Суд во Шпанија го потврдува старателството на една мајка
● Како би се чувствувал кога некој би тврдел дека си неспособен родител, дека си ги направил своите деца асоцијални личности неспособни да разликуваат исправно од погрешно и дека го попречуваш нивниот интелектуален развој?
Роза Лопез од Шпанија, која има две ќерки, се соочила со такви обвиненија кога нејзиниот поранешен сопруг покренал правна постапка за да добие старателство над децата. Тој тврдел дека верските убедувања на Роза, која е Јеховин сведок, влијаеле негативно врз способноста на нивните ќерки да се социјализираат и да донесуваат морално исправни одлуки, како и врз нивниот успех на училиште. Откако еден Основен суд ги отфрлил неговите тврдења, поранешниот маж на Роза се обратил до Апелациониот суд.
При донесување одлука за старателство, судскиот претрес треба да биде непристрасен. Не треба да води верски дебати и со тоа, на некој начин, да суди за исправноста на нечии верски убедувања. Наместо тоа, едноставно би требало да ги разгледа следниве прашањата: Што е најдобро за детето? Дали родителот кој моментално има улога на старател врши некакво негативно влијание? Кој од двајцата родители би можел најдобро да се грижи за детето?
За да стекне ваков увид во случајот на Роза, судот одредил со децата и со родителите да разговара психолог. Каков бил исходот? Психологот заклучил дека децата, кои шест години биле под старателство на мајката, добро напредувале на секое поле — и на училиште, и во односите со другите луѓе и во рамките на семејството. Откако ги разгледал наодот од психологот и исказите на родителите, судијата не нашол докази дека „малолетничките потпаднале под какво и да било негативно влијание што би се одразило лошо врз нивниот емоционален и социокултурен развој затоа што се поврзани со верската заедница на Јеховините сведоци“. Во судската одлука понатаму стоело дека тврдењата на поранешниот сопруг на Роза се „потполно субјективни и неосновани“.
Под влијание на верски предрасуди или дезинформации, некои мислат дека децата на Јеховините сведоци не се воспитувани „нормално“. Тоа воопшто не е случај. Напротив, родителите што ги воспитуваат своите деца во склад со библиските начела им помагаат да станат урамнотежени, сочувствителни и сестрани личности (Ефешаните 6:4; 2. Тимотеј 3:15-17).
[Слика на страница 14]
Роза Лопез го задржа старателството на своите две ќерки