степен на комплексност и организација на живите суштества“, наведувајќи: „Поблиското испитување на цвеќињата, инсектите или на цицачите открива еден, скоро неверојатно прецизен распоред на поединечните делови“. Британскиот астроном Сер Бернард Ловел, за хемискиот состав на живите организми, напишал: „Веројатноста дека, . . . еден случаен настан довел до формирање на еден од најмалите протеински молекули е незамисливо мала. . . . Практично рамна на нула“.
4 Слично на тоа, астрономот Фред Хојл рекол: „Целокупната структура на ортодоксната биологија сѐ уште тврди дека животот настанал случајно. Сепак, додека биохемичарите сѐ повеќе ја откриваат зачудувачката комплексност на животот, видливо е дека изгледите тој да настанал по пат на случајност се толку мали што можат да бидат потполно елиминирани. Не е можно животот да настанал случајно“.
5-7. Како потврдува молекуларната биологија дека живите суштества не можат да настанат случајно?
5 Молекуларната биологија, една од поновите области во науката, е наука за проучување на живите организми на полето на гените, молекулите и атомите. Молекуларниот биолог Мајкл Дентон коментира за она што било откриено: „Наједноставната позната клетка е толку сложена што е невозможно да се прифати тврдењето дека едно такво нешто би можело да настане одненадеж преку некаков чуден, крајно неверојатен настан“. „Но, не само комплексноста на живите системи туку и неверојатната генијалност која е толку често видлива во нивната конструкција претставува голем предизвик.“ „Токму на молекуларното поле . . . генијалноста на биолошката конструкција и совршеноста на достигнатите цели е најнагласена.“
6 Дентон понатаму наведува: „Каде и да погледнеме, во било која длабочина да ѕирнеме, наоѓаме една елеганција и генијалност од апсолутно ненадминлив квалитет, што во голема мера ја намалува идејата за случајност. Дали навистина е можно случајните процеси да конструирале една реалност, во која најмалиот елемент — еден функционален протеин или ген — е далеку над нашите креативни способности, реалност која е сушта антитеза на случајноста, која во секој поглед го надминува сѐ она што е создадено од интелигенцијата на човекот?“ Тој исто така наведува: „Помеѓу една жива клетка и најорганизираниот небиолошки систем, како што е кристалот или снегулката, постои еден неверојатно голем и непремостив јаз“. А еден професор по физика, Чет Рејмо, наведува: „Јас сум длабоко импресиониран . . . Се чини дека секој молекул е на чудесен начин измислен за неговата задача“.
7 Молекуларниот биолог Дентон заклучува дека „оние кои сѐ уште догматски ја застапуваат идејата дека сета оваа нова реалност е производ на чиста случајност“, веруваат во еден мит. Всушност, Дарвиновото верување во врска со случајното настанување на живите суштества, го нарекува „голем космогонски мит на дваесеттиот век“.
Конструкцијата подразбира конструктор
8, 9. Наведи некои примери за тоа дека секоја конструкција мора да има свој конструктор.
8 Веројатноста дека некоја нежива материја може случајно да оживее, по пат на некоја ненамерна случајност, е толку мала што е невозможна. Не, сите тие прекрасно конструирани живи суштества на Земјата не можеле да настанат случајно, бидејќи сѐ што е конструирано мора да има свој конструктор. Дали познаваш некакви исклучоци? Такви не постојат. Колку покомплицирана е конструкцијата, толку поспособен мора да е конструкторот.
9 Тоа можеме да го опишеме на следниов начин: Кога ќе видиме некоја слика, имаме доказ дека постои и сликар. Кога читаме некоја книга, сфаќаме дека постои и автор. Кога ќе видиме куќа, признаваме дека постои и градител. Кога ќе видиме семафор, знаеме дека постои и законодавно тело. Оние кои ги создале сите тие работи, ги создале со некаква цел. И, иако можеби не знаеме сѐ за луѓето кои ги конструирале, не се сомневаме дека тие луѓе постојат.
10. Кој видлив доказ го потврдува постоењето на еден Врховен Конструктор?
10 На сличен начин, доказите за постоењето на еден Врховен Конструктор можат да се видат по конструкцијата, редот и сложеноста на живите организми на Земјата. Сите тие носат белег што покажува дека постои една Врховна Интелигенција. Тоа важи и за конструкцијата, редот и комплексноста на универзумот со неговите милијарди галаксии, од кои секоја содржи милијарди ѕвезди. И сите небесни тела се управувани од прецизни закони, како оние за движење, топлина, светлина, звук, електромагнетизам и гравитација. Можно ли е да постојат закони без законодавец? Ракетниот стручњак Д-р Вернер фон Браун навел: „Природните закони на универзумот се толку прецизни што без потешкотии можеме да изградиме вселенски брод да лета до Месечината и можеме да го предвидиме времето на летот со прецизност во делови од секундата. Тие закони морал некој да ги постави“.
11. Зошто не треба да го негираме постоењето на еден Врховен Конструктор само затоа што не можеме да го видиме?
11 Точно, со нашите дословни очи не можеме да го видиме Врховниот Конструктор и Законодавец. Но, дали негираме дека постојат работи како што се гравитација, магнетизам, електрицитет или радио-брановите, само затоа што не можеме да ги видиме? Не, бидејќи можеме да ги видиме нивните последици. Тогаш, зошто да го негираме постоењето на еден Врховен Конструктор и Законодавец само затоа што не можеме да го видиме, кога можеме да ги видиме резултатите од неговите зачудувачки ракотворби?
12, 13. Што велат доказите за постоењето на Творецот?
12 Пол Дејвис, професор по физика, заклучува дека постоењето на човекот не е само некаква игра на судбината. Тој наведува: „Навистина ние сме создадени да бидеме овде“. А во врска со универзумот, тој вели: „Преку мојата научна работа, сѐ посилно и посилно верувам во тоа дека материјалниот универзум е составен со една толку зачудувачка генијалност што не можам да го прифатам тоа само како еден суров факт. Ми се чини дека мора да постои некое подлабоко објаснување“.
13 Според тоа, доказите ни кажуваат дека универзумот, Земјата и живите суштества на неа не можеле да настанат по пат на случајност. Сите тие се неми сведоци за еден многу интелигентен и моќен Творец.
Што вели Библијата
14. Што заклучува Библијата за Творецот?
14 Библијата, најстарата книга на човештвото, го извлекува истиот заклучок. На пример, во библиската книга Евреите, што ја напишал апостол Павле, речено ни е: „Зашто секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сѐ, е Бог“ (Евреите 3:4). Последната книга од Библијата, што ја напишал апостол Јован, исто така вели: „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“ (Откровение 4:11).
15. Како можеме да увидиме некои од Божјите особини?
15 Библијата покажува дека, иако Бог не можеме да го видиме, сепак можеме да увидиме каков Бог е тој, според она што го создал. Таму стои: „Невидливите особини [на Творецот], односно неговата бескрајна моќ и божество, се видливи за окото на разумот уште кога почна светот, по работите кои ги создал“ (Римјаните 1:20, The New English Bible).
16. Зошто треба да ни биде драго што луѓето не можат да го видат Бог?
16 Значи, Библијата нѐ води од последицата до причината. Последицата — создадените работи кои влеваат стравопочитување — е доказ за интелигентната, моќна Причина — Бог. Исто така, можеме да бидеме благодарни што тој е невидлив бидејќи, како Творец на целиот универзум, без сомнение, има толку голема моќ што луѓето од крв и месо не можат да очекуваат да го видат и да останат живи. А тоа е токму она што Библијата го вели: „Не може човек да Го види лицето [на Бог] и да остане жив“ (2. Мојсеева 33:20).
17, 18. Зошто треба да ни биде важен поимот дека постои Творец?
17 Поимот за еден Голем Конструктор, Врховно Битие — Бог, треба да ни биде многу важен. Ако сме создадени, тогаш сигурно Творецот имал причина и цел зошто нѐ создал. Ако сме создадени за да имаме некаква смисла во животот, тогаш постои и причина за надеж дека во иднина ќе ни биде подобро. Инаку, само би живееле и би умирале без никаква надеж. Затоа, многу е важно да ја дознаеме Божјата намера со нас. Тогаш ќе можеме да избереме дали сакаме да живееме во согласност со неа или не.
18 Исто така, во Библијата стои дека Творецот е Бог полн со љубов кој покажува голема грижа за нас. Апостол Петар навел: „Он се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7; види и Јован 3:16 и 1. Јованово 4:8, 16). Еден начин на кој можеме да видиме колку Бог се грижи за нас е ако го земеме предвид прекрасниот начин на којшто нѐ создал, како умствено така и физички.
‚Чудесно создаден‘
19. Каква вистина ни предочува псалмистот Давид?
19 Псалмистот Давид во Библијата признал: ‚Чудесно сум создаден‘ (Псалм 138:14). Секако, тоа е вистинито бидејќи човечкиот мозок и тело биле на прекрасен начин конструирани од Врховниот Конструктор.
20. Како го опишува една енциклопедија човечкиот мозок?
20 На пример, твојот мозок е посложен од било кој компјутер. The New Encyclopædia Britannica забележува: „Пренесувањето на информациите во нервниот систем е посложено дури и од најголемите телефонски централи; способноста на човечкиот мозок да ги решава проблемите е далеку поголема од способноста на најмоќните компјутери“.
21. Што мораме да заклучиме кога ќе видиме што сѐ може да прави мозокот?
21 Иако во твојот мозок се складираат стотици милиони податоци и умствени слики, тој не служи само како нивно складиште. Со мозокот можеш да научиш како да свиркаш, да печеш леб, да зборуваш странски јазици, да користиш компјутер или да управуваш со авион. Можеш да си замислиш каков ќе биде одморот или колку вкусно ќе биде некое овошје. Можеш да анализираш и да создаваш. Можеш да планираш, да бидеш благодарен, да сакаш, да ги поврзуваш мислите со минатото, со сегашноста и со иднината. Бидејќи ние луѓето не можеме да конструираме такво нешто каков што е чудесниот човечки мозок, тогаш Оној, кој го конструирал, очигледно има мудрост и способност далеку поголема од онаа на било кој човек.
22. Што признаваат научниците за човечкиот мозок?
22 Во врска со мозокот, научниците признаваат: „Потполно е непознато како ги извршува своите функции оваа прекрасно замислена, уредна и зачудувачки сложена машина. . . . Луѓето можеби никогаш нема да ги решат поединечните загатки што мозокот ги поставува“ (Scientific American). А професорот по физика Рејмо вели: „Да бидеме сосема искрени, сѐ уште не знаеме многу за тоа како човечкиот мозок складира информации, или како може да враќа сеќавања по желба. . . . Во човечкиот мозок има до сто милијарди нервни клетки. Секоја клетка е поврзана со илјадници други клетки преку една разгранета низа синапси. Можностите за меѓусебно поврзување се зачудувачки комплицирани“.
23, 24. Наведи некои прекрасно создадени делови од телото, и каков бил коментарот на еден инженер?
23 Очите се попрецизни и поприлагодливи од било која камера; всушност, тие се автоматски филмски камери во боја, со автоматско фокусирање. Ушите можат да откриваат разновидни звуци и да дадат чувство на правец и рамнотежа. Срцето е пумпа со такви способности коишто ни најдобрите инженери не можеле да ги копираат. Величествени се и другите делови на телото: носот, јазикот и рацете, како и крвотокот и системот за варење, да споменеме само неколку.
24 Според тоа, еден инженер кој бил најмен да конструира и изгради еден голем компјутер, размислувал вака: „Ако мојот компјутер бара конструктор, тогаш колку повеќе бил потребен конструктор за оваа сложена физио-хемиско-биолошка машина — моето човечко тело — која од своја страна, пак, е само еден ситен дел од скоро бескрајниот космос?“
25, 26. Што би требало да ни каже Големиот Конструктор?
25 Како што луѓето имаат цел во мислите кога прават авиони, компјутери, велосипеди и други направи, така и Конструкторот на човечкиот мозок и тело морал да имал цел зошто нѐ создал. Тој Конструктор мора да има и мудрост што е поголема од онаа на луѓето, бидејќи никој не може да ги повтори неговите изуми. Тогаш, логично е што тој е Оној кој може да ни каже зошто нѐ создал, зошто нѐ поставил на Земјата и каде одиме.
26 Кога ќе ги дознаеме овие работи, тогаш прекрасниот мозок и телото, што Бог ни ги дал, ќе можат да се користат за исполнување на нашата смисла во животот. Но, каде можеме да научиме за неговите науми? Каде ни ја дава Бог таа информација?
[Слика на страница 7]
Најдобриот начин да се открие зошто нешто било создадено е да се праша конструкторот
[Слика на страница 8]
Комплексноста и конструкцијата на живите организми можат да се видат во молекулот на ДНК
[Слика на страница 9]
„Способноста на човечкиот мозок да ги решава проблемите е далеку поголема од способноста на најмоќните компјутери“