Биди господар на своето време
„Сѐ си има свое време“ (Проповедник 3:1)
ЗА ДА имаш време за поважните работи, треба да знаеш кои се тие работи. Мора да ти биде јасно кои се твоите вредности и цели и што конкретно треба да направиш за да ги постигнеш.
Прво, јасно дефинирај ги своите вредности. Би можел да ги запишеш сите вредности што ќе ти дојдат на ум, како на пример, семејството, пријателите, трудољубивоста, образованието, успехот, добриот изглед, парите, среќата, бракот, љубезноста, физичкото здравје, религијата. Потоа запрашај се: ‚Која од нив ми е најважна?‘
Како следно, размисли кои сѐ цели би сакал да ги оствариш. Која е, всушност, разликата помеѓу вредностите и целите? Во овој контекст, би можело да се каже дека вредностите се трајни, додека целите се привремени затоа што, по некое време, може да се постигнат.
Какви цели би можел да си поставиш? Дали би сакал да поминуваш повеќе време со своето семејство? Да најдеш подобра работа? Да станеш повешт во твоето хоби? Да си најдеш ново хоби? Да развиеш одредена особина? Да земеш одмор? Да прочиташ некоја книга? Да напишеш книга?
Потоа одреди кои од овие цели ти се најважни. Тие треба да бидат во склад со твоите вредности. На пример, ако си поставиш цел да станеш милионер, а во исто време, му придаваш голема вредност на семејството, може да дојде до судир помеѓу твоите цели и вредности.
А сега, размисли што треба да направиш за да ја оствариш секоја од овие цели. На пример, ако имаш цел да се ослободиш од вишокот килограми, нешто што ќе ти помогне во тоа е вежбањето.
Како ќе ти помогне овој план
Ако твоите цели се во склад со твоите вредности и ако правиш нешто за да ги постигнеш тие цели, твојот живот ќе оди во една насока. Ќе посветуваш повеќе време на она што ти е важно. Се разбира, тоа не значи дека воопшто не треба да обрнуваш внимание на потребите и желбите на другите (Филипјаните 2:4). Напротив, тоа значи дека ќе можеш да ги препознаеш и да ги отфрлиш можностите што немаат ништо заедничко со она што е навистина вредно.
Факт е дека нема да биде лесно. Некои обврски можеби се релативно неважни, но сепак мора да се завршат. Тие можат да ти го земат поголемиот дел од денот и да ти остане сосема малку или воопшто да не ти преостане време за она што ти е најважно. Може да настанат итни ситуации. Промените што ги носи животот исто така можат да ти го изменат распоредот. Но, ако преземеш практични чекори за да добиеш повеќе време за она што е важно, ќе имаш поголема контрола над тоа како го трошиш времето и како го живееш животот.
[Рамка/слика на страница 6]
ДАЛИ НАВИСТИНА НИ ШТЕДАТ ВРЕМЕ?
Може да се каже дека електронските уреди на едни им штедат, а на други им трошат време. На пример, еден PDA уред може да има календар, именик, потсетник, текст процесор, бележник, камера и пристап на интернет со можност за праќање имејл. Таквиот уред може да ти заштеди време ако ги обновуваш информациите во него и ако го носиш со себе. Меѓутоа, лесно може да ти се случи да губиш време на него ако бесцелно пребаруваш и ги проучуваш сите функции, постојано го приспособуваш, купуваш непотребни додатоци или ако го користиш толку многу што повеќе немаш време за најблиските или за своите одговорности.
Предлог: Распрашај се пред да купиш. Ако е познато дека еден електронски уред често се расипува, ќе ти треба многу време за поправки. Освен тоа, една направа е добра исто колку и нејзиниот корисник. Затоа, ако имаш некаков електронски организатор, користи го за да ти штеди, а не за да ти одзема време.
[Слика на страници 4 и 5]
Можеш ли да одвоиш време за поважните работи?