Запознај се со народот Батак
Коментирајќи за својата посета на индонезискиот остров Суматра, италијанскиот морепловец од 13 век, Марко Поло, спомнал извесни „ридски луѓе“ кои, како што рекол, „живеат... како ѕверови... и се хранат со човечко месо“. Се смета дека тоа бил народот Батак. Меѓутоа, јас и жена ми имаме сосема поинакво мислење за нив. Запознај ги овие луѓе со кои се зближивме и кои многу ги засакавме.
„ХОРАС!“ Со овој срдечен поздрав, нашите нови пријатели од народот Батак ни изразија добредојде во Северна Суматра во близина на езерото Тоба, каде што дојдовме да служиме како мисионери. Тоба, едно од највеличествените природни знаменитости на Суматра е најголемото вулканско езеро во светот и е неразделно поврзано со животот на народот Батак. (Види ја рамката подолу.)
Овој народ е еден од најголемите домородни народи во Индонезија. Се проценува дека го сочинуваат околу осум милиони припадници поделени на шест независни, но многу сродни етнички групи — Тоба, Сималунгун, Каро, Даири, Ангкола и Мандајлинг. Секоја етничка група е составена од големи семејни кланови. Обично, кога ќе се сретнат, прво што се прашуваат е: „Од кој клан си?“ За кратко време сфаќаат дека, всушност, се блиски роднини.
Правила за брак
Повеќето традиционални свадби на народот Батак обединуваат не само двајца поединци туку и два клана. За идеални партнери се сметаат првите братучеди од страната на мајката. Воопшто не се одобрува брак со прв братучед или прва братучетка од страна на таткото. Традиционалните венчавки го следат следново правило: мажите од клан А си земаат жени од клан Б, мажите од клан Б си земаат жени од клан В, а мажите од клан В си земаат жени од клан А. Ваквите „кружни“ сојузи во голема мера ги зацврстуваат роднинските врски меѓу припадниците на народот Батак, и така младоженците добиваат многу нови роднини.
Дури и ако брачните партнери се законски венчани и имаат деца, нивните кланови не им ја признаваат врската додека не направат традиционална свадба. На ваквите раскошни церемонии, кои можат да траат и со часови, се собираат стотици роднини.
На пример, на свадбите на племето Каро, семејството на младоженецот му плаќа цена за невестата на нејзиното семејство, кое внимателно ги брои парите. Дури тогаш свадбата може да продолжи. Членовите на кланот држат долги говори за брачниот живот кои младоженецот и невестата ги слушаат со почит. И, се разбира, веселбата не би била веселба ако нема гозба и играње.
Земјоделски рај
На времето, многу семејства од народот Батак живееле во големи заеднички куќи. Овие куќи имаат карактеристични покриви со два зашилени врва кои личат на биволски рогови. Некои од овие украсени градби, кои се прават од дрво, бамбус и влакна од шеќерна палма, се граделе на колци, а некои биле доволно големи за да соберат 12 семејства. Не се користеле клинци. Многу градби се стари и по 300 години, и во нив сѐ уште се живее. Под издигнатиот под на куќите живеат домашните животни — кравите, кокошките, кучињата, свињите и биволите.
Локалното стопанство се заснова главно на земјоделство, риболов, сточарство и туризам. Големиот природен амфитеатар околу езерото Тоба е идеален за одгледување на земјоделски култури. Високо над езерото се зеленеат терасестите оризови полиња. Во богатата црна вулканска почва многу добро успеваат зеленчукот, кафето, овошјето и зачинските билки. Седејќи во своите дрвени кануа, рибарите го собираат богатиот улов од студените и бистри води на езерото.
Во приквечерината, додека децата весело се плискаат и пливаат во езерото, мажите се собираат во кафеаните, а низ студениот вечерен воздух одекнува музика. Во околината, народот Батак е прочуен по своето гласно и емотивно пеење. Задоволство им е и да танцуваат, а тоа го прават со грациозни движења на рацете, при што мажите и жените играат посебно.
Озлогласено минато
Од времето на Марко Поло па сѐ до 19 век, кружеле приказни дека припадниците на народот Батак се човекојадци кои ритуално ги јадат непријателските војници и криминалците. Меѓутоа, некои „шокантни детали од канибалистичките обичаи можеби ги додале и самите за да ги одвратат другите народи од нивната земја“, вели Ленард Ј. Андаја, професор по историја. Како и да е, „во 19 век, холандската колонијална влада го забранила канибализмот на териториите под нејзина контрола“, стои во книгата Батак — народите на островот Суматра (The Batak—Peoples of the Island of Sumatra).
Припадниците на народот Батак биле анимисти и прифатиле голем број богови и духови. Освен тоа, имале жртвени ритуали, држеле спиритуалистички сеанси, гатале и се занимавале со магија. Пронајдени се записи од уроци, табли за гатање и формули за лечење напишани на кора од дрво долга и до 15 метри, свиткана како хармоника во еден вид книга. Се ткаеле и богато украсени свети ткаенини за заштита од зло и за претскажување на иднината.
Според некои документи, првите западни мисионери кои го посетиле народот Батак биле баптистите Р. Бартон и Н. Вард, кои дошле тука во 1824 год. Десет години подоцна, додека холандската војска се обидувала да окупира некои делови од Индонезија, двајца други мисионери, Американците Х. Лајман и С. Менсон, се осмелиле да навлезат на територијата на народот Батак, но по кратко време биле убиени. Најверојатно истото ги снашло и двајца католички мисионери кои ги занемариле предупредувањата да не влегуваат во потенцијално опасните зони.
Меѓутоа, германскиот мисионер Лудвиг Номензен, кој почнал да ја шири верата меѓу народот Батак во 1962 год., преживеал и постигнал значителен успех. Всушност, многу од мештаните сѐ уште го почитуваат. Денес, поголемиот дел од овие жители се со христијанска вероисповед, а останатите се претежно муслимани или анимисти. Меѓутоа, многумина сѐ уште се држат за некои аспекти од своите традиционални верувања.
Пристигнува вистинската добра вест
Околу 1936 год., Јеховините сведоци пристигнале на подрачјето на кое живее народот Батак со цел да ја пренесат добрата вест за Божјето Царство за која Исус претскажал дека ќе се проповеда „по целиот свет“ (Матеј 24:14). Многу припадници на овој народ ја прифатиле оваа библиска порака и го отфрлиле суеверието. Денеска на ова подрачје има околу 30 собранија на Јеховините сведоци. (Види ја придружната рамка.)
Додека заедно со сопругата разговараме за добрата вест со луѓето на ова подрачје, честопати среќаваме туристи кои се одушевуваат на величествените глетки и на пријатната клима околу езерото Тоба. Од срце се сложуваме со нив. Но, би додале и дека вистинската убавина овде се луѓето — срдечните и дружељубиви припадници на народот Батак.
[Рамка на страница 17]
СТУДЕНО ЕЗЕРО СО ОГНЕНО МИНАТО
Езерото Тоба е долго 87 и широко 27 километри. Може да се рече дека тоа е најголемото кратерско езеро во светот. Во него има доволно слатка вода за целата површина на Обединетото Кралство да се најде под 1 метар вода. Сместено среде зелените вулкански врвови кои се дел од планинскиот венец Барисан, ова извонредно езеро е сон за секој фотограф, гледано од која и да било страна.
Езерото настанало по една или повеќе силни вулкански ерупции кои, според научниците, биле меѓу најбурните во историјата на Земјата. Со текот на времето, гигантскиот кратер се наполнил со вода, и така настанало денешното езеро Тоба. Подоцна, дното на езерото се кренало, со што се оформил и прекрасниот остров Самосир, кој има површина од околу 647 квадратни километри — приближно еднаква со површината на Република Сингапур.
[Рамка на страница 18]
РАЈ СО УМЕРЕНА КЛИМА
Климата на езерото Тоба е неочекувано студена, ако се земе предвид дека лежи на околу 300 километри од екваторот. Причината е тоа што ова езеро се наоѓа на надморска височина од 900 метри. Во овој рај со умерена клима, палмите и боровите растат едни покрај други.
Езерото претставува еколошка граница за многу животни. На пример, на неговиот северен брег може да се најдат орангутани, гибони и Томасови лангури, а на јужниот малајски тапири, тарзиери и суматриски сурили.
[Рамка/слика на страница 19]
БЕВ БАЈАЧКА, НО СЕГА СУМ ВИСТИНСКА ХРИСТИЈАНКА
Нурсиј порано била дукун, збор што народот Батак го користи за бајачка. Таа лекувала, истерувала зли духови и комуницирала со „мртвите“ со помош на магии.a Заработувала многу од тоа. Но, иако се занимавала со спиритизам, била угледен член на локалната протестантска црква.
Нурсиј била изненадена кога дознала од Јеховините сведоци дека Божјето име е Јехова (Псалм 83:18). Подоцна, во Библијата прочитала дека многу луѓе кои станале верници во првиот век престанале да се занимаваат со магија и ги изгореле своите спиритистички книги за да му служат на Бог на прифатлив начин (Дела 19:18, 19). И покрај силното противење, таа решила да го направи истото, со цврста доверба во Исусовата изјава: „Вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).
Денес, Нурсиј и нејзиниот син Бесли се крстени Јеховини сведоци, а нејзиниот сопруг Ненгкус редовно оди на христијанските состаноци. Таа вели: „Откако почнав да му служам на Јехова, животот ми стана многу поубав! Додека бев дукун, имав силна желба да ја знам вистината. Сега сум навистина задоволна“.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Што вели Библијата: Кои се демоните?“, на страница 20.
[Слика]
Нурсиј заедно со сопругот и синот
[Карти на страница 16]
(Види во публикацијата)
Суматра
Езерото Тоба
[Извор на слика]
Врз основа на фотографија на НАСА/Visible Earth imagery
[Слика на страници 16 и 17]
Глетка кон Езерото Тоба од падините на планината Пусук Бухит
[Слика на страница 18]
Водопадот Сиписописо кој се наоѓа на северниот крај од Езерото Тоба паѓа од висина од 110 метри