Зошто се откажав од успешна кариера
Раскажала Марта Тереса Маркез
ОТСЕКОГАШ сум сакала да пеам. Уште како дете пеев на радио. На училиште одев само кратко време, но подоцна одев на часови по соло пеење во градот Мексико кај директорот на државниот симфониски оркестар.
Во 1969 год., кога имав 24 години, една пријателка која беше танчерка ме покани на аудиција во тогаш луксузниот ресторан „Ла Рампа Асул“. Ја отпеав познатата песна Кукурукуку палома од мексиканскиот композитор Томас Мендез и на публиката ѝ се допадна мојот настап. Оттогаш започна мојата професионална кариера. Настапував како вокален солист под името Ромелија Ромел.
Соработував со Томас Мендез, како и со други талентирани мексикански пејачи и композитори на поп-музика, меѓу кои и Куко Санчез и Хуан Габриел. Беше возбудливо да го видам моето име испишано на реклами, во весници и во списанија. Пеев во ноќни клубови, на радио и правев турнеи низ Мексико и Белизе. Соработував и со популарната мексиканска комедијантка Леонрилда Очоа кратко откако се појави нејзината телевизиска емисија во Мексико.
Со текот на времето, стекнав одредена слава и добро заработував. Можев да си дозволам скапоцени камења, капути од визон и луксузен апартман. Изгледаше како да имам сѐ, но бев несреќна. Се чувствував празно. Иако бев родена како католик, се срамев да одам в црква. Себеси се сметав за голема грешница бидејќи живеев неморално.
Како го засакав Јехова
На пробата за снимање на мојата прва плоча, ѝ се доверив на една пријателка по име Лорена Вонг, која беше ранче́ра пејачка. Ѝ кажав дека би сакала да сум калуѓерка и да им помагам на сиромашните. „Калуѓерка? Ти не си со сите!“ извика таа.
Потоа ме праша: „Го знаеш ли Божјето име?“
„Господ Исус Христос“, одговорив јас.
„Не, неговото име е Јехова“, ми рече. „Исус е негов Син.“
„Јехова?“ зачудено прашав. Ова име ми беше сосема непознато. Лорена ми даде Библија и ми вети дека ќе ми го прати нејзиниот учител, кој беше Јеховин сведок.a
Секојпат кога ќе ја видев Лорена ја прашував: „Кога ќе ми го пратиш твојот учител?“ Бев духовно гладна.
Во меѓувреме, почнав сама да ја читам Библијата и видов дека Божјето име навистина е Јехова (Псалм 83:18). Бев изненадена. Наидов и на Десетте заповеди и многу ме погоди кога дознав дека една од нив гласи: „Не врши прељуба!“ (2. Мојсеева 20:14). Во тоа време, живеев со оженет човек кој беше татко на мојот 8-месечен син. Тоа ми беше второ дете. Првото имаше друг татко, со кој исто така живеев вонбрачно.
Еден ден, додека ја вежбав песната за едно ново шоу, некој чукна на вратата од мојот луксузен стан. Тоа беа учителот на Лорена, Маурисио Линарес и неговата сопруга. Тие ми покажаа која е Божјата намера со човештвото и ми ја оставија книгата Вистина која води до вечен живот.b Ја прочитав за само една вечер иако се мачев со потешките зборови. Оттогаш го засакав Јехова.
Голема промена во мојот живот
Додека Сведоците ми помагаа да ја проучувам Библијата и да се подобрувам во читањето, сфатив дека морам да направам промени за да живеам како што бара Јехова. Постепено ги отстранував моите религиозни предмети, моите медали и амајлии, иако беа од злато.
Посебно тешко ми беше да се откажам од пушењето и прекумерното пиење. Кога поминував покрај продавница за алкохолни пијалаци дословно подголтнував од што ми се пиеше. Морав да ги прекинам контактите со сите мои пријатели бидејќи ми нудеа алкохол и ме канеа во ексклузивни ресторани. Знаев дека тоа ќе ме врати на старата навика.
Исто така, ми беше тешко да престанам да одам на забави кај богати и славни. Кога ме поканија на роденденската забава на еден познат боксер од Куба, се помолив: „Јехова, ова ќе ми биде последен пат да одам на таква прослава и да правам нешто што не сакаш“. И навистина, го исполнив моето ветување.
Ја раскинав врската со таткото на мојот втор син, иако беше богат и ми ветуваше многу работи ако не го оставам. Ми беше многу тешко да постапам така бидејќи го сакав, а тој беше свесен за тоа. Арогантно тврдеше: „Јас сум твој Бог! Јас сум твој Христос!“
„Можеби беше“, му одговорив, „но сега Јехова е мој Бог“. Ми се закани дека ќе ми го одземе нашиот син и дека физички ќе ме повреди.
Во тоа време, некои ми велеа дека пеењето е кариера како и секоја друга — дека можам да бидам и Сведок и пејачка. Но, други ме потсетуваа: „Невозможно е да се изолираш од пушењето, пиењето и неморалните понуди на твоите обожаватели“. Увидов дека ова предупредување е на место.
Кога бев популарна пејачка, некои ми нудеа големи пари во замена за неморални услуги. Бев одлучна повеќе да не се изложувам на такви искушенија. Затоа, во 1975 год. го поништив договорот за турнеја во Кина и, шест месеци подоцна, се крстив како Јеховин сведок.
Тешкотии и радости
Како да го издржувам семејството и себеси? Немав речиси никакво образование и не знаев да работам ништо друго освен да пеам. Мојата постара сестра, Ирма, нејзините три деца и моите две синчиња зависеа од мене. Моравме да се преселиме од мојот луксузен стан во две мали соби. Оваа драстична промена од живот на висока нога на скромен живот ми беше многу тешка. Извесно време, сестра ми и децата ме критикуваа и ми вршеа притисок да продолжам со пеењето, но останав решена да сторам сѐ што е потребно за да му служам на Јехова.
Почнав да ги продавам скапоцените предмети — накитот, крзното, автомобилот — и некое време живеевме од овие пари. Но, полека потрошивме сѐ. За да не ме вознемирува таткото на мојот втор син, во 1981 год. се преселивме во еден град на другата страна од земјата, каде што не можеше да нѐ најде.
Во ова место Сведоците ме научија да правам тамале (мексиканска сарма), крофни и други јадења за продавање. Подоцна, најдов работа во една фабрика и работев во ноќна смена. Но, оваа работа влијаеше врз моето присуство на состаноците и врз службата за Бог. Затоа, по извесно време ја напуштив и почнав дома да правам тамале, а потоа го носев во кошница и го продавав на улица. На тој начин сѐ уште се издржувам во полновремената служба.
Избор за кој никогаш не зажалив
Кога луѓето ќе ме прашаат што мислам за мојата одлука да напуштам една успешна кариера како пејачка, им велам дека тоа што го познавам Јехова и можам да ја разберам неговата намера не би го менувала за ништо на светов. Ми беше вистинска радост што можев да видам како моите синови напредуваат во своето познавање на Библијата, како му го посветија својот живот на Јехова и се оженија со совернички. Заедно со сопругите, тие се трудат да им помогнат на своите деца да му служат на Јехова Бог.
Проповедам полновремено, или, како што велат Јеховините сведоци, служам како пионер речиси три децении. Со Божја помош можев да им помогнам на многу луѓе, меѓу кои и на Ирма и нејзината ќерка, да ги дознаат библиските вистини и да му го заветуваат својот живот на Бог. Многу сум радосна кога ќе ги сретнам овие мои духовни „деца“ и ќе видам дека сѐ уште живеат во склад со вистината, а некои од нив служат и како пионери (3. Јованово 4). Денес, на 64-годишна возраст, проучувам со 18 лица.
Духовната празнина што ја чувствував како пејачка е исполнета, а мојата желба да им помагам на другите ја задоволив следејќи ја Исусовата заповед ‚да одам и да правам ученици‘ (Матеј 28:19, 20). Бескрајно сум му благодарна на Јехова што ме поддржуваше сиве овие години и што продолжува да го прави тоа и понатаму! Навистина можам да кажам дека ‚вкусив и видов колку е добар‘ (Псалм 34:8).
[Фусноти]
a Лорена Вонг подоцна стана Јеховин сведок.
b Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.
[Слика на страница 25]
Со моите синови, нивните сопруги и мојата постара сестра со која сѐ уште служиме како пионерки
[Слика на страница 26]
За да се издржувам во полновремената служба, и понатаму правам и продавам тамале на улица