Брза храна за инсекти
● Инсектите сакаат лесно достапна и калорична храна. А најсоодветното место на кое можат да ја најдат се цветовите. Слично како и рестораните за брза храна, цветовите ги привлекуваат своите „муштерии“, односно инсектите, со своите јаки бои. Бидејќи цветовите им се привлечни, инсектите слетуваат на нив, каде што се насладуваат со полен и си потпивнуваат вкусен нектар.
Ако ноќта била студена, следното утро инсектите се прилично тромави. За да можат повторно да летаат, на овие ладнокрвни суштества им е потребна сончевата енергија. Многу цветови им нудат на инсектите комплетна услуга — здрава храна и место за сончање. Да разгледаме еден пример од нашата околина.
Маргаритката е цвеќе што се среќава во поголемиот дел од Европа и Северна Америка. Иако на прв поглед можеби изгледа обично, ако подобро го разгледаш, ќе видиш дека не е така. Маргаритката е идеално место на кое инсектите можат да го почнат денот. Белите ливчиња на цветот ја рефлектираат сончевата топлина, а жолтото средиште е одлично место на кое инсектите можат да се одморат и да се стоплат.a
За да им ја направи посетата уште попријатна, средиштето на маргаритката изобилува со полен и нектар — омилена храна за многу инсекти. Зар би можел еден инсект да најде поубаво место каде што ем ќе појадува ем ќе се сонча?
Тоа објаснува зошто во текот на денот на маргаритките слетуваат најразлични инсекти. На нив може да се видат бумбари, шарени пеперутки, штурци, муви и други бубачки. Се разбира, ако не обрнеш внимание, никогаш нема да ги забележиш овие невообичаени „ресторани за брза храна“ во кои се насладуваат инсектите.
Затоа, следниот пат кога ќе бидеш во природа, погледни ги одблизу овие екосистеми кои не паѓаат веднаш в очи? Тоа најверојатно ќе те исполни со уште поголема благодарност и ценење за Творецот кој ги создал.
[Фуснота]
a Научниците откриле дека температурата на површината на некои цвеќиња е неколку степени повисока од околната.