Разумно ли е да веруваме во Бог?
СИ СЕ ПРАШАЛ ЛИ некогаш зошто толку прецизни математички закони владеат со сѐ што постои — од атомските честички до огромните галаксии? Си размислувал ли за самиот живот — за неговата разноликост, сложеност и неверојатна градба? За многумина, вселената и живиот свет во неа се производ на една голема космичка експлозија и еволуција. Други му ја припишуваат заслугата на мудар Творец. Кое од овие гледишта е поразумно за тебе?
Едно е сигурно — и за двете гледишта е потребна вера. Убеденоста дека постои Бог се темели на вера. Библијата ни кажува дека „ниту еден човек никогаш не го видел Бог“ (Јован 1:18). А никој не можел да види ни како настанала вселената и живиот свет или како еден вид еволуирал во повисок облик на живот или во сосема друг вид. Пронајдените фосили покажуваат дека поголемите животински групи се појавиле одеднаш и речиси воопшто не се смениле.a Според тоа, прашањето што треба да си го поставиме е: Кое од овие две верувања има цврст темел?
Има ли твојата вера цврст темел?
Библијата ни кажува дека вистинската вера е „доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евреите 11:1). Во преводот Радосна Вест, овој стих гласи: „Вера е увереност во нешто што не си го видел“. Сигурно би можел да се сетиш на многу работи за кои си цврсто убеден дека постојат, иако не се гледаат.
На пример, многу угледни историчари веруваат дека Александар Македонски, Јулиј Цезар и Исус Христос биле вистински личности. Дали нивната вера има цврста основа? Да, затоа што постојат автентични историски докази на кои можат да се повикаат.
И научниците веруваат во работи што, иако не се гледаат, се вистински бидејќи имаат докази дека тие постојат. На пример, Дмитриј Менделеев, руски хемичар од 19 век, бил одушевен од односот помеѓу елементите од кои се состои целата вселена. Тој увидел дека овие елементи имаат заеднички карактеристики и можат да се групираат, не само според нивната атомска тежина туку и според хемиските својства. Бидејќи верувал дека овие групи имаат извесен ред, го составил периодниот систем на елементите и успеал да го предвиди постоењето на голем број елементи кои во тоа време сѐ уште не биле познати.
Археолозите донеле заклучоци за постоењето на некои поранешни цивилизации, честопати на темел на артефакти што илјадници години стоеле закопани под земјата. Како пример, замисли си дека еден археолог ископал десетици внимателно изделкани камени блокови со идентична големина, уредно наредени еден врз друг според одредена геометриска структура што не може да настане по природен пат. Што би заклучил археологот? Дали ќе помисли дека сето тоа настанало случајно? Најверојатно, не! Единствениот разумен заклучок би бил дека блоковите ги направиле и ги поставиле луѓе.
Ако сакаме да бидеме доследни, би требало да имаме ист пристап и кон доказите за создавањето што можат да се најдат во природата. Многу луѓе, меѓу кои има и угледни научници, покажале ваков став.
Слепа случајност или дело на мудар Творец?
Пред многу години, британскиот математичар, физичар и астроном сер Џејмс Џинс напишал дека, во светло на напредното научно спознание, „по сѐ изгледа дека вселената ја создал врвен математичар“ со способности и особини какви што можат да се видат и кај нас луѓето.
Откако Џинс ги запишал овие зборови, имало и други научници кои дошле до сличен заклучок. Физичарот Пол Дејвис напишал: „За многу современи астрономи, целокупната организираност во вселената е доказ дека таа била создадена“. Еден од најпознатите физичари и математичари на сите времиња, Алберт Ајнштајн, напишал: „Фактот дека [природата] може да се разбере е вистинско чудо“. За многумина, чудо е и тоа што можеме да го разбереме самиот живот — од неговите основни елементи до прекрасниот човечки мозок.
ДНК и човечкиот мозок
ДНК е генетскиот материјал на сите клеточни организми и претставува молекуларна основа за наследните закони.b Оваа сложена киселина е споредена со „градежен план“ бидејќи содржи податоци кодирани во хемиски облик и складирани во молекуларна средина која може да го протолкува кодот и да ги следи упатствата од него. Колку податоци содржи ДНК? Ако нејзините основни составни делови наречени нуклеотиди ги изразиме со буквите од азбуката, овие букви „би зафатиле повеќе од милион страници во една типична книга“, наведува еден извор.
Кај повеќето организми, молекулите на ДНК се густо спирално испреплетени во структури наречени хромозоми кои се безбедно заштитени во јадрото на секоја клетка. Во просек, едно јадро има дијаметар од околу 5 микрометри.c Замисли си — сите информации потребни за да настане твоето уникатно тело се спакувани на толку мал простор што е потребен микроскоп за да се видат! Еден научник со право рекол дека во живите организми се наоѓа „неоспорно најкомпактниот познат систем за складирање податоци“. Тоа не е мала работа ако се земе предвид колкава меморија имаат компјутерските чипови, дивидијата и сличните средства за меморирање податоци! Што е уште поважно, луѓето ни оддалеку не успеале да ги откријат сите тајни на ДНК. „Со секое следно откритие се открива и некоја нова сложеност“, стои во списанието New Scientist.d
Дали е разумно ваквата совршеност и ваквиот ред да ѝ ги припишеме на слепата случајност? Ако наидеш на некој многу стручен прирачник со милион страници напишан со сложен код, дали би заклучил дека настанал сам од себе? Што ако таа книга е толку мала што ти треба моќен микроскоп за да ја прочиташ? И што ако содржи прецизни упатства за производство на сложена машина која е способна самата да се поправа и да се умножува, а е составена од неколку милијарди делови кои мора да се состават во точно одредено време и на прецизен начин? Воопшто не би ни паднало на памет дека една таква книга настанала случајно.
Откако ги разгледал современите сознанија за функционирањето на клетката, британскиот филозоф Антони Флу, кој едно време бил голем атеист, рекол: „Речиси неверојатната сложеност на процесите потребни за да настане (живот) [покажува] дека зад сето тоа мора да стои интелигентна личност“. Принципот по кој се води овој филозоф е: „Следи го аргументот, каде и да те води“. Во неговиот случај, аргументите воделе до целосна промена на неговиот став — тој сега верува во Бог.
Научниците се одушевени и од човечкиот мозок. Овој орган, кој е производ на ДНК, е опишан како „најкомплицираното нешто во целата вселена“. Дури и најнапредните суперкомпјутери се ништо во споредба со оваа розово-сива маса тешка околу 1,5 килограм, која се состои од неврони и други делови. Според еден невролог, колку повеќе научниците учат за мозокот толку „повеличествен и понепознат им изгледа тој“.
Размисли: мозокот ни овозможува да дишеме, да се смееме, да плачеме, да решаваме загатки, да составиме компјутер, да возиме велосипед, да пишуваме поезија и да гледаме во ноќното небо исполнети со страхопочит. Дали е разумно — и доследно — да заклучиме дека овие способности се производ на случајни еволутивни процеси?
Верување што се темели на докази
Треба ли да очекуваме некоја пониска форма на живот, како што се мајмуните и другите животни да ни помогнат да се разбереме себеси, како што тврдат еволуционистите, или за тоа треба да му се обратиме на некој што е на повисоко ниво, односно на Бог? Се разбира, има работи што ни се заеднички со животните. На пример, и ние мораме да јадеме, да пиеме, да спиеме и имаме способност да се размножуваме. Сепак, ние сме посебни на многу начини. Здравиот разум нѐ наведува на заклучокот дека овие посебни карактеристики потекнуваат од Битие што е повозвишено од нас, имено од Бог. Библијата го изразува тоа кратко и јасно. Таа вели дека Бог ги создал луѓето „според својот лик“, во морална и во духовна смисла (1. Мојсеева 1:27). Зошто не одвоиш време да размислуваш за Божјите особини? Некои од нив се спомнати во 5. Мојсеева 32:4; Јаков 3:17, 18 и 1. Јованово 4:7, 8.
Нашиот Творец нѐ обдарил со „разум“ за да можеме да го истражуваме светот околу нас и да доаѓаме до задоволувачки одговори на прашањата што ни се наметнуваат (1. Јованово 5:20). Во врска со тоа, физичарот Вилијам Д. Филипс, добитник на Нобелова награда, го напишал следново: „Додека ги испитувам редот и убавината во вселената, како и можноста да ја разбереме, наведен сум на заклучокот дека некоја виша интелигенција го создала она што го гледам. Моето научно сфаќање за складноста и извонредната едноставност на физиката го засилува моето верување во Бог“.
Пред околу две илјади години, еден човек кој внимателно ја набљудувал природата напишал: „[Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20). Ова го напишал апостол Павле, високообразован интелектуалец кој темелно го познавал Мојсеевиот закон. Неговата вера, која се темелела на разумот, го уверувала во постоењето на Бог, а неговото префинето чувство за правда го поттикнало заслугата за сѐ што создал да му ја припише Нему.
Се надеваме дека и ти ќе сфатиш колку разумно е да се верува во Бог. Но, немој да се задоволиш со тоа само да веруваш во Бог. Следи го примерот на Павле и на милиони други луѓе денес кои веќе ја зајакнале својата увереност дека Јехова Бог е духовна личност со прекрасни особини — пожелни и привлечни за секого од нас (Псалм 83:18; Јован 6:44; Јаков 4:8).
[Фусноти]
a Види ја статијата „Дали еволуцијата е факт?“ во Разбудете се! од септември 2006.
b ДНК е скратеница за дезоксирибонуклеинска киселина.
c Микрометар е милионити дел од метарот.
d Кога ги формулирал своите идеи за еволуција, Чарлс Дарвин воопшто немал поим колку сложена е живата клетка.
[Рамка на страница 24]
ЗЛОСТОРСТВА ВО ИМЕ НА РЕЛИГИЈАТА — ДОКАЗ ДЕКА НЕМА БОГ?
Многу луѓе не веруваат во Творец поради случаите на злоупотреба и корупција кои ја оцрниле историјата на многу религии. Дали ова е разумно? Не. Во предговорот што го напишал за книгата на Ентони Флу со наслов Бог постои (There Is a God), Рој Ејбрахам Варгез вели: „Скандалите и ѕверствата од страна на организираната религија не го оспоруваат постоењето на Бог, како што ни нуклеарното наоружување не го оспорува фактот дека E=mc2“.e
[Фуснота]
e Енергијата е еднаква на масата помножена со брзината на светлината на квадрат.
[Слики на страница 23]
Ако древната архитектура им ја припишуваме на луѓе, кому ќе му ја припишеме „архитектурата“ во природата?
[Слика на страница 23]
Алберт Ајнштајн
[Слики на страници 24 и 25]
ДНК е како микроскопска книга со прецизни упатства за создавање интелигентни облици на живот
[Слики на страница 25]
Човечкиот мозок е опишан како „најкомплицираното нешто во целата вселена“
[Извор на слика на страница 22]
© The Print Collector/age fotostock