Поглед во светот
„Зачудува тоа што, од година во година, Библијата е најпродаваната книга во САД, иако 90 отсто од домаќинствата веќе имаат најмалку по еден примерок... Се проценува дека секоја година [се] продаваат околу 25 милиони примероци“ (THE WALL STREET JOURNAL, САД).
„Низ целиот свет, годишно се каснати од змија околу 4,5 милиони лица. Според некои умерени проценки, од змиско каснување умираат најмалку 100.000 лица, а други 250.000 се здобиваат со некаков доживотен хендикеп“ (УНИВЕРЗИТЕТ ВО МЕЛБУРН, АВСТРАЛИЈА).
„Во 2008 год., беа испраќани [околу] 210 милијарди електронски пораки секој ден“ (NEW SCIENTIST, БРИТАНИЈА).
Сообраќајната бучава му штети на памтењето
„На луѓето што живеат во близина на автопат, железничка пруга или аеродром им е потешко да се сетат на некоја постара информација или да научат нешто ново дури и ако можат да спијат покрај бучавата.“ Ова го изјави Ајсбранд ван дер Верф од Холандскиот институт за невронаука. Способноста за памтење и учење се намалува кога не сме доволно наспани, но истото е случај и ако сме изложени на „благи нарушувања на цврстиот сон кои не нѐ... будат сосема“, вели холандскиот весник de Volkskrant. За да функционира исправно, на хипокампусот, регија во мозокот која игра важна улога во памтењето, му е потребен длабок сон, без „надворешни пречки, како што се бучавата и светлината“.
Огнометот и проблемите со дишењето
Иако огнометот изгледа спектакуларно, честичките што се исфрлаат во атмосферата можат да бидат штетни по здравјето. За да се добие сјај во различни бои, многу ракети за огномет содржат метали — на пример, стронциум за црвена и бариум за зелена боја. Австриските истражувачи кои извршиле испитувања на снегот пред и по новогодишниот огномет, дошле до заклучок дека нивото на бариум во снегот се зголемило за 500 пати. Бидејќи труењето со бариум предизвикува стеснување на дишните патишта, истражувачите велат дека вдишувањето на чадот од огнометот може да ги влоши проблемите со дишењето, како што е астмата.
Ветерниците убиваат лилјаци
Списанието Scientific American известува дека, во Алберта (Канада), под ветерниците честопати има мртви лилјаци. Ова ги збуни истражувачите бидејќи лилјаците имаат прецизен сонарен систем и извонредна способност за летање. Меѓутоа, тие открија внатрешно крвавење кај 92 отсто од испитаните жртви, што доведе до заклучок дека нежните органи за дишење кај лилјаците не можат да се справат со ненадејното снижување на воздушниот притисок што го создаваат перките на турбините. Краевите на овие перки можат да достигнат брзина до 200 километри на час. Најзагрозени се лилјаците-преселници кои се хранат со инсекти, а се стравува дека ова може да предизвика нерамнотежа во екосистемите.