Исечи и зачувај
20 начини да добиеш повеќе време
„Однесувајте се мудро... Откупувајте си време“ (Колошаните 4:5)
МОЖЕБИ веќе знаеш со што да го исполниш своето време, но проблемот сега е од оптимистична теорија да преминеш на пракса. Следниве предлози можат да ти бидат од помош.
1. ПРАВИ СИ ДНЕВЕН СПИСОК НА ОБВРСКИ. Подреди ги обврските по приоритет. Означи ги обврските на кои вреди да посветиш повеќе време. Штиклирај ги откако ќе ги завршиш. Незавршените задачи префрли ги во списокот за следниот ден.
2. УСОГЛАСУВАЈ ГИ КАЛЕНДАРИТЕ. Не ризикувај да пропуштиш закажан состанок само затоа што не си го препишал во другиот календар. Ако имаш еден календар во компјутерот, а друг во некој пренослив уред, потруди се и двата да ги содржат истите информации.
3. НАПРАВИ СИ ПЛАН кој ќе ги содржи сите чекори потребни за одреден проект, а чекорите подреди ги по исправниот редослед.
4. КАКО ГЕНЕРАЛНО ПРАВИЛО: НАЈБИТНИТЕ РАБОТИ СТАВИ ГИ ПРВИ НА СПИСОКОТ. Така ќе ти биде полесно да најдеш време за помалку важните работи.
5. ПОСТАВИ СИ РЕАЛИСТИЧНИ ЦЕЛИ. Пореалистично е да станеш повешт во извесна работа, отколку да станеш директор на фирмата.
6. ПРИФАТИ ГО ФАКТОТ ДЕКА НЕМА ВРЕМЕ ЗА СЀ. Дај им приоритет на целите што ќе дадат најпожелни резултати. А што е со другите обврски кои се итни или кои едноставно мора да ги завршиш? Ако не можеш да се ослободиш од нив или да замолиш некој друг да ги заврши, размисли дали може за нив да потрошиш помалку време. Ако е потребно, некои неважни работи можат да чекаат со месеци или воопшто не мора да се завршат. Посвети колку што е можно повеќе време на активностите поврзани со твоите вредности и цели.
7. ЗАБЕЛЕЖУВАЈ НА ШТО ГО ТРОШИШ ВРЕМЕТО. За да дознаеш каде ти оди времето, води евиденција во текот на една до две седмици. Дали губиш многу време на неважни работи? Дали најчесто те прекинуваат истите лица? Дали најчесто те прекинуваат во одреден дел од денот или седмицата? Не прави нешто што само напразно ти го троши времето.
8. ПЛАНИРАЈ ПОМАЛКУ АКТИВНОСТИ. Ако планираш во текот на еден ден да пазаруваш, да ја поправиш колата, да имаш гости, да гледаш филм и да прочиташ нешто, постојано ќе брзаш и, најверојатно, нема да уживаш во ништо.
9. СВЕДИ ГИ ПРЕЧКИТЕ НА МИНИМУМ. Резервирај дел од денот кога нема да дозволуваш ништо да те прекинува, освен ако е итно. Доколку е можно, исклучи го телефонот во овој период. Исто така, исклучи ги звучните сигнали за примена порака ако те деконцентрираат.
10. НАЈТЕШКИТЕ ОБВРСКИ ПЛАНИРАЈ ДА ГИ ЗАВРШИШ КОГА СИ НАЈСВЕЖ И ИМАШ НАЈМНОГУ СИЛА.
11. ЗАДАЧАТА ШТО ТИ Е НАЈОДБИВНА ЗАВРШИ ЈА НАЈБРЗО ШТО МОЖЕШ. Штом ќе ја завршиш, ќе имаш повеќе сила за другите задачи.
12. ОСТАВИ ПРОСТОР ЗА НЕПЛАНИРАНОТО. Ако ти се чини дека ќе можеш да стигнеш некаде за 15 минути, кажи дека ќе дојдеш за 25. Ако мислиш дека некоја работа ќе ти одземе еден час, дај си час и 20 минути. Остави си дел од денот кога не ти се планирани никакви обврски.
13. КОРИСТИ ГО ВРЕМЕТО ПОМЕЃУ ДВЕ ЗАДОЛЖЕНИЈА. Слушај вести или снимка додека се бричиш. Читај додека чекаш автобус или додека се возиш со него. Се разбира, ова време би можел да го користиш и за да здивнеш малку. Но, немој бесцелно да го губиш и потоа да жалиш зошто не си го искористил попаметно.
14. ДРЖИ СЕ ЗА ПРАВИЛОТО 80/20.a Дали во просек од 10 обврски на твојот список, 2 ти се најважни? Можно ли е некоја задача да биде речиси завршена откако си ѝ посветил внимание во најважните аспекти?
15. КОГА ИМАШ ЧУВСТВО ДЕКА СИ ПРЕОПТОВАРЕН, напиши си ја секоја задача на одделна картичка, а потоа подели ги картичките на две групи — „Денес“ и „Утре“. Истото направи го и следниот ден.
16. РЕДОВНО „ПОЛНИ СИ ГИ БАТЕРИИТЕ“. Може да биде многу попродуктивно да се вратиш на работа психички и физички освежен, отколку да работиш прекувремено.
17. ВОДИ СИ БЕЛЕШКИ. Запиши во што се состои некој проблем, опиши зошто те вознемирува и наведи ги сите можни решенија што ќе ти паднат на ум.
18. НЕ БИДИ ПЕРФЕКЦИОНИСТ. Процени кога ќе треба да престанеш со една и да продолжиш друга работа.
19. РАБОТИ КАКО ПРОФЕСИОНАЛЕЦ. Не чекај да сработиш нешто кога ќе бидеш расположен. Почни со работа веднаш.
20. БИДИ ФЛЕКСИБИЛЕН. Ова беа само предлози, а не крути правила. Испробај ги, види кои функционираат за тебе и примени ги во склад со твоите околности и потреби.
[Фуснота]
a Ова правило се заснова на идејата на италијанскиот економист од 19 век Вилфредо Парето и е познато како „Парето оптимум“. Тој забележал дека 80 отсто од резултатите се постигнуваат со околу 20 отсто напор. Ова правило се применува на многу работи. Еве еден едноставен пример: кога се чисти тепих со правосмукалка, околу 80 отсто од прашината може да се исмука од 20 отсто од тепихот, а тоа е делот што најчесто се гази.