„Највеличествената жива летачка машина“
АЛБАТРОСОТ е наречен „највеличествената жива летачка машина на светот“, и тоа со добра причина. Оваа најголема морска птица, со распон на крилјата од 3 метри, може да достигне брзина од над 115 километри на час! Албатросот можеби изгледа несмасно на копно, но кога ќе се вивне кон небото, глетката е величествена.
Од околу 20-те досега познати видови албатроси, 15 можат да се најдат на брегот на океаните околу Нов Зеланд. Едно од ретките места во јужната хемисфера каде што се размножуваат албатроси е Таиароа Хед, а се наоѓа на крајот од полуостровот Отаго, на новозеландскиот Јужен Остров.
Овде, албатросите од видот Diomedea epomophora се размножуваат од периодот меѓу шестата и десеттата година па до крајот на животот, кој може да биде прилично долг. Се знае дека некои од овие птици живееле и повеќе од половина век! Албатросите несат по едно јајце секоја втора година, а годината кога не несат ја поминуваат на море. Обично имаат по еден доживотен партнер.
Во правењето на гнездото, кое почнува некаде во септември, учествуваат и мажјакот и женката. Потоа, во ноември, женката го несе јајцето кое може да тежи и до половина килограм. Во период од околу 80 дена, родителите наизменично лежат на него додека не се испили некаде во почетокот на февруари. Потоа родителите го чуваат младенчето на смени и го хранат така што во неговиот клун повраќаат каша од риби и лигњи. Кога ќе наполни шест месеци, тоа може да тежи и до 12 килограми, што е многу повеќе и од еден возрасен албатрос!
По речиси една година, родителите си заминуваат од Таиароа Хед. Тие минуваат една година на отворено море, а потоа се враќаат и го повторуваат целиот процес на размножување. Во меѓувреме, нивното ослабено младенче, кое веќе има потполно оформени перја, по пат на обиди и грешки учи како да ги шири крилјата и да полетува користејќи го ветрот. Кое е неговото одредиште? Морската шир, која ќе биде негов дом во следните неколку години. Кога ќе достигнат полова зрелост, албатросите се враќаат на Таиароа Хед. Таму, додека повозрасните птици прават гнезда и се размножуваат, младите албатроси го минуваат времето во поштење на перјето, во играње и во покажување на своите извонредни летачки способности.
[Рамка на страница 25]
ВО ПОСЕТА НА КОЛОНИЈА АЛБАТРОСИ
Уште од мал слушав со воодушевување кога другите раскажуваа за албатросите. Затоа, едвај чекав да ја посетам колонијата албатроси од видот Diomedea epomophora. Бидејќи дуваше ветер, додека наближувавме до нашето одредиште, не го одвојувавме погледот од небото, желни да здогледаме некој албатрос во лет. И, не бевме разочарани. Не можевме да се изначудиме на мајсторските вештини на овие врвни „пилоти“!
Кога пристигнавме, заедно со другите посетители тргнавме на едночасовна обиколка во придружба на водич. Од макетите, изложбите и видеоснимките, дознавме дека овој вид албатроси би можеле да живеат само на море, дури и да спијат на површината на водата! Сеедно дали се на вода или во воздух, овие извонредни птици се вистинско чудо. Тие се уште една причина да го славиме оној што ‚создал сѐ, Јехова Бог! (Откровение 4:11).
[Слика на страница 24]
Двајцата родители го чуваат на смени и го хранат младенчето, кое со само шест месеци може да тежи и до 12 килограми
[Слика на страници 24 и 25]
Таиароа Хед, дом на албатросите од видот Diomedea epomophora
[Слика на страница 24]
Овој вид албатроси можат да живеат само на море, па дури и да спијат на површината од водата
[Извори на слики на страница 23]
Горе: © David Wall/Alamy; долу: © Kim Westerskov/Alamy
[Извори на слики на страница 25]
Заднина: © davidwallphoto.com; страница 24, горе: Tui De Roy/Roving Tortoise Photos; страница 24, долу: Со љубезна дозвола на Diarmuid Toman; страница 25, албатрос во лет: © Naturfoto-Online/Wolfgang Bittmann