Поглед во светот
„Се проценува дека во 2008 год. за воени расходи низ целиот свет биле потрошени речиси 995 милијарди евра. Ова претставува пораст... од 45 отсто во однос на 1999 год.“ (СТОКХОЛМСКИ МЕЃУНАРОДЕН ИНСТИТУТ ЗА МИРОВНИ ИСТРАЖУВАЊА, ШВЕДСКА).
„Според Гугл, по неколку милијарди веб-страници се додаваат секојдневно [на интернет]“ (NEW SCIENTIST, БРИТАНИЈА).
„Се предвидува дека во 2009 год. гладот ќе достигне невидени размери во историјата. Имено, секој ден ќе гладуваат една милијарда и дваесет милиони лица“ (ОРГАНИЗАЦИЈА ЗА ХРАНА И ЗЕМЈОДЕЛИЕ ПРИ ОН, ИТАЛИЈА).
Првата клонирана камила
Од 1996 год., кога научниците за првпат клонираа овца, со истата техника беа добиени и други цицачи, меѓу кои и крави, кози и коњи. Сега стручњаците од Центарот за ветеринарни истражувања во Дубаи за првпат клонираа камила. Клонираната женка се вика Инџаз, што на арапски значи „успех“. „Клонирањето животни... повеќе не е во експериментална фаза“, пишува весникот The National од Абу Даби. „Во иднина оваа програма ќе ги испитува можностите преку клонирање да се зачуваат гените на камилите кои се добри за трки и даваат многу млеко.“
Судир на сателити
„Низ годините, ‚сообраќајот‘ во орбиталните патеки над Земјата стануваше сѐ погуст, но дури во февруари [2009 год.] дојде до првиот поголем судир на два сателита“, известува списанието Science News. На околу 800 километри над Сибир, се судрија американски функционален сателит за телекомуникации и расипан руски воен сателит. Несреќата остави зад себе облак од околу 700 поголеми остатоци. Колку повеќе отпад има во орбитата, толку поголема е можноста од нова несреќа. Центрите за вселенски операции моментално ги набљудуваат орбитите на околу 18.000 парчиња вселенски отпад, кои се поголеми од 10 сантиметри. Сепак, судир со каков и да било предмет поголем од зрно грашок кој кружи во орбитата со огромна брзина би можел да биде катастрофален за сателитите, па дури и за вселенските бродови со екипаж.
Уреди за онеспособување на автомобилите
„Малку луѓе задоцнуваат со исплатата на својата сметка за мобилен бидејќи знаат дека, во спротивно, телефонот ќе им биде исклучен од операторот“, известува The Wall Street Journal. Истиот принцип сега се применува и кај автомобилите. „Дилерите на половни автомобили вградуваат далечински уреди кои го онеспособуваат системот за палење на возилото доколку купувачот заостане со исплатата“, вели весникот. Овие уреди, кои се поврзани со системот за палење на автомобилот, спаѓаат во условите за исплаќање на возилата од страна на потрошувачите кои не се кредитоспособни, и можат да бидат отстранети откако тоа ќе биде исплатено. Меѓутоа, како што вели истиот весник, тие ретко мораат да се активираат. Трепкањето на сијаличките и звучните сигнали од овие уреди се доволни за „купувачите навреме да ги плаќаат ратите“.