Кроткото, но силно шетландско пони
● Ако некогаш си бил во зоолошка градина, можеби си видел, па дури и си јавал шетландско пони. Како што покажува и неговото име, шетландското пони потекнува од Шетландските Острови кои се наоѓаат североисточно од Шкотска. Всушност, археолозите кои работат таму ископале коски од пони коњчиња стари неколку илјади години.
Шетландските понија лесно може да се препознаат по кратките нозе, по долгата грива и опашка, како и по густото зимско крзно кое ги штити од студот во нивната татковина. Обично се високи од 70 до 107 сантиметри, а бојата најчесто им е црна или темнокафеава. Официјално, достигнуваат максимална висина од 107 сантиметри, со исклучок на американските шетландски понија, чија максимална висина е 117 сантиметри.
Иако имаат низок раст, шетландските понија се силни. Всушност, во споредба со големината, тие се најсилната коњска раса. Од таа причина, во минатото се користеле за влечење тресет, за орање и за работа во јагленокопите, во чии тунели можеле да се движат само мали животни. Многу од нив го минале целиот свој век во рудник без да видат бел ден.
Ако исправно се дресираат, шетландските понија се питоми и послушни, па затоа се идеални за деца. Овие животни беа користени за терапија на инвалиди, која се покажа многу успешна, најверојатно благодарение на нивниот добар нарав.
Бидејќи се многу мили и можат да се приспособат на најразлични околности, шетландските понија се извезуваат низ целиот свет. Исто така, основани се многу клубови, а им се води и генеалошка евиденција. Но, името на овие животни сѐ уште е поврзано со островите од кои потекнуваат, каде и понатаму се одгледуваат чистокрвни шетландски понија со исклучително здравје.
[Слика на страница 24]
Во споредба со големината, шетландските понија се најсилната коњска раса
[Извор на слика на страница 24]
© S Sailer/A Sailer/age fotostock