ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 11/11 стр. 4-6
  • Што велат доказите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што велат доказите
  • Разбудете се! 2011
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Можат ли сложени информации да се напишат сами?
  • Кој ја составил оваа „библиотека“?
  • Дали навистина се „бескорисни“?
  • Што прави „бескорисната“ ДНК
  • Од каде дошле упатствата?
    Пет важни прашања за потеклото на животот
  • Нашите клетки — жива библиотека!
    Разбудете се! 2015
  • Дел од ДНК — „отпад на еволуцијата“?
    Разбудете се! 2005
  • Тимска работа за живот
    Постои ли Творец кој се грижи за тебе?
Повеќе
Разбудете се! 2011
g 11/11 стр. 4-6

Што велат доказите

ЗАМИСЛИ дека си на далечен, пуст остров. Додека се шеташ по плажата, здогледуваш голем камен на кој се врежани зборовите „John 1800“. Дали затоа што се наоѓаш на пуст остров ќе претпоставиш дека натписот е резултат на ерозија предизвикана од ветрот и водата? Се разбира дека не! Логиката ти кажува дека некој го напишал. Зошто? Како прво, една низа од јасно испишани букви и броеви — дури и да се на странски јазик — не може да настане сама од себе. Како второ, натписот пренесува информации, што укажува дека зад него стои некаква интелигенција.

Во секојдневниот живот среќаваме информации во најразлични облици — на пример, Брајово писмо или буквите од азбуката, како и дијаграми, музички ноти, изговорени зборови, гестови, радиосигнали и компјутерски програми во кои се користи бинарниот код составен од нули и единици. Речиси сѐ може да послужи како медиум за пренесување информации — од светлосните и радиобрановите, па сѐ до хартијата и мастилото. Сеедно на кој начин се пренесени информациите, луѓето секогаш ги поврзуваат со интелигенција — освен кога се содржани во живата клетка. Според еволуционистите, тие информации едноставно се нашле таму, некако самите си се напишале. Но, дали е така? Да видиме што велат доказите.

Можат ли сложени информации да се напишат сами?

Во јадрото на речиси секоја жива клетка од твоето тело безбедно е зачувана неверојатна генетичка шифра наречена дезоксирибонуклеинска киселина, или скратено ДНК. Оваа шифра се пренесува преку двоверижна спирално извиткана молекула што личи на скала. Твојата ДНК е како рецепт, или програма, која дава упатства за создавањето, растот, одржувањето и репродукцијата на билионите клетки што го сочинуваат твоето тело. Основните составни делови на ДНК се викаат нуклеотиди. Тие се означуваат со буквите А, Ц, Г и Т, во зависност од базата што ја содржат.a Исто како со буквите од азбуката, и од овие четири ознаки може да се направат многу комбинации за да се состават „реченици“ — упатства што управуваат со удвојувањето и со другите процеси во клетката.

Севкупниот број информации складирани во ДНК се нарекуваат геном. Некои низи од букви во твојата ДНК се типични само за тебе, затоа што ДНК ги содржи информациите за твоите наследни карактеристики — бојата на твоите очи, бојата на твојата кожа, обликот на твојот нос, итн. Едноставно кажано, твојот геном може да се спореди со огромна библиотека во која има рецепти за секој дел од твоето тело, а крајниот резултат си ти.

Колку е голема оваа „библиотека“? Таа содржи околу три милијарди „букви“, односно нуклеотиди (бази). Според проектот „Човечки геном“, ако сите овие букви се стават на хартија, би се добила книга од 200 тома со голем формат, секој од по 1.000 страници.

Овие факти нѐ потсетуваат на една извонредна молитва запишана пред околу 3.000 години. Таа се наоѓа во Библијата, во Псалм 139:16, каде што читаме: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани“. Се разбира, писателот овде не зборувал за наука, но сепак на едноставен јазик изнел неверојатно точна мисла што покажува колкава мудрост и моќ има Бог. Колку голема разлика од другите древни религиозни записи кои се преполни со митологија и суеверие!

Кој ја составил оваа „библиотека“?

Ако логиката ни кажува дека зад натписот „John 1800“ врежан на камен мора да стои некаква интелигенција, зарем не треба да го заклучиме тоа и за сложените информации содржани во ДНК? На крајот на краиштата, информација си е информација, сеедно каде се наоѓа или како се пренесува. Доналд Џонсон, стручњак по информатичка технологија, вели дека хемиските и физичките закони не можат да создадат сложени информации или системи за обработка на тие информации. Логично е да заклучиме дека, колку посложени се информациите толку поголема интелигенција е потребна за да ги запише. Натписот „John 1800“ може да го напише и дете. Но, за шифрата на животот е потребна натчовечка интелигенција. Освен тоа, со секое ново откритие „сфаќаме дека животот е далеку посложен од она што сме мислеле“, стои во списанието Nature.

Да се каже дека сложената библиотека која ги содржи информациите од ДНК е резултат на случајни, неплански процеси се коси и со здравиот разум и со фактите.b Всушност, за тоа е потребна вера што ги надминува границите на разумното.

Сакајќи да го тргнат Бог од сликата, еволуционистите понекогаш доаѓале до заклучоци кои подоцна се покажале погрешни. На пример, да го разгледаме тврдењето дека околу 98 отсто од нашата ДНК се „бескорисни“ — дека во тој дел од библиотеката има рецепти испишани со милијарди бесмислени зборови.

Дали навистина се „бескорисни“?

Биолозите долго време сметале дека ДНК е рецепт за производство на протеини и ништо повеќе. Меѓутоа, со текот на времето, стана јасно дека само во околу 2 отсто од геномот има шифра за производство на протеини. За што служат останатите 98 отсто од ДНК? За овој мистериозен дел од ДНК „веднаш се претпостави дека е бескорисен остаток од еволуцијата“, објаснува Џон Матик, професор по молекуларна биологија на Универзитетот во Квинсленд (Бризбен, Австралија).

Научникот за кого се смета дека го вовел изразот „,бескорисна‘ ДНК“ е еволуционистот Сусуми Оно. Во својот научен труд „Премногу ‚бескорисна‘ ДНК во нашиот геном“, тој вели дека останатите низи на ДНК „се остатоци од неуспешните експерименти на природата. Почвата изобилува со фосилни остатоци од изумрени видови. Тогаш, зарем е чудно што и нашиот геном е полн со остатоци од изумрени гени?“

Како идејата за „бескорисна“ ДНК се одрази врз генетиката? Молекуларниот биолог Војчех Макаловски вели дека под влијание на оваа идеја „повеќето научници престанаа да ја проучуваат некодираната [бескорисна] ДНК“, со исклучок на мал број научници кои „беа спремни да се зафатат и со непопуларни научни истражувања, дури и по цена да бидат исмевани. Благодарение на нив, идејата за бескорисна ДНК... почна да се менува во почетокот на 1990-тите“. Тој понатаму вели дека она што порано се нарекуваше бескорисна ДНК, сега биолозите, општо земено, го сметаат за „геномско богатство“.

Според Матик, теоријата за бескорисна ДНК е класичен пример за научна традиција „која оневозможува објективна анализа на фактите“. „Пропустот да се увидат далекосежните последици од ова“, вели тој, „може да се смета за една од најголемите грешки во историјата на молекуларната биологија.“ Очигледно, во науката, вистината треба да се утврди на темел на доказите, а не според популарните мислења. Тогаш што откриваат најновите докази за улогата на „бескорисната“ ДНК?

Што прави „бескорисната“ ДНК

Во една фабрика за производство на автомобили има машини со кои се изработуваат деловите. Овие делови може да ги споредиме со протеините во една клетка. Во фабриката треба да има и машини и системи кои ги составуваат овие делови еден по еден, како и други машини кои го контролираат, односно го регулираат составувањето на деловите. Истото важи и за она што се случува во клетката. Според научниците, тука во игра влегува „бескорисната“ ДНК. Голем дел од неа го содржи рецептот за една група сложени молекули наречени регулаторна РНК (рибонуклеинска киселина), која игра важна улога во тоа како ќе се развива, како ќе созрева и како ќе функционира клетката.c „Самото постоење на овие регулаторни РНК молекули покажува колку малку знаеме дури и за најосновните работи“, вели математичкиот биолог Џошуа Плоткин за списанието Nature.

На една продуктивна фабрика ѝ требаат и ефикасни комуникациски системи. Истото важи и за клетката. Тони Посон, цитолог на Универзитетот во Торонто (Онтарио, Канада), објаснува: „Информациите стигнуваат до клетката преку мрежа на информации, а не преку едноставни посебни патишта“, што значи дека целиот процес е „неописливо посложен“ отколку што се мислеше. Како што рекол еден генетичар од Универзитетот Принстон, „многу од механизмите и принципите што управуваат со клеточните и меѓуклеточните процеси сѐ уште се мистерија“.

Со секое ново сознание за клетката станува уште поочигледно колкав ред и организација владеат во неа. Тогаш, зошто толку многу луѓе сѐ уште веруваат дека животот и најсофистицираниот информациски систем познат за човекот се производ на случајна еволуција?

[Фусноти]

a Секој нуклеотид содржи една од следниве четири бази: (А) аденин, (Ц) цитозин, (Г) гванин и (Т) тимин.

b Еволуцијата наводно се должи на мутации, кои накратко се објаснети во следната статија.

c Поновите истражувања покажуваат дека долгите некодирани РНК молекули се прилично сложени и дека, всушност, се неопходни за нормален развој. Истражувачите утврдија дека аномалиите во овие молекули се поврзани со многу болести, како што се различни видови рак, псоријаза, па дури и Алцхајмерова болест. Она што порано се нарекуваше „бескорисна“ ДНК можеби го крие решението за дијагностицирање и лекување на разни болести!

[Рамка на страница 5]

КОЛКУ Е ДОЛГА ТВОЈАТА ДНК?

Расплетена, ДНК молекулата во една клетка од твоето тело е долга 2 метри. Ако се издвојат ДНК молекулите од сите билиони клетки во твоето тело и се надоврзат една на друга, според некои проценки вкупната должина би била речиси 670 пати подолга од растојанието од Земјата до Сонцето и назад. За да се помине ова растојание со брзина на светлината, би биле потребни околу 185 часа.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели