Јадење што тешко се заборава
НЕКОЛКУ пријатели нѐ поканија мене и мојата сопруга на оброк во едно тивко место во Банги, главниот град на Централноафриканската Република.
„Влезете! Јадењето е готово!“ ни велат домаќините на вратата. Уште пред да влеземе, осетивме пријатен мирис на кромид, лук и зачини и можевме да го чуеме џагорот на нашите пријатели. Нашата домаќинка Ела ни раскажа нешто за оброкот што го имаше приготвено за нас.
„За многу луѓе во Централна Африка важен извор на протеини се инсектите“, вели Ела. „Но, ние не ги јадеме затоа што мораме, туку затоа што се многу вкусни.“ Таа додава: „Денес ќе јадеме гасеници маконго“.
Тоа не требаше да нѐ изненади. Иако помислата на чинија полна со инсекти не му е привлечна секому, во преку сто земји некои инсекти се сметаат за вистински деликатес.
Гозба во шумата
Во Централноафриканската Република се јадат разни видови инсекти. За време на дождовната сезона, термитите наречени бобо се слеваат кон термитниците или се собираат околу електричните светилки во градските средини. Откако ќе помине ноќната бура, децата истрчуваат надвор да ги собираат, полнејќи цели кошници — а во меѓувреме и самите си поткаснуваат од нив со сласт. Термитите се јадат исушени на сонце, пржени со сол и зачинети со лути пиперчиња, се варат во чорби или се додаваат во кнедли.
Зелените скакулци киндагозо доаѓаат во Централна Африка за време на сушната сезона. Луѓето од тие краишта ги пржат скакулците или ги варат откако ќе им ги отстранат нозете и крилјата.
Во Централноафриканската Република се јадат и некои видови гасеници. Бевме поканети да се насладуваме со ларвите од молецот Imbrasia. Еден голем кафеав молец ги полага јајцата во дрвјата Entandrophragma cylindricum. Откако ќе станат гасеници, селаните ги собираат и ги мијат. Потоа гасениците се варат на тивок оган со домати, кромид и други состојки по семејниот рецепт. Некои ги сушат или ги чадат за да не им се расипуваат. Така обично можат да стојат три месеци.
Безбедни и здрави за човекот
Иако сите инсекти не се за јадење, многу од нив е безбедно да се јадат ако се соберат од места што не биле изложени на пестициди и ѓубрива и ако исправно се зготват. Се разбира, оние што се алергични на ракови треба да ги избегнуваат зашто и овие инсекти се членконоги. За разлика од повеќето ракови кои се хранат со материи во распаѓање, најголем број од инсектите што се јадат се хранат само со чисти листови и растенија кои инаку не би можеле да се преработат во организмот на човекот.
Гасениците имаат висока хранлива вредност, иако можеби не изгледа така. Според Организацијата за храна и земјоделие при ОН, сувите гасеници имаат двојно повеќе протеини од говедското месо. Експертите за храна ги враќаат во мода инсектите како извор на хранливи материи во земјите во развој.
Во зависност од видот на гасеницата што се јаде, само 100 грама може да обезбедат голем дел од дневните потреби од важни минерали како што се калциумот, железото, магнезиумот, фосфорот, калиумот и цинкот, како и многу витамини. Освен тоа, од брашното од мелени гасеници се прави кашичка која им се дава на неисхранети деца.
Покрај хранливата вредност, ентомофагијата, односно јадењето инсекти, има и други позитивни страни. На пример, не е штетно за околината. Потребна е мала количина вода и речиси воопшто не се ослободуваат стакленички гасови. Освен тоа, собирањето инсекти за јадење е природен начин на контрола на штетниците.
Главно јадење
Додека го чекавме овој специјален оброк, се сетивме на сојузот на Законот што му бил даден на древниот Израел, според кој скакулците биле вброени меѓу чистите животни. Со нив се хранеле некои слуги на вистинскиот Бог, како што бил Јован Крстител (3. Мојсеева 11:22; Матеј 3:4; Марко 1:6). Сепак, можеби отпрвин ќе размислиме двапати дали да се послужиме со храна на која не сме навикнати.
Ела се врати од кујната и ни го привлече вниманието со едно предјадење кое сѐ уште испаруваше. Освен нас, кај Ела имаше уште осум гости од Централна Африка на кои на лицето им се разлеа насмевка кога здогледаа што носи в раце — два длабоки сада со гасеници. Како гости, ни беше укажана чест први да се послужиме и тоа великодушно.
Нашиот совет е: „Ако некогаш имаш чест да уживаш во таков евтин, вкусен и хранлив оброк, не пропуштај ја можноста! Тоа е оброк што нема никогаш да го заборавиш“.
[Слика на страница 27]
Незготвени „маконго“ гасеници
[Слика на страница 27]
Зготвени „киндагозо“ скакулци