Случајно или создадено?
Окото на молецот
● Повеќето молци летаат главно ноќе. За разлика од некои други ноќни суштества кои го откриваат своето присуство кога зрак светлина ќе предизвика очите да им светнат, молецот знае да се прикрие благодарение на својата рожница која многу помалку ја одбива светлината.
Размисли: Окото на молецот има рожница составена од микроскопски испапчувања кои се прецизно подредени во шестоаголни форми. Овие испапчувања „се помали од брановата должина на видливата светлина“, вели Пенг Џианг, доцент по хемиско инженерство на Универзитетот во Флорида (САД). Распоредот и големината на овие форми овозможуваат окото на молецот да ја впива светлината од неколку бранови должини и агли. Малите испапчувања се високи само 200 до 300 нанометри. За да имаме подобра претстава колку е тоа, едно просечно човечко влакно е дебело 80.000 нанометри.
Инженерите се надеваат дека подлабокото разбирање на рожницата на молецот ќе им помогне да го подобрат дизајнот на електролуминисцентните диоди (LED) и на екраните од течен кристал (LCD) кои се користат во електронските уреди. Моделот на окото на молецот може да најде примена и во искористувањето на соларната енергија. Силиконските соларни плочи рефлектираат 35 отсто од светлината, што е прилично голема загуба на енергија. Меѓутоа, по примерот на прецизно подредените испапчувања на окото на молецот, Џианг и неговите соработници изработиле силиконска плоча што рефлектира помалку од 3 отсто светлина. Џианг го изнесе следниов заклучок: „Можеме многу да научиме од овие природни структури“.
Што мислиш? Дали оваа ситна антирефлексивна структура на окото на молецот настанала случајно или е дело на мудар Творец?
[Слика на страница 30]
Окото на молецот има рожница составена од микроскопски испапчувања кои се прецизно подредени во шестоаголни форми
[Слики на страница 30]
Силиконска плоча со антирефлексивна површина која се користи во сончевите колектори
[Извори на слики на страница 30]
Око на молец (гро-план): Со љубезна дозвола на Dartmouth Electron Microscope Facility; силиконска плоча (гро-план): со љубезна дозвола на Пенг Џианг